Претседателот Џон Ф. Кенеди беше еден од најголемите светски миротворци. Тој го предводеше патот до мирно решение за кубанската ракетна криза, а потоа успешно преговараше за Договорот за делумна забрана на нуклеарни тестирања со Советскиот Сојуз во екот на Студената војна. Во периодот пред неговиот атентат, тој преземал чекори за прекин на вмешаноста на САД во Виетнам.
Во својот фантастичен и ненадминат мировен говор, одржан точно пред шеесет години, на 10 јуни 1963 година, Кенеди ја претстави својата формула за мир со Советскиот Сојуз. Од мировниот говор на Кенеди може да се види колку драстично пренасочување е потребно во пристапот на Џо Бајден кон Русија и војната во Украина. Досега Бајден не ги следеше насоките што ги препорача Кенеди за постигнување мир. Ако го послуша советот на Кенеди, и Бајден може да стане миротворец.
Математичарите би рекле дека говорот на ЏФК е „конструктивен доказ“ за тоа како да се постигне мир, бидејќи самиот говор директно придонесе за потпишувањето на Договорот за делумна забрана за нуклеарно тестирање од САД и Советскиот Сојуз во јули 1963 година. Откако го добил говорот, советскиот лидер Никита Хрушчов му рекол на дипломатскиот претставник на Кенеди во Русија, Аверел Хариман, дека тоа бил најдобриот говор по говорот на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт и дека сака да склучи мир со Кенеди.
Во говорот, Кенеди го опишува мирот „како неопходна разумна цел на разумните луѓе“. Сепак, тој признава дека создавањето мир не е лесно: „Сфаќам дека стремежот за мир не е толку драматичен како потрагата по војна — и честопати никој не ги слуша зборовите на оние што се стремат за мир. Меѓутоа, тоа е нашата најитна задача“.
Најдлабокиот клуч за мирот, според Кенеди, е фактот дека двете страни сакаат мир. Лесно е да се падне во стапицата, предупредува Кенеди, да тврдите дека само другата страна е одговорна за конфликтот. Лесно е да се падне во стапицата да инсистирате дека само противникот треба да ги смени своите ставови и однесување. Кенеди е многу јасен: „Мораме да го преиспитаме сопствениот став — како поединци и како нација — бидејќи нашиот став е исто толку важен како и нивниот“.
Во екот на Студената војна, Кенеди се спротивстави на преовладувачкиот песимизам дека мирот со Советскиот Сојуз е невозможен, „дека војната е неизбежна – дека човештвото е осудено на пропаст – дека нè запоседнале сили што не можеме да ги контролираме. Не треба да го прифатиме тој став. Нашите проблеми се создадени од човекот – значи, нив може да ги реши човекот“.
Најважно, рече Кенеди, е дека не смееме „да гледаме само искривена и очајна слика од другата страна“. Не смееме да „сметаме дека конфликтот е неизбежен, дека е невозможно да се дојде до решение и дека комуникацијата не е ништо повеќе од размена на закани“. Всушност, рече Кенеди, треба „да го поздравиме рускиот народ за неговите многубројни достигнувања – во науката и вселената, во економскиот и индустрискиот раст, во културата и во храбрите дела“.
Кенеди предупреди да не го притеснуваме нуклеарниот противник, оти тоа може да го натера противникот на очајни постапки. „Пред сè, додека ги бранат нашите клучни интереси, нуклеарните сили не смеат да дозволат да дојде до судири што би го натерале противникот да избере помеѓу понижувачко повлекување или нуклеарна војна. Да се избере тој пристап во доба на нуклеарни оружја би било само доказ дека нашата политика не дала плод – или доказ дека светот колективно добил самоубиствени нагони“.
Кенеди знаел дека може да се постигне мировен договор бидејќи мирот е во заеднички интерес на САД и Советскиот Сојуз. На оние што велеле дека Советскиот Сојуз нема да се придржува до мировниот договор, Кенеди им одговорил дека „Соединетите Американски Држави и нивните сојузници и Советскиот Сојуз и неговите сојузници имаат еднакво длабок интерес за праведен и вистински мир и запирање на борбата за воена надмоќ.
Договорите за оваа цел се во интерес на Советскиот Сојуз колку што се и во наш интерес – можеме да сметаме дека дури и најнепријателските нации ќе ги прифатат и ќе ги исполнат договорените обврски, но тоа ќе бидат само оние обврски што се во нивен интерес“.
Кенеди ја истакна важноста од директна комуникација помеѓу двата противника. Мирот, рече тој, „ќе бара поголемо разбирање меѓу Советите и нас. А за да дојдеме до поголемо разбирање, ќе бидат потребни зачестен контакт и комуникација. Еден чекор во оваа насока е предложениот договор за директна линија помеѓу Москва и Вашингтон, со цел од двете страни да се избегнат опасни одложувања, недоразбирања и погрешно толкување на дејствата на другата страна што може да се случат во време на криза“.
Во контекст на војната во Украина, Бајден се однесува речиси спротивно од ЏФК. Тој лично го понижи рускиот претседател Владимир Путин во повеќе наврати. Неговата влада ја дефинираше воената цел на САД како слабеење на Русија. Бајден ги избегна сите комуникации со Путин. Тие очигледно не разговарале ниту еднаш од февруари 2022 година, а Бајден одби билатерална средба со Путин на минатогодишниот самит на Г20 во Бали, Индонезија.
Бајден дури одби да ги признае, а уште помалку да се осврне на сериозните безбедносни грижи на Русија. Путин постојано го изразуваше жестокото противење на Русија на проширувањето на НАТО во Украина, земја со граница од 2.000 километри со Русија. САД никогаш не би толерирале мексиканско-руски или мексиканско-кинески воен сојуз со оглед на границата од 2.000 милји меѓу Мексико и САД. Време е Бајден да преговара со Русија за проширувањето на НАТО, како дел од пошироките преговори за ставање крај на војната во Украина.
Кога Кенеди дошол на функцијата во јануари 1961 година, тој јасно го кажал својот став за преговорите: „Никогаш да не преговараме поради страв. Но, никогаш да не се плашиме да преговараме. Да оставиме двете страни да истражат кои проблеми нè обединуваат наместо да се занимаваат со оние проблеми што нè разделуваат“.
Во својот мировен говор, ЏФК нè потсети дека она што ги обединува САД и Русија е тоа што „сите сме жители на оваа мала планета. Сите го дишеме истиот воздух. Сите се грижиме за иднината на нашите деца. И сите сме смртници“.
(respublica.edu.mk)
Џефри Д. Сакс