Проф. Звонимир Јанкулоски
Просто не можам да разберам од каде толкав страв кај власта од слободниот говор. По сѐ што направи за оваа држава на полето на односите со соседите, евроинтеграциите, НАТО-членството, „успешното“ менаџирање на здравствената, а сега и енергетската криза. По сите „жртви“ на власта, зарем гласот на нас малкумина може да ги загрози ваквите колосални, историски успеси?
Не верувам
Еднаш кога власта е посветена на принципот на замолчување на гласот на неистомислениците, има само еден пат по кој може да оди, а тоа е патот на сè порепресивни мерки, додека не стане извор на терор за сите свои граѓани и не создаде земја во која сите живеат во страв. И покрај сета (не)толеранција и просветлување од оваа власт, Македонците го губат фундаменталното право како граѓани на слободна земја: правото да го кажат своето мислење и јавно да го изразат своето мислење без страв дека ќе бидат засрамени, сатанизирани, избегнувани или казнувани.
До каде отидовме како држава: да се плашиш да го изразиш своето мислење. Ако слободата воопшто значи нешто, тоа значи право да им се каже на луѓето она што не сакаат да го слушнат. Зарем можам да барам од дегенерирани умови да го разберат ова. Да барам од лицемери да не бидат навредени од вистината. Или да ги разберат зборовите на Волтер: „Можеби не се согласувам со тоа што имаш да го кажеш, но до смрт ќе го бранам твоето право да го кажеш“. Затоа наместо слобода добивме цензура и казнување за изразено мислење. Кога говорот е задушен или кога неистомислениците се исклучени од јавниот дискурс преку цензура на зборовите и говорот што предизвикува, па дури и вознемирува, општеството создава генерација неспособна да ја цени разликата помеѓу независноста на мислата и потчинетоста.
Да им појаснам на нашиве бројлер-демократи дека слободното општество зависи од слободната размена на идеи. Кога некој ќе каже нешто со кое не се согласуваме, дали треба да го замолчиме? Секако, доколку се во прашање власта и нашите судии. Само кога би знаеле дека во далечната 1927 година, судијата на Врховниот суд на САД (нашиот стратегиски партнер), Луис Брандеис, имал одговор на оваа дилема: „Лекот што треба да се примени е повеќе говор, а не присилна тишина“. Наместо забрана и цензура како што милуваат власта и нејзините деривати, повеќе говор. Гледам дека сѐ повеќе власта наметнува ригидна политичка коректност и поддржува дозволена репресија врз слободниот говор во име на нејзините несфатени прогресивни политики.
Гледам како власта го продолжува притисокот врз говорниците да ги променат нивните ставови, или да го изменат својот јазик директно атакувајќи на слободата на говорот. Што да кажам за социјалните мрежи што нè цензурираат, со тоа што нè прават да се плашиме воопшто да зборуваме: всушност цел систем поддржан од власта е дизајниран да се самоцензурираме, плашејќи ги луѓето да ги изразат своите политички ставови за конкретни теми. За таа цел власта сиве години наместо да користи убедување и реторика за да ги потврди своите каузи и ставови, работи на делегитимирање на личноста што ја води расправата преку „убиство“ на ликот, демонизација и тактики за дехуманизирање. Ова е застрашувачки обид да се замолчи слободата на говорот. Понекогаш се прашувам: дали сум наивен во верувањето дека спречувањето на граѓаните да ја дознаат вистината за сопственото општество е многу поопасна закана за нашата политичка слобода од каква било непријатност што власта би можела да ја почувствува кога ќе се соочи со противење на нивните политики? Нација што избегнува соочување со реалноста е во сериозна опасност.
Новата онлајн репресија промовирана од т.н. проверувачи на факти се наметна како лицемерен начин да се замолчи критиката и да се спречи колективната акција, но истовремено да предизвика самоцензура кај масите. Всушност, проверувачите на факти или интернет-цензорите на слободната мисла го вградија авторитаризмот во општеството и ја уназадија демократијата. Иако ќе ви кажат дека самоцензурата е непожелна и е израз на вашиот личен избор и слобода, сепак е зло што го погодува општеството, но не и нив и, секако, власта. За сите вакви ментални паразити самоцензурата е посакувана зашто го задушува слободниот проток на информации и ги ограничува знаењето и разбирањето создавајќи празнина, во која Владата или нејзините деривати со спин и пропаганда се обидуваат повторно да ја измислат вистината и да манипулираат со гласачите. Преку заплашување и притисок се самоцензурираат мислата и говорот што влијаат на способноста на луѓето да добијат информации и да размислат добро пред што било да кажат. Нашата способност да добиваме информации, да ги разбереме прашањата, а потоа да ги споделуваме и да дебатираме за нашите мислења е крвотокот на слободното и демократско општество. Самоцензурата го прекинува ова. Затоа не случајно велам дека длабоко сме загазени во тоталитаризмот со оваа власт.
Просто не можам да разберам од каде толкав страв кај власта од слободниот говор. По сѐ што направи за оваа држава на полето на односите со соседите, евроинтеграциите, НАТО-членството, „успешното“ менаџирање на здравствената, а сега и енергетската криза. По сите „жртви“ на власта, зарем гласот на нас малкумина може да ги загрози ваквите колосални, историски успеси? Не верувам. Тогаш зошто ѝ се цензурата и тивкото убиство на слободната мисла. Зарем демократи од светски и поширок калибар се чувствуваат загрозени од слободата да се говори поинаку од она што сакаат да го чујат за себе. Или комунистичкиот генетски код не им дава поинаку. Изгледа наследството е посилно од нив самите.