Со огромни резерви од нафта и природен гас, Иран има потенцијал значително да влијае на светските енергетски пазари. Земјата се подготвува за вонредните претседателски избори – само времето ќе покаже во кој правец ќе ја однесе земјата победникот на овие избори
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој се сметаше за потенцијален наследник на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, загина кога неговиот хеликоптер се урна во лоши временски услови во планините во близината на границата со Азербејџан.
Несреќата доаѓа во време на растечко несогласување во Иран поради низа политички, социјални и економски кризи. Иранските свештенички владетели се соочуваат со меѓународен притисок поради спорната нуклеарна програма на Техеран и неговите продлабочени воени врски со Русија за време на војната во Украина.
Во заднината на регионалната дестабилизација и обновените тензии, особено со Израел, изборот на нов претседател е императив, а смртта на Ебрахим Раиси исто така отвора прашања за идните перспективи на врховниот лидер Али Хамеини за земјата. Иако во согласност со политичкиот систем на Иран претседателот е втора најзначајна позиција во државата, тој е олицетворението на државната администрација и официјалното спроведување на политиките.
Гласачка инертност
Предвремените претседателски избори доаѓаат доста брзо по редовните избори за телото на експерти што го избира врховниот лидер, како и за законодавниот дом, одржани на почетокот на март и мај годинава.
Одзивот на националните избори во Иран беше историски најнизок, што го означи третото гласање по ред во кое повеќето луѓе останаа настрана. Паралелно, конзервативците ги зајакнаа институциите на Исламската Република. Двата тренда заедно го истакнуваат растечкиот јаз меѓу државата и општеството.
Доколку овој јаз продолжи да расте, тоа може да ја загрози стабилноста на земјата. Сепак, за раководството на Иран, најважниот императив е зајакнување на идеолошката комформност и политичката контрола на врвот, односно консолидација на редовите во политичко-религиозното лидерство по загубата на претседателот и министерот за надворешни работи во хеликоптерската несреќа.
Изборите се строго регулирани за да се обезбеди усогласување со владејачката идеологија, и покрај потенцијалните предизвици за легитимност, како што констатира Меѓународната кризна група.
Кој беше Ебрахим Раиси?
Раиси – тврдокорен и верски конзервативен политичар – првпат се кандидира за претседател во 2017 година, но дури на следните избори во 2021 беше избран со 62 отсто од гласовите, иако одзивот беше само 49 отсто – најнизок досега во историјата на Исламската Република, што е доказ за кризата на легитимитетот во која владата сѐ повеќе се наоѓа.
Современик и учесник во речиси сите настани што ја обликуваа судбината на земјата од револуцијата до денес, познат под непопуларниот прекар Касапот од Техеран.
Во 1988 година тој беше дел од комитетот што надгледуваше серија егзекуции на политички затвореници, минато што го направи непопуларен меѓу иранската опозиција и доведе до тоа САД да воведат санкции против него.
Во 1989 година тој беше назначен за обвинител на Техеран по смртта на првиот ирански врховен водач, ајатолахот Рухолах Хомеини.
Раиси имаше силни ингеренции во верскиот естаблишмент, со цврсти односи со покојниот Хомеини, како и со Хамнеи, кој го назначи на неколку високи позиции.
Континуирано потиснување на женскиот отпор
Ебрахим Раиси, меѓу другото, ќе остане запаметен и како претседател под чие водство земјата се соочи со исклучителен отпор на феминистичкото движење. Токму затоа реакциите на неговата смрт на социјалните мрежи беа доста контрадикторни.
Иран наметна строг кодекс на облекување на жените откако револуцијата го зафати владејачкиот исламски режим на власт пред 45 години, обврзувајќи ги да ја покриваат косата и да носат широка облека. Властите го засилија спроведувањето на правилата откако смртта на Махса Амини во полициски притвор во септември 2022 година предизвика големи протести низ целата земја, за време на кои жените отворено го прекршуваа кодексот.
Светот остана стаписан пред сликите на Иранки што извикуваат „Жени, живот, слобода“, водат протестни собири, танцуваат на улиците и ги палат своите шамии додека се соочуваат со вооружени војници. Минатата година иранскиот парламент одобри нацрт-закон за зајакнување на казните за такви прекршувања.
Настаните предизвикаа повеќемесечен граѓански гнев предводен од генерацијата зед, кој накратко го предизвика – но на крајот го охрабри – свештеничкиот режим на Техеран.
– Насилната репресија на мирните протести и распространетата институционална дискриминација врз жените и девојчињата доведоа до сериозни прекршувања на човековите права од страна на Владата на Иран, од кои многумина се еднакви на злосторства против човештвото – констатира Независната меѓународна мисија за проверка на факти во извештајот објавен по повод Меѓународниот ден на жената.
Притаен глобален играч
Стратегиската локација на Иран на Блискиот Исток, сместен помеѓу Персискиот Залив и Касписко Море, го позиционира како клучен играч на глобалните енергетски пазари и регионалната геополитика.
Со огромни резерви од нафта и природен гас, Иран има потенцијал значително да влијае на светските енергетски пазари, особено ако се укинат меѓународните санкции и се искористи целосниот производствен капацитет. Иран инвестира во своите конвенционални воени капацитети и има аспирации за асиметрично војување.
Иранската нуклеарна програма е во подем, а Путин го посочи загинатиот претседател како вистински пријател на Русија. И покрај тоа што се соочи со меѓународни санкции, Иран успеа да ја прошири својата сфера на влијание. Поддршката на Иран за исламистичките милитантни групи беше критичен аспект на неговата надворешна политика.
Создадени со години или децении на иранска поддршка, групите се опишуваат себеси како „оската на отпорот“ на Израел и влијанието на САД на Блискиот Исток.
Оската го вклучува не само Хамас, кој ја започна (повторно) војната во Израел, туку и: движењето Хезболах во Либан; движењето Хути во Јемен; различни шиитски вооружени групи во Ирак; и Сирија.
Што понатаму?
По завршувањето на официјалните денови на жалост, земјата се подготвува за вонредните претседателски избори закажани за 28.6.2024.
Шест имиња се во игра, а ниту еден од кандидатите не отскокнува премногу од конзервативниот курс поставен од претходникот.
Победник на 28 јуни најверојатно ќе биде кандидат што се залага да го задржи Иран на постојната патека, барем додека актуелниот врховен лидер остане на позицијата. Кој ќе го наследи врховниот лидер, позиција што се очекуваше да ја пополни Реиси, ќе дознаеме наскоро.
(Рес публика)