Чудно чувство. Петнаесет години пишувам колумни. Ако се земе предвид дека мојата прва книга „Ме сакаш ли под дождот?“ ја издадов пред четиринаесет години, излегува дека подолго време сум колумнист отколку писател, без разлика што јас пишував и пред да објавам книга. За сите овие години речиси и не сум имал викенд без колумна. Оттука и чудното чувство, како минатиов викенд, кога ѝ јавив на редакцијата дека паузирам зашто ми е потребна зголемена креативна насоченост за да го завршам новиот роман, чувство дека нешто недостасува, нешто сум пропуштил, некоја виша сила направила за миг да ме снема од постоењето, еден вид мини-паника како при состојба кога сте го пропуштиле автобусот за да стигнете на многу важна дестинација или онаа необјаснива вознемиреност кога и на стари години се будите исплашени од мислата дека ќе задоцните на час. Изгледа колумниве ми станале нераскинлив дел од душата.
Од каде тоа чувство на чудна трепетлива вознемиреност поради еднонеделно отсуство или, ако сакате поинаку, од викенд без објавен збор, коментар за стварноста што нè опкружува? Дали ми станало навика или се претворило во еден вид нагон? Станува ли збор за суетата, која си умислува дека секогаш има што да каже, правејќи се паметна? Можеби е зависност од аплаузот на публиката, но и крајно изопачена желба да се добие негативната енергија на оние што не ми ги сакаат текстовите, ме презираат, а јас ги чувствувам. Дали е поради адреналинската страст да се оди по работ на сопствената сигурност, оти врескам за изопачената моќ на оние што ни ги владеат телата, а сакаат умот и душите да ни ги заробат? Поетите знаат дека од стиховите е невозможно да се побегне, оти тие се оган што мора да го исфрлиш за да не ти ја согори душата.
Всушност има од сè по малку гореспоменато, ама најсилна причина е болката. Ме боли светот и јас не знам како поинаку таа болка да ја процесирам, не сум човек што ќе му се истури на првиот сосед или госпоѓата што работи на шалтер, кои во еден момент ја прелеале чашата наполнета со болка од сè што ми се случило претходно, мене кога ме боли љубовта, пишувам стихови, а кога светот ме боли, излегуваат, честопати и без да инсистирам, добро склопени речници чија суштина на крајот, вистина е, добива и аплаузи. Знам, свет звучи некако воопштено, генерализирачки, можеби премногу метафорично, недофатливо, ама светот сме ние, нераскинливо вмрежена енергија во простор и време и колку што ни дава причини да му се восхитуваме, толку силно боли кога сфаќаме дека во него главен збор имаат злото и неправдата, кои така бесрамно се обидуваат да се облечат и претстават токму обратно, како добрина и правда, ама и она најстрашното, дека кај повеќемина успева таа вулгарна травестија.
Значи многу години креативен обид да се превенира болката што светот ја раѓа во душата и го разболува срцето. Успешни или неуспешни обиди, сеедно. Да, бидејќи има болки што светот така брутално ги нанесува што отвораат живи рани кои никогаш нема да се залечат дури и со најсовршено склопените реченици кои претендираат да останат за вечноста. Таква е, на пример, болката од насилната, а плиткоумна промена на името Македонија со тенденција преку неа да се спроведе идентитетски геноцид, административно, но со одвратна закана дека ако се обидеш да си го вратиш постоењето, веднаш те чека и физичкиот холокауст, најавен меѓу редови, ама спремен да се одигра до последната запирка. Го сведочиме сето ова зло, болката од него е неизлечива и тоа, на чуден начин, е добро, оти толку е силна таа болка што нема друг „лек“, освен да се пренесува на сè што тука се раѓа и доаѓа, со надеж дека еден ден вистината ќе ја замени лагата.
Русјаков, тоа што тебе те боли светот, нас нè заболе, знаеш што!
Секако, не велам дека треба да е поинаку, иако, откако тоа ќе го „рече“ на социјалните мрежи (каде што сечие мислење ветрее побрзо од најскапиот парфем) некој пет минути славен твитерџија или фејсбук-активист, знам дека малку потоа, штом туѓата болка е омаловажена, ќе ни вресне дека го боли оградата што власта одново ќе ја стави околу владата, оти ние луѓето такви сме, секој си има ограда околу себе каде што го боли само сопствената болка, а светот, брендиран од моќта во нејзини алишта, добро го знае тоа и ужива во сопствената деструкција или, симболично, администрацијата на злото за секој од нас има отворено шалтер на безумноста пред кој треба да клечиме за да „завршиме работа“ не знаејќи дека така со нас завршуваат.
Вистина е, светот облечен во моќта на злото најсилно боли преку неправдата, која безобразно ни се сервира како праведност. Секој од нас, малечок, едноставен, обичен и по сила на злото убеден дека е глобално безначаен, иако сам по себе во однос на ближниот свој се чувствува позначаен, го боли мала (му се гледа огромна) болка поради нанесена лична неправда, ама постои и болка, да речеме колективна (името), која дејствува на многумина како страшна, од болки, зараза. За ваквите колективни болки, моќта на злото има смислено карантини на безумноста, каде што духовно затворените се пелцуваат со вакцините на манипулацијата и тоа привидно успева, оти болката привидно исчезнува, ама тука се и непослушните, за жал на моќта, кои продолжуваат да ја боледуваат колективната болка што го црвјосува светот, убивајќи ја неговата првична состојба, која е здрава и восхитувачка.
Каква е таа колективна болка за оние што успеале да побегнат од вакцината за манипулација? Боли Џулијан Асанж, зашто затворената вистина мораше да прифати дека е виновна за да триумфира лагата и сега знаеме дека правдата е засекогаш затворена во привидна слобода, зад решетките на неправдата. Болат невино заточените за 27 април поради оној политички монструм од случај и сите ја сонуваме нивната слобода, таа треба да дојде преку аболиција и, да, ќе има слобода, ама не и правда, што значи дека злосторничкото здружување против невиноста ќе биде прогласено за триумф на моќта над праведноста. Боли и онаа, веќе заборавена, пресуда на меѓународниот суд на правдата во наша корист, од моќта на „меѓународната“ заедница прогласена за ништожна, а тоа значи одново моќта ѝ пресуди на вистината. Колективно, веќе споменав, најмногу боли насилната промена на името, идентитетската ликвидација на еден народ, затоа што е спроведена како злосторство против човештвото по кое жртвата мора да прифати дека смртта е живот за неа, а дека убијците се живототворци на умирањето и вистинољупци на лагата. Симболично кажано, оние што се смеат дека воскресението е бесмислица на црковната догма, идолопоклонички ме убедуваат дека ќе живеам по ЕУтаназија.