Две илјади дваесет и четврта година – сто години од Мајскиот манифест
Загатката, сфингата или енигмата формулирана во прашањето од насловот на оваа колумна измачувала, мачи и ќе измачува многу генерации Македонци. Каде бевме, каде сме и каде ќе одиме ние Македонците не е само реторичко прашање, кое бара егзистенцијален одговор, тоа е вечен конфликт на доброто и злото за нас Македонците каде и како ќе се движиме во времето и просторот. Ова прашање асоцира со темата на митолошката Сфинга (суштество во форма на крилест лав со женско лице), кое ако не се одговори точно, има за последица уништување и пропаст, а ако се одговори вистинито и прецизно, ќе има развој и напредок за нас Македонците. Навистина тешка задача, која треба да биде исчистена од сите метафори, алегории и хиперболи и да се даде вистински одговор, кој јас ќе се обидам да го дадам и ве повикувам и вас да го сторите истото тоа.
Каде бевме? Очигледно е дека не сме мрднати од овие простори со векови или отсекогаш сме тука или „везден“, како што милува да напише во својата песна „Скитник“ Коле Неделковски, еден од членовите на Македонскиот литературен кружок. Факт е дека Македонците во антиката или стариот век ја обликувале тогашната светска цивилизација. Аристотел, Филип, Александар, Птоломеј и многу други што ја газеле македонската земја како што и ние ја газиме денес се само дел од тој безвременски подвиг на македонските кралеви, научници и војсководци. Македонците биле и пред портите на Ерусалим, но не го срушиле Соломоновиот храм, а напротив издале Александриски едикт и ги заштитиле сите еврејски храмови. За жал и за срам се оние, а не ние Македонците, кои ја запалија Александриската библиотека и го лишија светот од колективната меморија која датирала две илјади години пред Христа. Замислете колку ќе беше побогат светот денес да останеше Александриската библиотека, да ги имавме сите дела на Аристотел, кои покриваат многу теми меѓу кои: физика, биологија, зоологија, метафизика, логика, етика, естетика, поезија, театар, музика, реторика, лингвистика и политика и кои го претставуваат првиот сеопфатен систем на европската филозофија. Според енциклопедија Британика, „Аристотел бил првиот вистински научник во историјата… секој научник му е нему должен“, но оние од „островот“ заборавија дека колективната меморија на азиските народи не е обременета со палење и уништување, па таа има плус две илјади години.
Во средновековието, ние Македонците имаме дадено дух и просветителство, за кои сме сведоци и до ден-денес како се слават низ светот – Кирил и Методиј, Климент и Наум, богомилите, Јустинијан и редица други. Повторно креативно, наспроти деструктивно, ја најавивме ренесансата сто години пред Европејците, а тие кутрите не знаеја и си ги запалија Албигојците и Катарите, првите предвесници на ренесансата и хуманизмот што беа инфицирани од македонското богомилско движење.
Во современиот период, или од седумнаесеттиот век, трката на Македонецот кон индустриската револуција и не е за пофалба, можеби се изморивме, можеби предолгото владеење на Османлиите нѐ истроши, а можеби и битката со Грчката патријаршија и Бугарската егзархија нѐ подели. Но не треба да ги заборавиме оние поединци што се малку истражувани од овој период, а кои со своите дејства се обиделе да направат пресвртница во полза на Македонците. Секоја почит кон општопознатите, но за дејноста на Димитар Робев и Александар Шинас малку се знае, иако со нивните поединечни дела може да се даде општ заклучок. Па, така, за Димитар Робев, кој бил дел од семејството Робевци од Охрид, за неговата активност пред Берлинскиот конгрес од 1878 година, тогашниот српски премиер Јован Ристиќ ќе наведе: „Денес тој (се мисли на Димитар Робев) веќе не сака да биде Бугарин, уште помалку Грк, туку сонува за независна Македонија, бидејќи гроф Игнатиев му рекол дека Македонија не може да му припадне на ниеден од трите главни народи (Срби, Бугари и Грци) на Балканскиот Полуостров“. Димитар Робев иако бил пратеник во турскиот парламент, поради неговата македонистичка активност бил осуден на смрт од страна на турската држава, но, за среќа, не успеале да ја извршат.
Александар Шинас од Серес, социјалист и анархист, е атентаторот на грчкиот крал Ѓорѓи Први, кој во Солун на 18 март 1913 година, пред Белата кула, стрелајќи со пиштол го погодува директно во срце извикувајќи го лозунгот „слобода или смрт“ и доброволно му се предава на обезбедувањето на кралот. Кралот е мртов, но не и неговата тиранија, која била мотив за ваквиот чин на серчанецот Александар Шинас, кој по шестнеделно мачење е фрлен од затворскиот прозорец и неговото око и рака и ден-денес се чуваат во Криминолошкиот музеј во Атина. Грчкиот крал Ѓорѓи Први е дедо на принцот Филип, војвода од Единбург (роден како принц Филип од Грција и Данска), кој е сопруг на Елизабета Втора, а чиј син е сегашниот крал на Британија Чарлс Трети. Заклучокот за многу појави и настани во нашата поблиска и подалечна историја можете да си ги донесете сами!
Но, и покрај ваквите индивидуални реалности, мора да се забележи и еден колективен настан на обединување на сите прогресивни македонски сили пред точно сто години и дефинирана една нова суштинска национална и политичка платформа за ослободување и обединување на Македонија во една независна и самостојна политичка единица во нејзините природни, географски и етнографски граници.
Мајскиот манифест од 1924 година на едно место ги собира сите Македонци и дава нов и заеднички поглед во решавање на македонското прашање, каде што е наведено дека „…вековните борби на македонското население… македонскиот народ, верувајќи во ослободителните стремежи на великите европски сили и малите балкански држави спрема Македонија, ги беше насочил своите погледи кон нив и го очекуваше своето ослободување преку нивна интервенција… Од тоа произлегува дека од тие држави, додека се раководени од влади што ја поддржуваат завојувачката и империјалистичката политика на тие договори, или, со други зборови, додека кај нив не се установат влади што ќе ја базираат својата надворешна и внатрешна политика врз вистинското самоопределување на народите, македонскиот народ не може да очекува никаква поткрепа за својата слобода… Резултатите од европската интервенција по Илинденското востание, изразени во лицемерните реформи, насочени повеќе да го заздрават и закрепнат турското владеење над Македонија, отколку да ја родат нејзината слобода, го разочараа македонскиот народ…“.
Во европските метрополи поддржани од соседните држави, сите потписници на овој документ беа убиени, освен Димитар Влахов, кого го заштити Советска Русија како еден од иницијаторите за обединување на Македонците. Но надежта и пораките на овој документ останаа да живеат и беа преточени во документите на АСНОМ.
Па, така, современиот период го носи и современиот Македонец, кој задоцни или можеби и не сакаше да биде дел од какви било сојузи како што се АВНОЈ, НАТО или Европската Унија. Го киднапираа неговото тело, но не и неговиот дух. Можеби ваквото однесување лежи во мотивот за слобода и независност на Македонецот без компромиси и уцени. Којзнае, времето ќе покаже.
Каде сме? Денес ниту сме пред портите на Европа, а ниту сме дел од какво било сојузништво што ќе ни го гарантира совршениот национален суверенитет, каде што ќе биде недозволиво мешањето во внатрешните работи и правото да се дефинира сопствен општествен систем и да се дефинира сопствен пат на развој врз основа на сопствената култура и традиција.
По сто години од Мајскиот манифест, очигледно ништо не се сменило во односот со нашите соседи, туку, напротив, изгледа само се мултиплицирала нивната антимакедонска кампања, сега со помош на „великите европски сили“.
Општествениот, сега веќе трансформиран приватен, капитал не е кај Македонците, туку кај мала моќна елита, која ги има сите привилегии, но не и чувството на припадност кон сопствениот народ, а народните маси им се потчинети во софистициран облик на ропство. Моделот на ин-витро капитализам не е функционален и Македонецот, кој треба да се грижи секој ден како ќе преживее, како ќе обезбеди добра здравствената заштита, како ќе обезбеди дом за себе и за своите блиски и образование за себе и своите деца, нема да може да го најде потребното слободно време за да ги развие сите свои креативни потенцијали како човечко суштество. Сиромаштијата е едно од најтешките прекршувања на човековите права! И по сто години, нашата борба останува и социјална и национална!
Каде ќе одиме? Каде и да одиме првенствен е националниот интерес на македонскиот народ и тоа зависи само од нас самите и од никој друг. Дали сакаме да живееме како слободни луѓе или како робови? Сами си ја одредуваме сопствената иднина и си ја креираме нашата судбина. „Не смееме да дозволиме повторно други да ја креираат нашата судбина“, сентенца што е запишана и во прогласот на Кресенско-разловечкото востание, Крушевскиот манифест, Мајскиот манифест и документите на АСНОМ. Не постојат компромиси кога се работи за принципи на слобода и независност. Тоа ни го докажуваат и животот и делот на Димитар Робев, Александар Шинас и Димитар Влахов и на многу други знајни и незнајни Македонци што секогаш застанувале на страната на својот народ и неговата независност и слобода. Каде што ќе застанеме ние денес, таму ќе треба да продолжат нашите деца, а како ќе нѐ вреднуваат за нашите одлуки, треба длабоко да се замислиме.
Тони Менкиноски