Кога големите идеи се мртви, револуциите стануваат шарени

Големите идеи едноставно не се она што беа порано. Некогаш тие можеа да запалат пожари на дебата, да стимулираат други мисли, да поттикнат револуции и суштински да го променат начинот на кој гледаме и размислуваме за светот. Големите идеи го менуваа начинот на кој живееме менувајќи го начинот на кој размислуваме. Одамна веќе не гледам големи идеи. Не гледам идеи воопшто. Идеите сѐ повеќе стануваат редослед на набљудувања. Очајно ми недостига интелектуалната визија на минатото, ми недостига бунтовниот и револуционерен 20 век.
Имам впечаток како да се откажавме од големите нови идеи за политиката и светот. Ако нашите идеи изгледаат помали во денешно време, тоа не е затоа што новите генерации се поглупави од нашите предци (а можеби се, којзнае), туку затоа што едноставно не се грижиме за идеите како порано. Всушност, живееме во постсвет на идеи – свет во кој големите идеи што предизвикуваат размислување, а кои не можат веднаш да создадат брз профит, имаат толку мала суштинска вредност што малку луѓе ги следат и поддржуваат. Смелите идеи се речиси минливи.
Во постпросветителска ера на 21 век рационалноста, науката, доказите, логичните аргументи и дебатата ја изгубија битката во многу сектори. Постпросветителството стана стил на размислување што повеќе не ги користи техниките на рационално размислување. Постидејата се однесува на размислување, кое повеќе не се прави, без оглед на стилот. Иако можеби сме соочени со џиновски технолошки напредок, новата генерација на „милениуми“ интелектуално нѐ врати од напредните начини на размислување во старите начини на верување.

Гледам како и јавниот интелектуалец не е веќе на цена во јавните медиуми и е заменет од безобразно промислени лукративни експерти за сѐ и сешто и ништо, и што е уште пострашно – има пораст на сè повизуелна култура, особено кај младите, низ форма во која идеите сѐ потешко може да се изразат. Можеби изгледа контраинтуитивно, но во време кога знаеме повеќе отколку што сме знаеле некогаш, помалку размислуваме за тоа. Некогаш собиравме информации за да ги претвориме во нешто поголемо од фактите и на крајот во нешто корисно – во идеи низ кои информациите ја добиваат својата смисла. Баравме не само да го сфатиме светот туку вистински да сфатиме што е примарна функција на идеите. Големите идеи ни ги објаснуваа светот и нашата улога во него. Денес бараме слики на социјалните мрежи да се изразиме. Не верувам дека емоџите ќе можат да ги изразат идеите што ни овозможија да го организираме нашиот ум околу нашето постоење и да се обидеме да одговориме на големите застрашувачки прашања на нашите животи. Денес претпочитаме да знаеме наместо да размислуваме. Импликациите на општеството што повеќе не размислува се големи. Да не кажам огромни и девастирачки. Зашто идеите не се само интелектуални играчки, тие имаат практични ефекти. Станавме информациски нарциси. А социјалните медиуми знаат добро како да го сервисираат нашиот новооткриен нарцизам.

Кога Френсис Фукујама зборуваше за крајот на историјата, тој зборуваше за крајот на огромните нови предизвици за формите на политичко организирање. И се чини дека беше во право. Но, истовремено, тоа значеше и крај на светот што го познававме и кој можеби беше радикално револуционерен, но беше свет како заедничко наследство што можеби помогна во борбата за слобода и демократија.
Затоа ми фали социјалистичкиот реализам од 20 век, неокласицизмот на ерата на револуцијата како меѓународна политичка естетика, која ги ценеше разумот, хуманизмот и универзализмот, додека ги презираше луксузот, декаденцијата и малограѓанштината и човековата глупост. Не гледам веќе интелектуален предизвик, нема голема идеја за која вреди да се жртвуваш. Кој уште се сеќава на Шпанија, пееше некогаш Штулиќ. Во новиот материјален свет оддамна престанавме да зборуваме за идеја, за патриотизам, за жртвување за слободата. Дефицитарни станаа мислителите, а ситуацијата веројатно нема да се промени наскоро. Боже колку ми фалат бунтовноста и патриотизмот на 20 век, ми фали харизмата на политичките лидери и ми фали насловната страница на „Тајм“ – „Дали Бог е мртов?“.
Некој можеби ќе праша каде сме ние во сето ова. Едноставно, нѐ нема. А и како да нѐ има кога во Македонија интелектуалците отсекогаш беа и останаа маргинализирани „одметници“. Во држава во која нема големи идеи, нема интелектуален предизвик, во држава каде што царува глупоста, револуциите стануваат шарени, а интелектуални евнуси го уредуваат општеството и вашите животи следејќи го Тикток. Тоа е иднината што не ја сакам и која не му ја посакувам никому.

Проф. Звонимир Јанкулоски