Комотно можам да конкурирам во категоријата на социјални дејности. Не на социјални мрежи, бидејќи немам Фејсбук, не твитам, поим немам што е Ватсап, ама се служам со Вибер, како што се служам со српскиот како странски јазик. Кои се моите социјални дејности што ми ја оправдуваат титулата маж на годината? Најважната дејност во оваа област ми е што чувам внуци, момче и девојче. Иако таму сум повеќе во улога на асистент, ама насушен асистент
Неочекувано сум вознемирен откога се отворени пријавите за избор и прогласување победник во неспортската дисциплина маж на годината. Во 13 категории се избираат успешни менаџери, извршни директори, доктори, компјутерџии, професори, актери, продуценти, музичари, шоумени, стилисти, спортисти, хедонисти и разни други исти.
Иако не знам во кои припаѓам, уште од лани низ главата ми се мота идејата да се пријавам, иако дел од условите исполнувам, а некои, и да сакам, не можам да ги исполнам. Идејата навидум е лудачка, пародична, можеби параноична, но голите факти говорат дека е реална. Реална, но неостварлива. Не знам зошто е реална, иако е налудничава самата намера да конкурирам за избор за маж на годината на моите 75 години, во натпревар во кој не се пожелни ислужените коњи? Тоа би било исто како во народната песна „го пратиле дедо во планина мечките да го изедат, еј бреј, лош дедо, бре“.
Без грам сомнеж може да конкурирам во категоријата менаџер на годината. Зошто? Немам свежи бизнис-идеи ниту сум научил да манипулирам со нив, но работите што ми се доверуваат ги менаџирам одлично по мое сопствено мислење, иако добивам критики, често и од најблиските, најчесто од сопругата. Во апликацијата ќе опишам што менаџирам успешно. Значи, одлично се снаоѓам во улогата на трговец поединец. Тргувам речиси секој ден. Не на берза, туку во маркети и дуќани. По налог на мојот комерцијален и финансиски консултант, главен советник и налогодавец (сѐ во едно се вика мојата сопруга), речиси секој ден сум или во „Тинекс“ или во „Веро“, каде што со касиерките имам воспоставено добри кооперативни и корпоративни односи. Поретко ме гледаат во „Рамстор“ и во „Кам“.
Дополнително сум трговски ангажиран на зелено пазарче, на Буњаковец, понекогаш за нешто специјално и на „Бит-пазар“. Улогата ми е еднострана, иако ми пасува – само купувам, ништо не продавам. Некои пријатели, главно мои врсници, или дел од тазе пензионери, оваа трговска дејност ја изедначуваат со пратеничката функција, за што мислам дека не се во право. Како што им е познато и на врапчињата, пратениците за неработа и за тресење глупости земаат големи плати. Ние неизбраните од народот пратеници дури и за завршената работа сме подложни на критики, а пратеникуваме бесплатно. А бе, тоа критичарите дома мора да ти најдат некаква мана, па ти ако сакаш отепај се да докажеш дека си постапил според дадените упатства.
Кој мисли дека таа менаџерска улога на трговец поединец е лесна, податлива и исплатлива, гадно се лаже. Та, само за тоа покажано самотрпение мажот во семејството и во општеството треба да биде прогласен за маж на годината.
Активен сум и во финансискиот сектор, особено во банкарството. Бидејќи не го имам совладано електронското (во мое време не се учеа лекции на телефон), трпеливо чекам ред и плаќам сметки во банка. Се чудам како банките се во толкава добивка кога само еден клиент троши на шалтер по дваесетина минути. Или толку минути чека за да стигне до шалтерот. На банкомат проверувам кога стигнала пензијата и често машки, со полумижење, проверувам што останало од неа. Секако дека испуштам машки солзи радосници кога нашата мила и прежалена влада во ноември соопштува дека пензиите ќе се зголемат во март, а во април наредната година соопштува дека ново покачување ќе има наредниот октомври. Ај да те видам не биди вистински маж, па не бликај од радост кога добиваш вакви вести како од вселената. Зашто ако пресметаш и во светлосни брзини, од ноември до март побрзо ќе стигне некој екипаж од Земјата на Марс одошто покачениот износ на пензијата во твојот џеб. Пензијата ќе биде покачена, ама прашање е дали ќе биде дочекана.
Комотно можам да конкурирам во категоријата на социјални дејности. Не на социјални мрежи, бидејќи немам Фејсбук, не твитам, поим немам што е Ватсап, ама се служам со Вибер, како што се служам со српскиот како странски јазик. Кои се моите социјални дејности што ми ја оправдуваат титулата маж на годината? Најважната дејност во оваа област ми е што чувам внуци, момче и девојче. Иако таму сум повеќе во улога на асистент, ама насушен асистент. Секој ден, освен петок и сабота, го земам внук ми од градинка, влегуваме во блиското дуќанче „Дамјанче“ нешто да се почести и го носам кај нас дома.
Тие значајни чекори, тие улички, ги газам секој работен ден без исклучок, зашто родителите им работат во капиталистички фирми од утро до мрак, а јас и сопругата сме социјалистички одгледани и воспитани. Воопшто не ми е важно дали внуците ќе ме паметат, важно е што јас нив ќе ги паметам. Истото тоа ќе го правев и со другите внуци, но другиот син си ја најде среќата во Канада, каде што живее сега. Тамошните внуци ги гледам на Вибер и нема да ви кажувам како се чувствувам, бидејќи, ако бидам искрен, веднаш би отпаднал од конкуренцијата дека сум бил некаков маж.
На социјални мрежи ми ги пренесуваат текстовите што ги пишувам во весникот „Нова Македонија“. Што колумни, што анализи, што репортажи или други жанрови, годишно, во просек, објавувам околу 70- 80 текста. Нема маж што не гледа мака кога ќе застане пред бел лист хартија што треба да ја пополни со зборови. За некои текстови добивам комплименти од типот: Браво бе, Панде, ова само јак маж, па макар и ќелав, може да го напише“. А само јас знам како ги пишувам. Не сум од оние што легнуваат со кокошките. Како маж отсекогаш сум бил ноќна птица, пишувам меѓу 23 и 2 часот, заспивам со првите петли.
Исполнувам услови и во категоријата спорт, рекреација и други активности, слични на спортски. Машки, ако не секој ден, ама преку еден пешачам од четири до шест километри, просек 14-15 минути километар. За викенди на Водно од осум до десет. Дел заради шеќерот, дел заради себе. Барам, понекогаш и берам печурки. Со Санде Стојчевски, познат поет и македонски експерт за габи, шетаме низ Скопско Поле за тополки и буковки. Низ цела Скопска Црна Гора, Маврово и Кумановско за вргани, јајчарки, шампињони, сончарки и крвави рујници. Со сликарот Стефан Хаџиниколов обиколуваме половина планина над Патишка Река за смрчки, лисичарки и вргани. Благодарение на лекциите на Санде, познавам четириесетина вида јадливи печурки, дваесетина нејадливи и исто толку отровни, некои смртни. Есенва на Скопска Црна Гора го најдовме елдорадо, во два наврата собравме по дваесеттина кила шампињони. Еден шампињон поголем од машка тупаница.
Апликацијата во графата за слободни неопштествени активности може да ја пополнам и со еден нов личен рекорд од моето старо хоби – рибарлакот. Минатиот месец, на Денот на македонската револуционерна борба, на терен во Грција, на Вардар под Поликастро, сум уловил мрена тешка три кила и триста грама. Дури и да одбиеме триста грама на рибарската лага, трите кила ќе останат.
Кај неопштествените активности сигурно очекувате да проговорам нешто и за сексот, особено што на конкурсите за маж на годината често се избираат оние што се нарекуваат „мачомени“ и џентлмени или ги бие таков глас. За сексот нема да кажам ништо, зашто што било да кажам ќе излезе дека се фалам. А има ли прав маж што не се фали со таа работа, што си вели – фали ме усто да не те раскинам.
Ај, да ве прашам вас, драги читатели, има ли маж што ги знае сите овие работи, што ги постигнал сите наведени рекорди, а што не заслужува награда? И што машки ги истргал сите финансиски, комерцијални, трговски, пратенички и социјални маки?
Сега, кога го привршувам текстов, се фаќам во сопствената стапица од што сум претерал да зборувам само за себе. Па, вакви заслужни мажи како мене има стотици во секој град во државава, која, не по наша волја, носи име Северна Македонија. Само што и за нив важи заклучокот дека идејата навидум е лудачка, пародична, можеби параноична, но голите факти говорат дека е реална. Реална, но неостварлива. Никој не ги бара, ретко кој ги почитува, никој не ги става на листа на заслужни граѓани, не ги зема во обѕир за манифестации од типот на избор на маж на годината.
А навистина треба да си прогласен за маж не на годината, туку маж на деценијата за да го поднесеш и издржиш ова што се случува со државава и сѐ околу неа.