Киното е мртво… Хм!!! Да живее филмот

Дали 3Д-техниката во која се прават филмовите и што ја збогатуваат визуелната перцепција ја враќа публиката во киносалите???
Хм!!!

„Неверојатно е како луѓето во ерата на апсолутната медијализација на стварноста и во потрага по квалитетно време и понатаму упорно одат в кино и со трпение седат два часа во темните киносали и гледаат во еден правец. Одењето в кино во ерата и културата на далечинскиот управувач сѐ повеќе наликува на старомодна романтична визита“, ќе изјави во една пригода при посетата на нашиот филмски сокак Питер Гринавеј – човекот синеаст изнедрен од утробата на филмската магија.
Ерата на класичното кино престанува во 1983 г. (за малку пред орвеловската 1984), кога во комерцијална употреба е пуштен далечинскиот управувач, подвлече тогаш еретички големиот филмски маг Гринавеј – кој освен филмови, слика, илустрира, прави инсталации, перформанси, си поигрува со законитостите на филмската уметност.

А „заппинг“ е како што знаеме – оној секојдневен медиумски обред т.н. сурфање по фреквенциите и ТВ-програмите. Тактилно-визуелната наслада што нѐ обзема при честото менување на фреквенциите и ТВ-каналите без координација е во извесна смисла вид медиумска емотивна оркестрација, која доброволно нѐ претвора во своевиден, случаен придонес во „културата на далечински управувач“. Елементите содржани во овој специфичен вид апстрактна екстериторијална преобразба е системот од бројки и фреквенции што ги анектираат нашата дневна ажурност и слободна меморија и нѐ заведуваат во книгата на посетители како скромен почеток на историјата на дигиталната ера.

Еретичките размисли на Гринавеј беа повод за тревога меѓу домашните „филмаџии“, култур-трегери и организатори на фестивали и манифестации, кои не предизвикуваат особен интерес и сѐ повеќе стануваат цел на самите себе. Теоретскиот дискурс во појавата на 3Д препознава обид и одговор на филмската индустрија, која е силно загрозена од интернетот и од подемот и демократизација (поевтинување) на производство на филмови. Сличен обид е правен и во минатото со воведување филмски формати како СИНЕРАМА, ВИСТАВИЖН и сл. Таа и тогаш и сега упорно, безмалку го канонизира големиот екран како единствениот медиум каде што можат да се промовираат визии и генијални синеастички размисли, на големи платна и 3Д-доживувања, стереофонијата… Но, и покрај сѐ, нека не ги буни овој наслов и ненадеен естетски пресврт на еден долгогодишен филмски работник, туку што поскоро во овие тези да ја препознаеме вистинската димензија на сѐ поприсутната замена на гледање филмови на голем екран со телевизискиот бескрај и технологии на домашно кино каде што богатството на жанрови и естетска разнообразност, скриени во Мрежата, се на располагање секојдневно и без последици по трошење залудно квалитетно драгоцено време.

Врската меѓу телевизијата, интернетот и филмот е природна, не само на нивото на дистрибуција, туку станува и вообичаен секојдневен допир со неверојатното разнообразие од жанрови и светови, кои континуирано ја верифицираат онтолошката плуралност.

Вообичаеното пробивање на телевизискиот тек во вистинскиот живот не ја одминува филмската уметност во која сѐ повеќе се чувствува стварност обликувана од ТВ-моделите. Многу од филмските протагонисти на патот кон ѕвездите најпрвин достигнуваат високо ниво на популарност во на изглед етеричната ТВ-површност, за потоа со методите на естетска детоксикација да се доведат до степен на погодна форма за филмска експлоатација.

Една од последиците на „римоут контрол“ навиките, без оглед на драматично зголемениот број на киногледачите и бројот на киносалите, е една неверојатна, обратнопропорционална, блискост со филмот. Благодарение токму на демократизацијата на високотехнолошките достигнувања. Без процедури и без силни трошоци во нашите домови секојдневно се слеваат безброј филмски стории и затоа не треба да збунува искреноста на Гринавеј кога тврди дека исчезнувањето на киното почнато во предорвеловскиот период е факт. Големиот екран е заменет со милиони мали активни огледала во кои секојдневно втренчено сме загледани и каде што границата меѓу фикциските и емпириските светови станува порозна и постепено, но сигурно, исчезнува.

Римоут контрол, заппинг – киното е мртво, да живее филмот.