Јас сум веќе во Крушево. Се подготвуваме за утрешната научна конференција насловена „120 години од Илинденското востание“. Верувале или не, ама ова е единствен настан од ваков вид во оваа јубилејна година што се одржува во предвечерието на Илинден. Организатор е Матицата на иселеници од Македонија. Кога би била цинична, би рекла дека и името на организаторот доволно зборува за нас овде, за нашата неспособност, плашливост или апатија да го одбележиме големиот јубилеј. Но само ќе искажам благодарност до нив и до поединците што се вложија себеси, наспроти сите опструкции, да нè соберат овде, да им го обелиме образот на паднатите илинденци и асномци. Треба да се каже дека во јуни веќе беше одржана конференција на истата тема (а објавен е и зборник на трудови, исто како и од сегашната), во организација на Социјалистичката партија на Македонија. Како да не е доволно што уште боли отворената рана од ланската година, кога се соочувавме со речиси ист молк и премолчена забрана во одбележувањето на 150 години од раѓањето на апостолот на македонската ослободителна и револуционерна борба…
Не случајно се најдов повторно меѓу историчари, иако јас не сум тоа. Политиката на амнезија – како еден од најбизарните облици на политиката на сеќавање – е тоа што ме вовлече во оваа проблематика. Судбината така сакала да живеам во време кога година по година се одбележува некој голем јубилеј од историјата на мојот народ. Моментот кога првпат зачекорив во она што модерно се нарекува студии нa сеќавањата (memory studies) беше поканата од Универзитетот на Оксфорд, кој во 2012 година организираше конференција посветена на стогодишнината од Балканските војни (1912-1913). Тоа ме поттикна да се „најдам“ себеси како политиколог во дијалогот на историчарите, да најдам призма што ќе ги поврзе двете дисциплини.
Тоа беше и научен и личен предизвик, бидејќи требаше да се „најдам“ и себеси како Македонка, но и да направам серија интервјуа со наши историчари и личности од јавниот живот за да си одговориме дали и како се сеќаваме на тој период од нашето минато. Употребив и една фраза (позајмена од наслови на неколку книги и филмови): минатото е туѓа земја; тие таму ги прават нештата поинаку. Тоа беше време кога овде срамежливо или никако не се одбележуваа тие војни, а претпоставката беше дека тоа минато е „неупотребливо“ (политички), во духот на мислата на Ниче. Државите обично го селектираат оној дел од минатото што би требало да посведочи за славни моменти, на хероизам и гордост, патриотизам, и да зборува за континуитет. Тоа е карактеристика на секоја државна историја. Во ред, си реков, Балканските војни се навистина трауматичен момент, па можеби затоа дури и МАНУ едвај организираше една домашна конференција, на македонски јазик, во време кога низ светот се организираа серија настани од меѓународен тип.
Но десет-единаесет години подоцна, станува јасно дека тоа е тенденција, а не случајност. Имено, политиката и историјата секогаш биле поврзани, а нивниот заемен однос сложен. Но во нашава држава постои еден апсурд, кој е тешко да се објасни. Политичката каста поради сопствен опортунизам и под надворешна принуда постепено се „разведува“ од историјата. Од климаксот на т.н. антиквизација (име измислено од либералните НВО-активисти и грантисти), односно трагањето на корените од Филип и Александар, дојдовме до антиклимакс, односно на дереџе да се бориме за Гоце и Илинден. Заклучокот дека власта се одрекла од историјата може да звучи необично ако се знае дека токму таа прифати формирање на две „историски комисии“ со двата соседа, на (божем) паритетна основа, а со влијание на државните центри на моќ. Уште повеќе, историјата стана дел на т.н. преговарачка рамка за влез во ЕУ. На прв поглед се чини дека македонската влада се впуштила во директно мешање во историската наука. Но, ако се погледне подобро станува збор за обратното: таа го предаде толкувањето на историјата на својата земја/народ во рацете на туѓи политички и научни елити. Сега, таа и таква протолкувана историја е навистина „туѓа земја“ за сите нас, а децата во основните училишта се дури и „ослободени“ од обврската да знаат нешто за неа. Чекаме други да ни кажат кои сме, односно – дали сме (Македонци). За некое време децата нема да знаат ништо за своите прадедовци и дедовци, а Северна ќе им биде нормален назив за нивната земја.
Што правиме сега со Илинден? Ем е најголемиот национален празник, ем е непријатно да се слави; освен тоа, каква беља е тоа да имаш пред себе јубилеј од 120 години! Веќе е јасно дека државата немаше во план да ја одбележи целата оваа година во духот на Илинден, со низа настани од различен вид. Исто како за Гоце. Со лични напори и со мала помош од страна, доведени сме во ситуација со самото наше зборување, зборник на трудови и промоција на социјалните мрежи да бидеме на бедемот на одбраната на Илинден од заборав. Последната информација беше дека премиерот (кој мисли дека народот му е руски бот, платен со рубли да не прифаќа размакедончување), заедно со вицепремиерот и „прв потпретседател на Владата“ со славното позајмено „ауди“, оној што впрочем првпат се прослави со тупаници на Калето, сега таму да го одбележува Илинден. Уште не се исуши бојата на хартијата од мојата последна колумна за Ченто, а веќе се дистанцираа од него – испланираа чествување на Тврдина (во близината на она што ние колоквијално си го нарекуваме Кале, а мислиме на амбасадата на Империјата). Една умна жена го искоментира ова на следниов начин: „Кале, крепост, тврдина е градба оградена со бедеми за одбрана од непријателот. Нашиве челници по сè изгледа за непријател го сметаат народот“. И не е далеку од вистината. Ние никогаш не сме биле на иста страна: ни тогаш кога Црвенковски во 2004 година, во пресрет на референдумот, плачеше во Брисел дека народот му е националистички, ни сега, кога од Македонци насила прават руски ботови. Можеби е и добро ако останат на/до Калето, бидејќи тие немаат ништо заедничко со она што за нашата колективна меморија го претставува Илинден.
Присуството на Талат Џафери на Мечкин Камен е уште една цинична перверзија, заедно со одредени полусрамежливи настојувања, покрај бугарски карактер, на востанието да му се додаде и албански зачин. Ако не силум, тогаш милум.
Не знам како вие ќе си го поминете Илинден, ама имам чувство дека сме под притисок на мешани чувства: ни го отуѓија празникот уште многу одамна, си го присвоија и партизираа, народот го третираат како декор за нивните ритуални, здодевни и безидејни чествувања. Но, за првпат по подолго време навестуваат една нова политика – освен политиката на редефинирање на вистината со прифаќање на влажните соништа на соседите, тука прават и чекор повеќе. Почнуваат Илинден да го чувствуваат како непријатност, незгода, кај сега баш им се погоди јубилеј кога треба да го менуваат Уставот под бугарска и европска принуда? Илинден не ја изгубил искрата, нема Македонец што не го чувствува во своите дамари, па е незгодно да се колнете над моштите на Илинденците, а да ги продавате на комшиите. Ако (кога?) го сменат Уставот и ги внесат Бугарите како конститутивен дел на државата, тогаш сметајте дека циркусот ќе биде комплетен: ќе слават и 3 март (Санстефанска, Голема Бугарија) и Илинден (можеби „преображен“), но се осмелувам да прогнозирам дека 11 Октомври ќе оди курбан заедно со уште еден заборав за Ченто.
И повторно на ум доаѓаат бунтовните стихови на поетите, посилни од сите наши говори и научни трудови, кои ечат околу Калето сè до Софија: „Одиме, одиме, одиме. За да се доболи болливото/ За да се догледа гледливото / За да се доосвои најсвоето. Одиме одиме одиме. Со препал и со уплав/ Да не би да се испогубиме/ Низ маглата на вековите. Одиме своеглаво одиме упорито/ Одиме прекутрупа одиме гласовито/ Преку бришаниот простор на постоењето/ Одиме одејќи накај себеси. Нашински препознавајќи се — Нашински престигнувајќи се — Нашински издржувајќи“ (Гане Тодоровски). „До кај што сум ја пренесол својата љубов, дотаму е мојата татковина. А вие, еј! На што сте смислиле да ја сведете?!“ (Блаже Конески). „И ако требаат пароли – добро! – Ќе издигнеме плакати до месечината! – Слободна сакаме, Неќеме, неќеме протекторати!“ (Никола Ј. Вапцаров).