Која, бре, мајка го победува или уништува своето дете? Никако не им влегува в глава дека Европа ги роди фашизмот и нацизмот, а Русија е таа што ги победи и ја ослободи европската територија. Со мала помош на сојузниците. Кога работата беше речиси завршена, а сето тоа чинеше околу 28 милиони руски животи
Како тоа, слободоумна и демократска Европа, која го победи фашизмот, сега потклекна пред Путин и Русија само заради гас, нафта и пченица? Ова се прашува на Фејсбук, еден претставник на прогресивната интелектуална бижутерија од граѓанството луѓенца во океанот убавина. Забележувате? Веќе не знаат кај тераат. Сè им се измеша. Само до вчера, сите ние што одбивавме да имаме право на нивно мислење, веднаш бевме фашисти. А сега, кога Европа го воспева фашизмот, сеедно дали е тоа преку тортурата врз Македонија или со поддршка на нацибаталјоните низ Украина, кутрава прогресивна бижутерија не знае кој пат да фати. Па запаѓаат во смешни небулози дека Европа го победила фашизмот. Која, бре, мајка го победува или уништува своето дете? Никако не им влегува в глава дека Европа ги роди фашизмот и нацизмот, а Русија е таа што ги победи и ја ослободи европската територија. Со мала помош на сојузниците. Кога работата беше речиси завршена, а сето тоа чинеше околу 28 милиони руски животи.
Но, не грижи се, граѓанче од луѓенцата во океанот убавина! Путин умре. Ни соопшти британската тајна служба. Тоа е службата што му набави на Заев вакцини од Србија. Тие нè известија дека Путин умрел. Анонимен извор ни го соопшти муабетот за смртта. Нормално дека изворот е непознат, па тоа е тајна служба. Мислам, глупо е да излезе Џемс Бонд и да ти плесне в лице, Путин умре. Или Хари Харт. Тој е од „Кингсмен“, британска тајна служба уште потајна од онаа на Џемс Бонд. Затоа изворот е анонимен.
Како и да е, ни открија дека Путин умрел, а на негово место сега е двојник. Мене ми е тоа сосема нормално. Русите се цареви за двојници. Скоро два века како ги произведуваат. Започна оној нивен луд и изопачен научник, Фјодор Михајлович Достоевски. Тој го произведе првиот двојник. Можеби не знаете, но името му беше господин Голјаткин. Оттогаш Русите само тоа го прават, штанцаат двојници. И му ги подметнуваат на светот. На пример, Кенеди. Го заменија само што му почна мандатот. Со оригиналот не знаеме што сторија. Веројатно го пратија на Сибир. И така рускиот двојник Кенеди почна да се плетка со комунистите и да се швалерисува со Мерлин. Затоа и ЦИА мораше да го скине во Далас.
Или Садам Хусеин и Осама бин Ладен. Прекрасни, слободоумни демократи на страната на САД и западната демократија. Ама Русите ги киднапираа, па ги подметнаа своите злобни двојници. И така Садам почна да прави хемиско оружје што Русите го складираа во биолаборатории низ Украина за денес да ги обвинуваат Американците. И Осама исто. Го заменија со двојник. Од проамерикански миротворец направија руски милитант. Уште му дадоа и љубовница, извесна Алкаеда Ивановна Талибанова. И така Америте мораа да ги скинат и Садам и Осама.
Ама Русиштана не подметнуваа само политички двојници. Го заменија Елвис. Во најубавите негови години. Сигурно го однесоа во Русија, па го учеа да свири балалајка и да пее глупи руски песни. А оној, подметнатиот, брзо стана јасно дека е руски двојник. Страшно огрде, стана наркоман, се спријатели со Никсон и овој веднаш почна, онака по руски, да прислушува. И не само Елвис, да не набројувам сега колку двојници Русите му подметнаа на слободоумниот свет.
Но што ако британските тајни служби погрешиле? Иако јас мислам дека се безгрешни. Ама сепак, што ако Путин е жив? Не се секирајте. Урсула фон дер Лејен ни го кажа решението. Како ЕУ ќе ги победи Путин и Русија. Решението е повеќе од едноставно. Членките на ЕУ ќе продолжат да увезуваат енергенти и храна од Русија. Е како ова може да биде решение? Така се прашуваат скептиците. И грешат. Затоа што Урсула има план. ЕУ ќе купува од Русија за да не може Путин да им продава на азиските, африканските и јужноамериканските држави за повисоки цени. Така Русија, продавајќи на ЕУ за пониски цени ќе осиромаши, пропадне, капитулира, исчезне. А? Генијално, нели?
Европската Унија отсекогаш имала генијални решенија за сите проблеми. На пример, проблемот на Македонците. Да, да, ЕУ сфати дека Македонците имаат проблем со самите себе и својата татковина Македонија. Во тоа им помогнаа Грците и Бугарите. Прво Грците ѝ објаснија на ЕУ дека Македонија е грчка. Потоа се надоврзаа и Бугарите со иста теза. Дека Македонците се Бугари. Што е логично. Македонија да е грчка и во неа да живеат Бугари. Само не е македонска. Оти македонизмот Тито го измисли. И затоа ЕУ одлучи да ги укине Македонија и Македонците ако сакаат тие да се интегрираат во неа.
И би Нордистан.
А во Нордистан сè поскапе. Добро сега, мене ми беше скапо и пред да поскапе. Така е со нас, сиромашните и бедни Македонци што на референдумот одбивме да станеме нордистанци и да се зачлениме во ЕУ и во НАТО. За разлика од нас, нордистанците сега немаат гајле со поскапувањата. Они се во ЕУ. Добија датум. Од авион им го фрлија. „Чичко пушти датум!“ врескаа прогресивно кон небото, кое им е лимит, и би датум. Потоа уште неколку датуми. И сега новото име им ги плаќа сметките. ЕУ секој месец двои по 200 милиони евра само за нив. Кога ќе се разболат, одат низ Унијата и таму бесплатно ги лечат.
Инаку, за поскапувањето се знае кој е виновен. Путин и Русија, секако. Затоа, најпаметно е Нордистан да протера неколку руски дипломати. Чисто да има правда под нордистанското небо. Оти ако нема правда, нема ни мир, нели шаренки?
Откако Нордистан го фрли своето евроатлантско сидро за да плови кон рајот, успешно тоне надолу. Го проби дното, но упорно тоне. Тоа е резултат на новата нормалност што се обидоа на сила да ни ја наметнат. Секако, со поддршка од сатрапите, кои октроираа власт за да ја исполни таа изопачена нова нормалност. А во неа нема човечност, идентитетски особини, нема слобода и креативност, сомилост и спокој, туку само алчност, хистерија, злорадост и изопаченост. И нема да престане. Не затоа што така сакаат Нордистан и неговите зомби-прогресивци. Светот е таков, барем она што себе се замислува за „сиот свет“, односно „меѓународна заедница“, а всушност само западниот свет и она што тие го сметаат за свои вредности. Или она што јас го нарекувам, нивен варваризам.