Постојано ги читам насловите на порталите, кои и не сакајќи создаваат слика на вредности за тоа што е „секси“ и предизвикливо за сетилата, за интересот кај гледачот…, како е народот одушевен…, како другите жени биле вознемирени од појавата и разноразни други наслови, кои промовираат само едно… разголено тело, облека со големо деколте, добар задник и вие самите создадете си ја сликата. Како да е убавината излезена од порнофилм и колку повеќе одговара на сликата на порнофилм, толку повеќе е секси.
Каква слика носиме и шириме како општество и така сликата преку брзината на интернетот станува достапна до сите млади што во себе немаат изградено параметар за тоа што е сексуалност и дуплицираат во себе вредност.
Не сакам да ги навредувам дострелите на медицината и обидот да го продолжат векот на траењето на младоста…, ниту пак мислам дека младоста е пластика што постојано треба да се пумпа. Младоста за мене е животна енергија за создавање и креирање во секој момент, ама за тоа може да разговараме во друга пригода.
И како резултат на убавите наполнети усти на тие што низ песна допираат до аудиториумот, кој не ни размислува во дадениот момент дека тоа е една цела индустрија, како што ја нарекува западниот свет за ентертејмент т.е. забава што голта огромни суми пари од публиката за да им дава модели за тоа што е убаво и пожелно, па воодушевени од таканаречената пожелност од облеката што ги открива ЦЕЛОСНО интимните делови, од напумпаните гради и задници, младиот човек гледа само како да се идентификува и да ја добие и за себе таа енергија на воодушевување од другите. Па така, станува и самиот имиџ, слика и ја дава несебично својата животна енергија во таа слика да биде што поиста, непроменлива, во постојан допир со другиот т.е. публиката. Па се инвестираат огромни суми во пластични нокти, колку подолги, толку поубаво, иако не се функционални за ништо, што дури и сензорите на прстите ги затапуваат, па ја губиме моќта на допирот со прстите, што е самото по себе магија оти речиси тоа е и првиот допир со светот кога се раѓаме. Пластични… упс, пардон, силиконски гради, колку поголеми, толку попожелни (каков систем на вредности!?), а зад тоа стои едно тешко насилство на телото, најпрво ментално просудување дека оригиналот како креација не е доволно добар, па треба да го сменам, т.е. да убијам дел од него, зашто јас мислам дека не чини, па потоа насилство од операции, анестезии, сечења, закрепнување и сѐ што следува. Па шиење нови гардероби што треба да ја истакнат новата фигура, шминка за новите усни, кои важат само одредено време и потоа пак боцнување и инвестиција на пари што нашето општество не ги генерира во големи количества… и така еден бескраен круг, кој само нѐ одвојува од себе самите и нашата суштина на тоа кои сме вистина НИЕ САМИТЕ, престанува да постои, и животот станува една трка по надворешното, кое полека ја губи својата животна сила оти не инвестираме во неа.
Кај машките има друга трка, поголеми мускули, повидливи под блузата…, а да не ги набројувам новите промени и трендови што веќе во западниот свет стануваат нормала, незадоволство со тоа кој ти е полот на телото, па се случува еден друг процес на исправање на таа т.н. грешка. Па така, полека се појавува родот ТИЕ.
И кои сме НИЕ?
Животна сила и креација дојдена на оваа планета во еден историски момент на времето за да дадеме дел од таа животна сила и да придонесеме во светот, другиот, себеси и планетата. Сексуална животна енергија што постојано создава.
Природата околу нас сме ја заборавиле, а дали има нешто на планетава со поголема сексуалност? Сѐ е во постојан растеж, постојано се менува, оплодува, умира, расте, ’рти, дава плодови од кои ние се храниме, шири мириси, ако е сува врне дожд, ако е ладно доаѓа сонце, птиците пеат, дрвата шумолат, ниедно дрва не се лути ако птицата фрли измет на неговиот лист оти знае дека ќе заврне дожд и ќе го измие, пчелите прават мед за ние да уживаме во тој вкус, мравките ги собираат зрната, кои потоа може и ќе изртат на некое место и ќе порасне дрво, слободата на животните, коњскиот галоп, тркот на жирафата низ преријата. Огромен број различитости во животинскиот свет и нивната слобода… и од целата таа магија околу нас, која поради постојаните бомбардирања со најразноразни информации имаат една цел да ја стават нашата суштина во еден грч на незадоволство и да отворат нов круг на барање убавина во имиџот и сликата одвоена од нас.
Резултатот е незадоволство, создавање живот надвор од самите себе, инвестирање во краткотрајни задоволства, кои наместо задоволство со себеси носат уште поголемо незадоволство, па нова инвестиција во некоја поправка која носи надеж дека задоволството ќе биде трајно, па споредувањето со другиот и лутината што му е поубаво отколку нам… дека усните се подобро пополнети, градите побујни, кошулата поубаво стои. И тогаш повторно порталите со некој наслов како се покажала интимата и гледачите се избезумиле… и повторно желба да се избезуми другиот, а како ако не со покажување интима. И во тој дух несвесно ги воспитуваме младите, па тие уште на 12 години прават селфи со напрчени усни, кои се предвесник за вистинско пумпање за некоја година.
И така кругот се врти постојано и постојано, природата се потценува како што го потценуваме и нашето тело, зелените површини ги снемува и фала богу тоа изгледа никому не му недостига, оти секој е зафатен со својот имиџ, кому му се потребни вистина суштествена сензибилност и сексуалност што креира кога сѐ околу нас е полно со изразена површна сексистичка содржина.
Изборот е наш каква иднина сакаме да креираме. Имиџ што бара репарација на секои шест-седум месеци или уживање и негување на сета благосостојба што е во нас и околу нас, нашите неоткриени таленти што ќе нѐ облагородат самите и сѐ околу нас? Од нашите избори зависи и нашата иднина.
Камелија Шојлевска