Во изминативе триесет години, македонското општество како да доживеа морален крах, а нашите морални вредности повеќе личат на Ничевите, отколку на христијанските традиционални вредности, кои велат љуби го ближниот свој.
Во секоја околност и можност како да ги ставаме личните над заедничките интереси, а некои во нашето општество се однесуваат како да се над нештата, без да ги согледаат последиците од тоа. Македонија е една од најсиромашните
држави во Европа, затоа што никој не се грижи за интересите на заедницата, општеството или државата
Некои велат дека моралот е релативно нешто, објаснувајќи дека она што во очите на еден човек е правилно однесување, за друг човек, всушност, е неморален чин. Овие мислители исто така велат дека моралот може да биде и ваков и онаков, тргнувајќи од концептот за непостоење на човековата природа, односно дека моралните вредности и постапки кај една личност се условени и не се дадени еднаш засекогаш. Овој начин на расудување во филозофијата стана актуелен со Фридрих Ниче, кој ги превреднува моралните европски вредности. Тој ги отфрли христијанските вредности, бидејќи христијанството за него беше една ропска идеологија, идеологија што го задушува потенцијалот на човекот. Во овој контекст треба да го разбереме и неговото искажување дека Бог е мртов.
Ниче во центарот на својата филозофија го постави егото, велејќи дека човекот треба да го прави она од кое ќе има долгорочна полза и корист. Полемизирајќи самиот со себе, велеше дека не секоја индивидуа може да биде човечко суштество. За Ниче, човекот е оној што самиот ги создава моралните вредности и како таков има право да владее со другите. Другите се само робови и како такви треба да ги задоволуваат потребите на господарот. Со други зборови, човекот (господарот) не избира средства за да ги оствари своите цели и намери, за него не постојат законите, тој е над нештата, тој е супериорен над другите. Затоа господарот може да лаже, присвојува, убива, силува и сѐ така до бесконечност, бидејќи тој е законот и нормата.
Мораме да напоменеме дека по Втората светка војна, неколку светски интелектуалци ја посочија поврзаноста на Фридрих Ниче и нацизмот. Тие расудуваа дека Ниче извршил големо влијание во нацистичката идеологија, особено неговото видување за супериорноста на господарите и нивното право да постапуваат како што сакаат, во согласност со потребите.
Сега да ја оставиме филозофијата и да се насочиме кон археологијата. Можеби некој ќе нѐ запраша зошто археологијата и каква е нејзината поврзаност со моралните вредност и човековата природа. Во изминативе децении, археолозите направија епохални откритија, откритија што придонесоа одново да се размислува за настанокот на човековата цивилизација. На Блискиот Исток, особено во Мала Азија, беа откриени најстарите постојани живеалишта на луѓето, а нивната старост се проценува дека е околу 9.000 години пред нашата ера.
Кога археолозите и историчарите ги истражуваа овие локалитети, забележаа дека нема градба што симболизира власт. Со други зборови, не постоела хиерархија и не постоел односот господар – роб. Многумина се зачудија кога увидоа дека не само што не постојат господари и робови, туку, напротив, првите општества биле егалитарни. Односно, сите луѓе во заедницата биле еднакви во секој поглед. Ако се земат предвид овие археолошки откритија, тогаш е очигледно дека поделбата помеѓу господари и робови е неприродна за човековата природа. Всушност, човекот отсекогаш живеел во заедница и со заеднички труд напредувал низ вековите.
Каде сме ние во оваа приказна. Во изминативе триесет години, македонското општество како да доживеа морален крах, а нашите морални вредности повеќе личат на Ничевите, отколку на христијанските традиционални вредности, кои велат љуби го ближниот свој. Во секоја околност и можност како да ги ставаме личните над заедничките интереси, а некои во нашето општество се однесуваат како да се над нештата, без да ги согледаат последиците од тоа. Македонија е една од најсиромашните држави во Европа, затоа што никој не се грижи за интересите на заедницата, општеството или државата.
Вистина е дека одредени индивидуи имаат одредени предности над другите. Но овие предности се подарени од природата, во оваа смисла еден интелект може да се капитализира во одредена одговорна позиција во општеството или државата. Но тоа не значи дека треба да се злоупотребува таквата распределба во заедницата. Вистинските лидери тргнуваат од интересите на народот и заедницата, затоа за нив се вели дека се државници.
Класичен пример за државничко однесување е оној од Јужна Кореја, по воениот удар во 60-тите години на 20 век. Јужна Кореја беше една од најсиромашните држави во светот, а тоа се должеше на нефункционалноста на државните институциите и корупцијата. Повеќемина Корејци ја искористија состојбата и акумулираа огромно богатство. Војската, незадоволна од политичката и економската ситуација во државата, ја презеде власта, но не ја злоупотреби. Најбогатите луѓе во Јужна Кореја беа повикани пред воената хунта, меѓу кои и основачот на „Самсунг“. Тие пред воените лидери посочија дека ќе се откажат од своето богатство, во замена да не бидат кривично гонети и да бидат ослободени од затворските казни.
Но, напротив, добија понуда што не ја очекуваа. Новата воена власт им укажа дека не само што ќе го задржат нивното богатство туку и ќе бидат ослободени од даноците и ќе добијат финансиска поддршка за компаниите. Единствениот услов што требало да го исполнат бил да ги почитуваат насоките на воената власт во кој сектор да инвестираат. На овој начин „Самсунг“, кој беше текстилна компанија, се видоизмени во моќна глобална корпорација што има интереси во градежништвото или телекомуникациите. Вистина е дека денес во Јужна Кореја постои социјална диференцијација, но обичниот човек има обезбедено работно место во некоја од јужнокорејските компании што се светски брендови.