Колку сме образовани или со какво образование сме

Постојано се говори какво образование имаме. Постојано се говори какви стручни лица ни се потребни. Постојано се говори какви закони за образование имаме. Постојано се говори какви програми во сите степени на образование имаме. Постојано се говори какви образовани луѓе имаме. Постојано, а особено во последно време, се прашуваме какви учебници имаме. И да не набројувам уште што сѐ имаме, но да се прашаме колку и какви луѓе имаме, во контекст на нивниот степен на образование.
Затоа секоја земја се грижи и посветува големо внимание да има солидно образование, кое ќе подготвува кадар што ќе биде стручен, квалитетен, совесен и ќе одговара на современите технологии и иновации.
Знаеме дека нашата земја има соодветни закони за сите степени на образование, започнувајќи од основното, средното и високото образование, а секако и за повисок степен на образование, за магистерски студии и докторски науки. И сето тоа е во ред, бидејќи значи посветуваме доволно внимание. Меѓутоа сега би се осврнал и би посветил внимание на тоа со какво образование е нашето население врз основа на расположивите податоци, кои се собираат како на годишно така и на десетгодишно ниво.
Податоците на годишно ниво можат да се следат од аспект колку ученици имаме во основното и средното образование, колку паралелки, колку училишта имаме, колку наставници имаме, колку ученици имаме по одделенија и класови, колку ученици завршиле одделение, колку ученици завршиле основно и средно образование и колку од нив се запишале на повисок степен на образование итн. Истовремено може да знаеме колку имаме на годишно ниво запишани студенти, колку има во државата вкупно студенти, колку дипломирале, и за сите нив податоците се по пол, возраст, на кој универзитет или факултет се одвиваат наведените активности итн. Сето тоа придонесува да ги знаеме состојбите и на оние студенти што се на магистерски и специјалистички студии, како и оние на докторски науки.

Со сето наведено досега сметам дека имаме доволно сознанија за состојбите во системот на образование од најниското до највисокото образование во земјава. Но затоа сакам да нагласам дали сето она со кое располагаме како податок го анализираме, коментираме, вадиме заклучоци, преземаме мерки и активности и бараме решенија.
Од тој аспект сосема накратко, бидејќи за темава се потребни многу внимание и време, со длабински анализи, за да се констатираат состојбите. Затоа сега сосема накратко како прво дека бројот на учениците и училиштата во основното и средното образование со децении се намалува, и тоа не со неколку, туку со илјада и неколку ученици и училишта, а бројот на паралелки и наставници се зголемува. На високото образование се зголемува бројот на дипломирани, магистрирани и докторирани. Податоците се однесуваат на состојбите во земјава, бидејќи не располагаме со податоци колку наши државјани се школуваат и образоваат надвор од нашава земја или т.н. во други земји.
Натаму ќе коментирам и моите анализи ќе ги изнесам за состојбите во земјава за степенот на образование на резидентното население, а тоа е население што живее во нашава земја според спроведениот попис на населението во септември 2021 година.
Според тој попис, во земјава имало 1.836.713 жители, од кои население над 15 години било 1.525.366 жители, или неговото учество во вкупното било 83 отсто. Ова го напоменувам бидејќи според стандардите, дефинициите и меѓународните препораки степенот на образование се пресметува за население на возраст од 15 и повеќе години. Во пописот во 2002 година учеството на ова население било 79 отсто во вкупното, што значи населението старее и неговото учество е поголемо.
За да добиеме претстава какво население сме имале според образованието, сосема накратко ќе ги набројам нивоата, бидејќи за подетално нешто е потребно многу пишување, кое е за други намени и институции.

Население без образование во 2002 година сме имале 67.358, или 4,2 отсто, а во 2021 година 23.192, или 1,5 отсто. Од нив, најголем број биле во Куманово, Шуто Оризари, Гостивар, Тетово итн. Со незавршено основно образование биле 219.507, или 13,7 отсто во 2002 година, а 62.129, или 4,1 отсто во 2021 година, во Куманово, Битола, Тетово, Гостивар, Гази Баба, Чаир итн. Со завршено основно образование биле 559.082, или 35,0 отсто во пописот во 2002 година, а во 2021 година биле 423.456, или 27,8 отсто од населението на возраст над 15 години. Население што имало завршено средно образование во 2002 година било 588.554, или нивното учество било 36,7 отсто во населението, а во 2021 година тоа изнесувало 672.375, или 44,1 отсто. Со високо образование во 2002 година имало 154.383, или 9,7 отсто, а во 2021 година такво население имало 263.349, или 17,3 отсто, што претставува добро зголемување на високообразован кадар. Населението со повисок степен на образование, покрај со високо, и со магистерски и докторски титули многу брзо растело во бројноста, така што од 2.783 магистри според пописот од 2002 година, во 2021 година имало 29.654, а доктори на науки од 2.069, сега има 6.037. Од сето ова што може да се забележи и анализира, може да се констатира дека населението се стекнува со сѐ повисок степен на образование, и тоа особено кај високото образование, како и кај стекнатото образование за магистранди и доктори на науки. Зошто го велам ова? Затоа што за пократок временски период имаме енормно зголемување на титули. Добро е да се анализираат временскиот период, возраста, видот на универзитетот или факултетот, општината, регионот и други карактеристики што ги имаме на располагање. Зошто го велам и ова? Затоа што просечно годишно со степен на магистратура се стекнуваат околу 2.000, а во некои години до 2.500, а со докторати околу 200 годишно, а некои години и околу 250. Секако, не се за занемарување и дипломираните студенти на годишно ниво, чиј број во последниве дваесет години се движи од 8.000 до 10.000.

Сметам дека направените анализи треба да побудат интерес во јавноста, особено кога би се анализирале и пошироко на ниво на регион, по општини, па и по населени места, како и по други карактеристики, за да се добие поцелосна слика и претстава не само за тоа туку и на кој универзитет, факултет, група, отсек се тие случаи. Зошто? Затоа што земјава треба да знае со каков степен на образование располага резидентното население во земјава и на каков кадар треба да се мисли за иднината, што е важен сегмент особено за бизнис-секторот. Меѓутоа не треба да се заборави и тоа дека станува збор и за вработување во јавниот сектор, како и вработување во државната администрација, не по правична застапеност и балансер, туку по мерит-систем и оценки, стручност, квалитет, одговорност, способност, тест и други карактеристики. И, пак, зошто? Затоа што имаме доволно дипломиран и високообразован кадар, кој може успешно да се вклопи во процесот на работа, а со тоа би добиле и солиден квалитет на сите процеси и производи.