Народната забава околу зголемувањето на собраниското мнозинство и маратонската седница на Собранието за разрешување стари и избор на нови министри и заменици извади на површина три клучни работи. Првата е што Владата нема капацитет брзо да ги решава проблемите. Втората е дека Собранието е слаба алка во политичкиот систем на државата. Третата е дека партиите репрезенти во Собранието се далеку од реалноста, отуѓени од народот, односно од проблемите на граѓаните.
Иако овие факти долго пливаат пред очите на јавноста, се нема храброст да се признае дека тие сериозно влијаат на општото негативно расположение кон двете институции, кон водечките партии и кон главните актери, особено кон тројката Димитар Ковачевски, Али Ахмети и Христијан Мицковски. Нивната претстава, која личи на театар со марионети, кукли што ги влечат со конци зад сцената, нема веќе многу заинтересирани гледачи. Грижата за национален, материјален и социјален опстанок на луѓето, на обичниот човек, далеку го надминува градусот на нивниот пародичен и вештачки натпревар за освојување мртви души. И со последниот чин не се смени ништо суштински. Формално нова влада, реално – стари проблеми.
Македонското собрание, кое со закон не може официјално да го носи атрибутот македонско, не е ниту сенат ниту парламент. Иако споредбата не е толку блиска, може да се спореди со Сенатот на Римското Царство во времето на владеењето на царот Калигула. Според некои историчари, Калигула (средината на првиот век од новата ера) за сенатор го назначил својот коњ. Тоа го направил не само од лудост туку со смислена намера за потсмев на сенаторите. И да им покаже дека нивната улога и достоинство премалку се важни, кога и неговиот љубимец може да има политичка функција рамна на сенаторската.
Воопшто не би сакал примерот што го наведов да се сфати како замерка кон новоизбраните министри и заменици. Повеќе во фигуративна смисла сакам да го изнесам мислењето дека, како тогаш Калигула, сега Ковачевски, Ахмети, ССМ и ДУИ и нивните трабанти, ако посакаат да внесат коњ за пратеник, ќе успеат во таа намера. Упорно, со маратонски седници, со владини финти, собраниски марифетлаци, деловнички „гешефти“, со меѓунационални закани за војна и мир, и коњот, комотно, може да се донесе во пратенички клупи. Попусти ќе бидат, како што секогаш се, бунењата и протестите на опозицијата и граѓаните. Сѐ е нормално и демократски – победува мнозинството, со стискање копче, дигање рака или акламативно, сеедно.
Со своите одлуки од денот на конституирањето, преку прифаќањето на Спогодбата со Грција и Договорот со Бугарија, преку промената на Уставот и промена на името, Собранието од 2016 година во голем број случаи се движи на работ на законитоста и легалноста, особено усвојувајќи закони со европско знаменце. Насилството, понекогаш и физичко, што претходно го користеше ВМРО-ДПМНЕ кога имаше мнозинство, СДСМ и ДУИ го заменија со итрост и дрскост. Забелешки за ваквиот стил на работа има и во европските извештаи, кажани во блага, еуфемистичка форма, но со вистинско значење за оние што знаат да читаат.
Класичен пример што го оголува гнилиот политички систем што владее во Македонија, во некоја смисла, е Артан Груби, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Човекот што го води и е одговорен за политичкиот систем е тој што наместо да го штити, го крши, прекршува, игра мајтап со него. Дипломираниот новинар и доктор по политички науки, мајстор за сопствено саморекламирање, вешт ретор и итрец за користење на ситуациите во своја полза, способен е сам да го закочи и матира системот во кој се колне и го велича.
Првиот вицепремиер пред жителите на Чаир изјави дека оставка доставил до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, уште од првиот ден откако станал вицепремиер и министер за политички систем. И додал дека доколку Али Ахмети нему и на Бујар Османи им каже да си одат дома, нема гајле. Тоа ќе го сторат веднаш, зашто за нив зборот на Ахмети е прв и последен.
Според Уставот и законот, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Се поставува прашањето пред кого е одговорен и кому вистински му поднесува оставка член на Владата¸ односно министерот – на претседателот на Владата, на Собранието или на партискиот лидер. Изјавата на Груби јасно покажува дека Владата не е независен орган, туку е тело под надзор на партиите и дека министрите им одговараат на своите партии, а не на Собранието, кое ги избира или ги разрешува. Преведено на неполитички јазик, ова би значело дека претседателот на Владата има само формални ингеренции врз министрите од ДУИ (најверојатно и од другите партии), а Собранието е ништо, односно само лажна процедурална форма. Али Ахмети за министрите од ДУИ е и бог и цар, што подразбира дека е таков и за целиот собраниски состав.
Артан Груби, број два во Владата, сосема сигурно е број два и во партијата. Иако против него една партиска фракција води неколкугодишна војна, никако не може да го разбие штитот што го поставил за него Ахмети, иако Груби е во формална оставка. Нему првиот политички атентат му го подготвуваше Ермира Мехмети, кога во Собранието го нарече хулиган. Во македонскиот јазик зборот хулиган значи насилник, криминалец, груб човек што се однесува со отпор и потсмев кон утврдените морални и културни вредности.
Бидејќи Ермира не пукна со доволно силна муниција, а се најде предадена и од пријателите, не го погоди смртно, како што се надеваше. По неколку дена таа веќе прогласена за политичка мртва, кога на социјалните мрежи се објави снимка од нејзин еротски телефонски разговор со потпретседателот на партијата Муса Џафери, со претпоставката дека штом има телефонски снимки, мора да има и живи слики.
Во некои медиуми се појавија мислења дека тоа било експресна одмазда од нејзиниот сопартиец Артан, кој со една снимка во исто време елиминирал двајца сериозни противници, конкуренти за највисок статус во партијата. Џевдет Хајредини, поранешниот министер за финансии и најпопуларен твитерџија во Македонија, во неколку твита има напишано дека поранешниот премиер Зоран Заев му ги има предадено на Груби сите прислушувани тајни разговори што се однесуваат до високите претставници на ДУИ, вклучувајќи ги и оние на Али Ахмети. Со материјалите што ги поседува си обезбедил трајна политичка моќ и ги држи во страв и под контрола сите што се под него и тие околу него.
Собранието обезбеди ново мнозинство, Владата не падна, ниту ќе падне во време што го прогнозираше опозицијата. Но токму тогаш се појави лош знак. Не е нешто којзнае што, не е пророчки, но – продавниците осамнаа без евтин леб. Циниците би извикале: Влада имаме, леб немаме. Станува збор за оддржување ниска цена. Вистинското прашање е: Чија цена е ниска, на лебот или на Владата?
Македонија, сепак, не е толку мрачно место како што понекогаш изгледа.