Капитализам (1)
- Дали во овој систем сте среќни? Среќни или не, терајте го животот. А одговорот „да“ или „не“ зависи од парите – зарем не? Тоа е кодот. Дали е посреќен оној во пештера или во јахта? Одговорот ќе го добиете на излезот од животот. Во меѓувреме се наоѓате во колосеум на судири. Судирот е чедо на природата
- Капитализмот не постои од 16 век, туку од многу, многу порано. Овде би ги препорачал книгите „Cambridge History of Capitalism“, сите книги на Најал Фергусон, а други ќе споменам понатаму. „Копањето“ по содржината нѐ води дури до неолитот, кога постои примитивна поделба на трудот, со тоа и размена, а со тоа и асиметрија на добивката. Фројд оди дури и до животинскиот свет
Во почетокот беше зборот („логос“), а потоа капитализмот. Тоа е рај каде да имаш морал, а маката е обврска. Расправаме за „правди“ или „неправди“ на овој или оној капитализам, правиме партии, а не го знаеме значењето. Човек се вози со авион, а не мора да знае како е направен. Дали во овој систем сте среќни? Среќни или не, терајте го животот. А одговорот „да“ или „не“ зависи од парите – зарем не? Тоа е кодот. Дали е посреќен оној во пештера или во јахта? Одговорот ќе го добиете на излезот од животот. Во меѓувреме се наоѓате во колосеум на судири. Судирот е чедо на природата. Судирот е примитивизам на сите времиња. Простото, на пример храна или вода, е природа, а манипулацијата е капитализам. „Претвори ги камењата во леб и човештвото ќе трча по тебе како стадо овци, благодарни, тресејќи се да не ја тргнеш раката и им го одземеш лебот“ (Достоевски „Големиот инквизитор“). Не одиме длабоко во теоријата на капитализмот, што е работа на експерти и е опишано во стотици книги. Нѐ интересира обичниот живот, секојдневен, дома, на улица, на работа, во театар, изложба, во семејството, на годишен одмор, празник – секаде. Тоа е „теорија на лебот и улицата“ плус малку култура. Јас сум „уличар“ на теоријата – стритсмартер и диверзант на посакувања. Според речникот на „Оксфорд“, „капитализам е економски систем каде што капиталните добра се приватни, а индивидуите се слободни да ги користат за профит“. Гледате? Одма се појавија две фикции – капитал и слобода! Нема да зборуваме за недостатоци на оваа дефиниција. За мене капитализмот е асиметрија на моќта врзано за одредени способности. Па сега се поставуваат две прашања (за понатаму) – што е тоа „моќ“ и што е „асиметрија“? Во природата ништо не е еднакво и постојат дистрибуции. Дистрибуциите – економски, социјални и политички – ги детерминираат системите. Најблиску до природата се капитализмите. Сѐ е капитализам сега. На пример, продавница. Зошто? Бидејќи продавницата е нечија сопственост од што некој живее и можеби профитира. Значи, продавницата е капитал, а сопственикот е капиталист. А ако е државна? Тоа е државен капитал и капиталистот е државата. А ако е на корпорација (група што поседува акции)? – Па тоа е корпоративен капитализам, можеби најчеста форма денес. Ако сме незадоволни нешто во животот, велиме дека „виновен е корпоративниот капитализам“. Другпат велиме „виновен е либералниот капитализам“. А знаете ли што е значењето на термините? Па дури и некои играчи не знаат. Не верувате? Прашајте ги за Фридман, Фон Хајек, Бјукенан, Репке, или Онфреи, Земур, Зубоф, Бенхабиб, Џим Симонс, Финк… уффф! А зошто да знаат ако и без тоа ве манипулираат? А казна? Што е казна? Важна е? Зошто Сократ бил осуден на смрт? – Поради „безбожност“ – „асебеиа“, а тоа ти е поставените богови и „измислувал“ свои. Демек не се поклонил на диктатот. Во наше време не смееше да ги критикуваш Тито и неврзаноста. Сега ако го критикуваш капитализмот на Сорос, може да те викнат на распит (знам случај). Дали може да имаш многу, а да не си капиталист? Може – ако наследиш или се омажиш за милијардер. Ако имаш богатство, ќе ти го земат (држава, мафија, банки, разни форми на сила) – па не радувај се многу. Што е систем, а што пљачка? Кој „демократски“ систем стои зад холокаустот? Кое злато оди во Украина? А може ли да бидеш селски капиталист? Може – „земјоделски капитализам“. Постои и „биокапитализам“, „транскапитализам“, егзистенцијалистички (Сартр – во „хорор на слободата се предаваш инаутентично“, „пекол се другите луѓе“), исламски, маркетиншки, комунистички и футуристички. Дали во комунизмот има капиталисти? Да. Кина има најмногу милијардери, а е „комунистичка“. А дали во кибуците има капиталисти? Ммммм, е па ќе мора да размислам. Дали капитализмот е добар или лош? Хммм, ние во школо (Југославија) учевме дека е „лош“, бидејќи некој некого експлоатира, а сега без објаснение велиме дека е „најдобар“. Порано ни велеа „капиталистите се банда“.
Истите тие сега велат „комунистите се банда“. Партијата диктира. Што е партија? – Толпа измеќари на лидерот. Кој е лидер? – Измеќар на повисок лидер. Кој е повисок лидер? – Инструкција од систем, служби и пари. Секој систем во основа е интерес. Секој систем е капитализам. Да се разбереме – биолошката основа на постоењето е „јас“ („его“) – себештина и конфликт – „агон“ (Сократ). Групата постои заради некој со „големо его“ и дејствува (користи, убива, помага) и со егото преживува. Ако група дејствува како „его“ ја викаме класа или каста, нација, вера, хорда, банда, јато, клан, вектор, дигитална мрежа, фамилија, рој, оркестар, систем, социјализам, капитализам, фашизам, џихадизам, дарвинизам, категорија, праведност, неправедност, еволуција… оди еден, други по него. Кој е тој еден? Силниот – лидер, програм, код (нобеловецот Конрад Лоренц вели „етологија“). Многу книги ќе прочитате, многу нешта ќе искусите, сѐ ќе знаете и на крајот ќе сфатите дека околу општеството и бизнисот сѐ е едно. Тоа сега го викаме капитализам, а утре можеби со друго име. Гледате – до вчера сите викаа „ураааа“ за либералкапитализмот и пазарната економија, а сега истите тие викаат за „суверенитетот“ – а поим немаат што значат и двете и што е задната намера (Гери Генслер, Антонио Нагри, Бранко Милановиќ, Трамп, Земур, Ле Пен). Зборот се менува, а смислата е иста = кој ги има парите! Значи капитализмот е заедница каде што едни се „поспособни“ и ги искористуваат „понеспособните“. Користи за да не те користат. Точка. Теоријата за „праведен систем“ е глупост – на крајот ќе сфатиш дека си дебело искористен. И што е закон? – Историска шанса за слабиот да се зачува од јакиот, а јакиот да го добие своето. Законот е суровост против хоророт од беззаконие. Во спротивно оди во нешто што се вика Голи Оток, Апартхејд, Аушвиц или аутсајдерство. Каков „закон“ е Европа? Европа денес е одмазда на „угнетениот“ кон „угнетувачот“, затоа што досега било обратно – Јужна Африка или Америка, чија иднина е џихадизам (Њујорк е почеток). Денес на чело на британските градови се џихадисти. Џихадизмот е копнеж за одмазда кон апостатите и алиенираниот капитализам. Додека јудео-христијанството војува меѓу себе – џихадистот расте и кога ќе дојде на врвот – мрак (Хантингтон)! Европа е агенда за оружје и џихад, „капитоцид“ – антиадиабатија (Heghammer, L.Napoleoni).
Кој го измисли зборот „капитализам“. Сите мислат Карл Маркс, но не е точно. Авторот е Луј Блан (1811-1882), француски правник, новинар, социјалист и во книгата „Организација на работата“ велел „од секого според можностите, за секого според потребите“. Можеби ова би била корисна мисла за иднината, но сега не важи. Маркс обемно го користел терминот „капитал“, а многу ретко „капитализам“. Тој ги разработил (не ги измислил) поимите класа, труд, алиенација, профит („вишок на вредност“), експлоатација, историски материјализам, дијалектички материјализам и револуција. Овие се курикулум и закон за нобеловецот Пол Самуелсон. А термините меркантилизам, слободен пазар, невидлива рака, поделба на трудот, комерцијално друштво, размена, лесе фер, апсолутна предност… магнатот Адам Смит. Е па, тоа може да е сѝ за денес. Ама ајде да позборуваме уште малку. Според речникот на „Оксфорд“, зборот „капитал“ е од 13 век, доаѓа од латинскиот збор „caput“ (значи глава, а капитал е главен град или нешто најважно), а вториот падеж „capitalis“ значи нешто што ѝ припаѓа на главата. Тоа е „главнина“ и тој што ја поседува е капиталист – главен. И денес тој што ги има парите (капиталот) – тој е држава, економија, војна, армија, индустрија, религија, школство, земја, информации итн.
Бурдје зборува за „културен капитал“. Сартр вели човек од „праксис“ станува „ексис“ (од свесно слободен станува предмет) – „праксис инерт“, или апсурд (Ками). Копнежот е недостаток (Лакан) и основа за алиенација, која е „кодификација“ на копнежот (детериторизација, машинизација). Алиенација во одење кон крајност е „шизофренизација“ (Делез-Атари). Копнежот е мака, а задоволувањето е досада (Шопенхауер). Таа копнеж-досада доведува до нов извитоперен копнеж (на пример кај Нерон, Калигула, Абалабалус, антиноминализам, летален џихадизам, стар и нов сатанизам). Епштајнизмот (немој да мислите дека не постоел кај нас) е искривен копнеж претворен во профит. Сатанизмот е антички, а сега е изменет остаток од гладијаторите. Кој измислува ЛГБТ-фамилии и деца, педофилии, анимализми, наркоимперии, џихадо-империи, нацизми, екстремни левичари, Гладио, постхуманизми, сатанизми итн.? Системот! „Епштајноиди“ се алтерексплоатации („vulture capitalism“, „канибалистички капитализам“, книги на Ненси Фрејзер и Грејс Блејкли). Хемингвеј вели „капитализмот прво паѓа постепено, потоа нагло“. Од 1980-тите општиот развој расте, а стандардот паѓа. Во Британија има над 14 милиони сиромашни, а во САД речиси 40 милиони. Кај нас по дефиниција „длабоката сиромаштија“ се проценува на 22 отсто.
Капитализмот не постои од 16 век, туку од многу, многу порано. Овде би ги препорачал книгите „Cambridge History of Capitalism“, сите книги на Најал Фергусон, а други ќе споменам понатаму. „Копањето“ по содржината нѐ води дури до неолитот, кога постои примитивна поделба на трудот, со тоа и размена, а со тоа и асиметрија на добивката. Фројд оди дури и до животинскиот свет, со еден интересен пример: во група мајмуни еден е најсилен, ги сака сите женки за себе и ги истерува другите со сила. Тие „заговараат“ и групно го напаѓаат при што може и да го убијат. Тоа е „социјална револуција“, зар не? Некои го викаат анимален марксизам. Со појавата на урбанизмот (Урук, Ур, Нинива, Вавилон, Харан) се појавува и она што денес го знаеме како „класи“. Класа доаѓа од латинскиот „classis“ што значи група или „кластер“ – купче, а економско-социјалниот феномен постои со милениуми порано. Урбанизамот покрај класи и вишоци, конфликти и декаденции се мери со пари. Излез од класно во бескласно општество се Абрахам (од Харан) и Мојсиевиот егзодус од Египет (градот Питон). А Исус? – Излез од себство и ропство. Значи, во почетокот е еднаквоста, потоа нееднаквоста, а потоа војните. Ако престанат војните, ќе заврши и историјата, како вели Фукујама.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
(продолжува)































