На денешен ден е роден Блаже. Блаже Конески. Горостасот на македонската култура, наука, нација! Точно пред 102 години, во с. Небрегово, Прилепско. Човек сè: книжевник, писател, поет, научник, истражувач, есеист, историчар на книжевноста, критичар, филолог, лингвист, предавач, професор, академик, кодификатор на македонскиот книжевен јазик… Џин, Марко Крале на словото! Од каде ли таа сила во тебе, од каде таква големина, „џуџе“ огромно!? Да не би да сите нè прелага дека силата може да се одземе!? Како ли те додржа таа сила сиот твој живот!? Што ли те водеше, што те мотивираше!? Како ли издржа!? Научи нè како да издржиме!
Пред некој ден, на еден настан во МАНУ, се сретнав со мојот драг професор Ивица Џепаровски, кој во таа пригода, патемно ми обзнани дека го исполнил својот долг: напишал студија за двајцата негови учители: Блаже Конески и Георги Старделов. Иако книгата сè уште е непромовирана, бев нетрпелив да ја имам, па го замолив, по завршувањето на настанот, да се врати во Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет и да ми ја даде. Тоа и го стори. Така и сторивме. Се вративме, ми ја подари, а јас в часот се фрлив на читање. Сум ја немал таа чест Блаже да ми биде учител, но сум ја имал привилегијата да бидам последната генерација на Филозофскиот факултет, Институтот за филозофија, кој слушаше предавања по Естетика кај академик Старделов. Бев почестен и во 2019 г. кога академик Старделов зеде збор и на промоцијата на мојата книга во МАНУ. Во таа смисла, Блаже и Старделов беа и пресилен мотив за да не можам да додржам и да ја дочекам планираната промоција на книгата на проф. Џепаровски, „Два опита (Конески и Старделов)“, и да ја имам веднаш.
Таа беше и мотив за денешната колумна за и во чест на Блажета. За радоста што сме го имале, но и за јанѕата што го/ги немаме! Ако го слушаме пророштвото на еден друг наш великан Петре М. Андреевски, јанѕата веројатно е на место. Еве што посакува тој: „Блаже Конески беше најмаркантната личност на нашиот културен простор. Светски поет и лингвист, најбогатата библиотека собрана во еден човек… Блаже умре и нека му е лека земјата. Дај Боже барем на сто години да ни се раѓа Блаже Конески!“. Според желбата на Петрета, во 2021 година би требало да биде роден нашиот нов Конески!
Да не би да е доцна Петре!? – ете таа јанѕа ме јаде! Можеби сто години е навистина некакво „природно“ раздобје во кое навистина земјата раѓа вакви величини, но што во меѓувреме!? Особено што во ова време? Што денес? Читајќи ја книгата на Џепаровски и читајќи го Конески, постојано ме мореше таа мака: како бре досега оваа нација не изроди некој Конески кога најмногу ни требаше! А каков? Таков што како и тој и Старделов ќе бидат „обвинети за македонизам“ (како што е насловен предговорот кај Џепаровски)! Еден да се најдеше во овие триесет и кусур години да беше возбуден, вознемирен, восхитен, инспириран, воден, обвинет и суден за таков грев како македонизмот!
И тоа се прашувам, како бе Блаже најде мотив да „биде Македонец“, не само сето свое творештво, ами сиот свој живот да го посвети на татковината!? Од „Мостот“ (1945), преку „Везилка“, „Стерна“… родољубието е централна инспирација за Конески. Како на Конески „му навираат солзи, и му иде да плаче ко дете“, кога ќе ги слушне звуците на „Тешкото“, но и на целата таа генерација повоени творци. „Тешкото“ е мотив и кај Конески, но и кај Мартиновски. Тодор Скаловски компонираше „Македонско оро“, Трајко Прокопиев го постави балетот „Лабин и Дојрана“… Родољубивите мотиви се присутни кај речиси сите творци од оваа повоена генерација. Да, разбирам дека тоа е генерација што штотуку излегла од војна, дека мотивите биле сигурно далеку посилни од денешните мирновременски услови. Но дали е така и денес? Дали нашата егзистенција не е загрозена денес далеку повеќе од тогаш. Дали денес нашиот идентитет е под помал напад од тогаш? Дали оспорувањата, пропагандите и соседските аспирации не се исти, та дури и поголеми?
И како бе, при вакви околности, денешниве творци не најдоа за потребно да се посветат на родољубието? Не, не зборувам овде за ангажирана уметност, не зборувам за некаков нов соцреализам, за диригирано творештво. Оние што слушале кај мене Естетика на програмата Класично сликарство при УГД-Штип, знаат каков жесток поборник сум на ларпурлартизмот, што секако не му прилега на еден левичар, но јас сум пред сè аристократ на духот, за кој уметноста е повеќе и повисоко од сето земно! Затоа, не, не застапувам никакво ангажирано творештво, туку само ги прашувам денешните творци дали некој, ко и Конески посака да узнае „како да се роди проста и строга македонска песна“!? Дали некој сети во душата ко што Конески сети дека „душата, чиниш, на родот мој мачен во тешково оро се уткала сета“!? Дали само сети, посака со мастило – крв да се оддолжи на татковината!?
Јас навистина не сум детален професионален проследувач на македонската книжевност, но не можам да се сетам македонски автор, од осамостојувањето до денес, да посветил, не цело творештво или цел живот како Конески на татковината, ами барем период од својот творечки опус. Ако грешам, нека ме исправат читателите зналци и нека ми простат. Но сепак ми стои впечатокот дека, еве, 30 и кусур лета по живеењето на вековниот сон за слободна и независна Македонија, никој нема таков жар за татковината како Конески и другите „обвинети за македонизам“.
Па се прашувам, недостојна ли е оваа денешна Македонија за нашите писатели, поети, уметници, скулптори, сликари…, та толку никој да не почувствува да посвети, како што реков – можеби не цел живот, како Блаже, не цело творештво како Блаже, ами барем период, фаза од својот творечки подвиг!? Толку ли нашиот „изам“ е полош од туѓите „изми“!? Толку ли е ненспиративен македонизмот, наспроти сите други белосветски „изми“!? И знам, тука сега ќе се вознемират сите оние што творат во рамките на тие туѓи „изми“ и ќе ме обвинат за реакционерство и конзервативизам. Дури и уште полошо за „патриотизам“! Да, кај нас тоа е обвинение, а македонизмот дијагноза.
Да се надеваме дека Петре М. Андреевски бил прав, дека во 2021 точно на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во ова парче земја се родил новиот Блаже, низок во растот, џин во духот, кој повторно ќе ги подметне плешките и несебично ќе се даде за да ги постави новите културни и национални темели во согласност со духот на времето. Таков дух, со неисцрпна творечка енергија, способен за толку големи потфати навистина се раѓа еднаш во сто години. Дај Боже да сме ја имале таа среќа, да сме родиле втор. А на овој горостас, вечна му слава!
Трајче Стојанов