Кога човекот изврши насилство врз Бога, Месијата побара од Отецот да ни прости велејќи Му: „Не знаат што прават“. Тоа е приказ на Неговото човекољубие, но суштината е мислам во оние зборови што се однесуваат на нас, луѓето. Не знаат што прават. Да не знаеш што правиш значи нешто да правиш, а да немаш поим зошто го правиш тоа. Тоа укажува на фактот дека на оној што не знае што прави, залудно му се дадени свест и совест, љубов, ум и душа. Тој не знае што да прави со нив. Не знае да ги користи. Така станува бескорисен. Не ти е сосема јасно зошто воопшто постои. Ако постои само да врши насилство, а згора на тоа и нема поим зошто такво нешто во суштина прави, се доаѓа до еден морбиден заклучок дека е подобро таквиот да не постои. А за да не постои треба да извршиш насилство, па стануваш како него. И кога ова ќе ти мине низ умот, одеднаш е студено и мрачно, сеедно што Бог е со тебе и ти подава рака. Кога ќе го забележиш, веднаш ќе извршиш насилство врз Него. Како што правиш секојдневно. Одново и одново го распнуваш со своите постапки. Со своето насилство. Извадено од срцето како помисла и спроведено во дело.
Насилството е алатка во рацете на злото. Злото излегува од срцето. Срцето примарно е дом на креативната љубов од која си создаден. Од љубов испразнетото срце е отворен простор каде што се вселува деструктивното зло. Злото лачи омраза. Омразата дејствува преку насилство. Скриено или јавно, вербално или физичко, врз поединци, врз групи или врз цело човештво, спрема тоа што те опкружува или низ целата планета. Проблемот е што злото, омразата што произлегува од него, а дејствува преку насилство, се морбидно глупи категории. Глупоста не знае што прави. Или мисли дека знае. Ама глупоста не може да мисли. Тука е кваката. Злото раѓа омраза, која користи насилство што јава на глупоста и крајниот резултат е направено злодело.
Проблемот на злоделото е што неговата разорна моќ уништува многу повеќе од зацртаната цел на злото во срцето. Циниците што спроведуваат или оправдуваат злодела, ова го нарекуваат колатерална штета. Па така, злото што раѓа омраза кон нечие постоење, спроведе страшно насилство, кое со помош на глупавоста создаде нацистичко злодело наречено Преспански договор, чија смрдлива годишнина помина, а од неговата разорна моќ колатерална штета е македонскиот идентитет.
Уф, Русјаков, добро е, баш нè измори, ама дојде до поентата.
И не само Преспанскиот договор. Војната меѓу Израел и Иран, како и секоја друга војна, е манифестација на злото, а е родена од вековната омраза меѓу два народа што решиле да спроведуваат насилство едни спрема други, нормално додека јаваат врз безумноста на глупоста, со што ќе спроведат монструозни злодела чија колатерална штета може да биде и целата планета.
Имаме и индивидуална манифестација на злото што од срцето извира. Патем, злото е како на модна писта, сака различно да се облекува, па еднаш се дотерува во расистички нацишовинизам преточен во Преспански договор, другпат веднаш става воена униформа на себе и тргнува во воени походи, ама знае и да се разголи во секси бруталност на погрешно разбирање на политиката како средство за уништување на политичкиот противник и тогаш може да се манифестира индивидуално. Такво нешто видовме неделава што заминува.
Да не се разбереме погрешно. Каменот, динамитот, интернетот, па и политиката сами по себе не може да раѓаат зло, туку во рацете на злото создаваат злодела. Оттука, злото облечено во лошо разбрана политика што раѓа омраза спрема политичкиот противник се манифестира преку обид за физичко насилство врз противникот, оти лета на крилата на глупавоста, па нивната крајна цел е злодело во облик на нечија искршена глава, при што колатерална штета е жена што воопшто и не учествува во размената на зла енергија.
Но, злото секогаш има милион оправдувања за своите злодела, кои сака да ги претстави како добрина. Ако ги прашаш овие што го создадоа и спроведоа нацистичкиот договор од Нивици, почнувајќи од „меѓународната“ заедница до оние што го поддржуваат, зошто, по ѓаволите, направија такво злодело, ќе ти одговорат дека направиле добро дело, односно членство на Македонија во ЕУ и НАТО. До ЕУ не стигнаа, оти оние што спроведуваат идентитетски холокауст врз некого сакаат тоа да биде целосно завршена приказна. Ама за да дојдат до „добро“ дело наречено членство во НАТО, започнаа специјална војна против Македонија, рушеа институции, злоупотребуваа туѓи интими, лажеа и манипулираа преку медиуми, експерти, интелектуална бижутерија и пленуми, шуто и рогато тераше шарена револуција, поништија референдумска волја на мнозинството, малтретираа и уценуваа пратеници, спроведоа полициско-политички монтиран судски процес и осудија невини луѓе на триста и кусур години. Ова е исто како да прашаш насилник зошто, монструме, ја претепа и силуваше таа девојка, а идиотот да ти одговори ама само сакав да ѝ покажам колку многу ја сакам, но таа одби да ја прими љубовта.
Со безумно бесмислените и глупи оправдувања за војна, особено оваа најновата, нема да си губиме време. На социјалните мрежи видов кратка шега, која објаснува еден дел од апсурдот на сите оправдувања. Зошто го нападнавте Иран? Има нуклеарна бомба. Па, што не ја нападнете и Русија? Дали си ти нормален, имаат нуклеарна бомба.
А злоделото што се случи во кочанската општина започна кога едниот му кажа на другиот „Ги изгоревте децата“, а овој му врати со „Гомнар“. Јас извлекувам општ заклучок од краткава пројава на интелигенција кај двајцата: гомнари ни ја пеплосаа државата, гомнари ќе ни ја изгорат планетата. Потоа стигнаа оправдувањата. Градоначалникот ни објасни дека овие инциденти се прават затоа што некому не му се допаѓа што под негова управа цвета општината, а извршителот на злоделото се оправда дека бил навредуван на расна основа. Мојот измрцварен ум бидејќи не може да стигне до суштината на овие генијални оправдувања, цинично заклучува, значи требаше да се случи трагедија, тебе да те изберат за конечно општината да процвета и стварно не знаев дека во меѓувреме се појавила и раса гомнари. Страшно.