„Вепонизацијата“ на гладот не е непозната како воена тактика, бидејќи едни од најцврстите тврдини низ историјата паѓале така, однатре, од глад. Но сигурно е незамисливо вакво нешто да биде користено во 21 век. Сепак со војната во Украина повторно се јавија „злите духови од минатото“. Дали сме на чекор до една од најголемите хуманитарни катастрофи во поновата светска историја?
Откако западните земји ѝ наметнаа на Русија сериозни економски санкции, официјален Кремљ својата економија како да ја претвори во „воена економија“. Очекувано беше дека ќе следуваат реципрочни мерки и дека Русија ќе го извади веќе познатиот адут – нафтата и гасот и ќе возврати кон западните економии, или барем ќе ги користи како инструмент за создавање поволни позиции. И тоа не беше тешко да се предвиди споредено со тоа што се случуваше по анексијата на Крим.
Но „вепонизацијата“ на храната е сосема нова и многу опасна димензија што произлегува од овој конфликт што може да доведе до глобален глад!
До пред почетокот на војната, Украина и Русија беа „фармите“ што снабдуваа значаен број региони во светот со најважните земјоделски производи: пченица, сончоглед и пченка. Низ бројки прикажано, во однос на пченицата Русија е трет, а Украина осми најголем производите во светот. Вкупно, тие заедно сочинуваат околу 30 проценти од светската трговија на пченица; сончоглед – Украина е прв, а Русија втор најголем производител во светот или вкупно заедно над 50 проценти од светското производство; Украина исто така е и петти најголем производител на пченка во светот.
Овие бројки доволно говорат за тоа колку светот е зависен од нормалното функционирање на земјоделството и нормалната трговија од овие две земји, кое во Украина моментално не функционира затоа што во најплодните региони: Харков, Днепропетровск, Запорожја, Одеса и Доњецк се водат најжестоките борби.
Дури и да можат да работат, ќе немаат каде подоцна да го складираат, бидејќи најголем дел од складиштата се полни од жетвата од пред почетокот на војната и онеспособеноста за извоз.
Извозот на овие добра (најмногу пченица и сончоглед) од Украина се одвива преку товарни бродови, кои подоцна треба да завршат во некои од африканските земји, земјите од Блискиот Исток и Југоисточна Азија (како едни од најголемите и најзависни увозници).
Имено, украинскиот извоз е оневозможен во голема мера поради војната и ситуацијата на теренот, присуството на руски воени бродови во Црно Море (околу Крим и не многу далеку од Одеса), кои не дозволуваат никаков брод да излезе од украинските води, но и поради поставувањето поморски мини во водите околу Одеса (каде што е и клучното пристаниште) од страна на украинската морнарица, со цел спречување на евентуален амфибиски напад или пукање.
Токму поради ова, веројатно е дека претходната жетва веќе ќе почне да скапува, а годинашната, која ќе се случи во значајно помала мера, да не може да се извезува. Вака поставено, Украина може да дојде до ситуација да треба таа да увезува!
Но покрај Украина, ова ќе биде уште поголем проблем за неразвиените земји во Африка!
Египет е една од поголемите земји што е мошне зависна од пченицата што доаѓа од Украина (26,4 отсто) и Русија (32,1 отсто). Исто така, едни од најнеразвиените земји во светот се зависни од увозот на пченица што доаѓа од овие земји: Сомалија (100 отсто), Бенин (100 отсто), Лаос (94 отсто), Судан (75 отсто), ДР Конго (69 отсто), Сенегал (66 отсто) и Танзанија (64 отсто).
Овие земји и уште плус десетина или повеќе ќе бидат најмногу погодени од две основни причини предизвикани директно од војната.
Првата причина е онаа евидентната, односно неможноста да се најде алтернативен увоз за толку краток период, бидејќи другите земји што се меѓу најголемите извозници веќе си имаат обезбедено свои пазари. Втората причина е предизвикана директно од војната во Украина, но влијае индиректно.
Имено, европските земји им воведоа санкции на Белорусија и белоруски компании со државна сопственост поради инволвираноста во војната во Украина.
На таа листа се најде и „поташа“ компанијата „Belaruskali OAO“, која е и една од најголемите компании во државна сопственост. „Potash“ инаку во англиската терминологија се користи за минерални соединенија што содржат калиум. Се работи за една од најважните состојки во производството на вештачко ѓубриво, а исто така и е една од трите клучни хранливи материи потребни за оплодување на основните култури како оризот, пченицата, шеќерот и сојата, обезбедувајќи да има доволно од овие основни продукти за да се хранат и луѓето и добитокот.
„Belaruskali OAO“ се занимава со целиот белоруски извоз на поташа и е втор најголем производител во светот. До пред санкциите, компанијата контролираше околу 20 отсто од глобалниот пазар и најмногу извезуваше во Кина, Индија и во Бразил. Овие земји исто така важат за едни од најголемите производители на храна во светот. Поради проблемите на глобалното снабдување со поташа, кое околу 40 отсто доаѓа од Русија и од Белорусија, се дестабилизира снабдувањето и се јавува глобален недостиг, како и ценовен шок на вештачко ѓубриво, кое е клучно во производството на споменатите култури.
Токму со овој проблем најпогодени стануваат африканските земји, кои и онака се многу зависни од него поради тамошните услови. Во вакво сценарио, неколку региони во Африка ќе бидат во глад, а неколку земји ќе бидат на граница на глад!
Претпоставките велат дека сме на чекор до глобален недостиг од храна. Кризата со пченицата и пченката има круцијално влијае и врз одгледувањето и исхраната на добитокот, а со тоа и на целата месна и млечна индустрија. Сето ова има „домино-ефект“.
„Постои реален ризик да се прогласат повеќекратни гладови во 2022 година, а 2023 може да биде уште полоша“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Законот или моќта на брашното“ вели дека кога има глад следуваат револуции. Револуциите секогаш следуваат кога народот ќе го изгуби парчето леб, бидејќи што друго веќе може да изгуби? Во гореспоменатиот најголем увозник на украинска пченица, Египет, веќе постои случај кога во 1977 година има избиено „немири за леб“.
Со блокадата на украинските бродови, Русија веројатно има цел дополнително економски да ја истроши Украина и да ја принуди на капитулација. Но со блокадата, Русија, намерно или ненамерно, го блокира и снабдувањето со храна кон африканските земји, што на некој начин ѝ оди во прилог.
Прво, Русија ќе може да се понуди како снабдувач и да ги направи зависни од неа овие земји. Второ, при евентуален глад секогаш има миграции и револуции, од кои подоцна пак следуваат миграции. Тие миграции, поради географската близина, веројатно е дека ќе бидат насочени кон земјите на ЕУ, кои патем веќе примија над седум милиони Украинци.
Во вакво сценарио, на агендата на ЕУ пак би се нашол проблемот со мигрантите, кој во одредена мера кога беше сириската бегалска криза придонесе и да се случи брегзит, па и да се создадат поделби во Унијата, како и фундаментални поделби во самите нации во однос на ова прашање. Во „старите“ проблеми повторно ќе биде и Западен Балкан.
Сето ова директно оди во прилог на геополитичките интереси на официјален Кремљ, особено во ваков период.
ЕУ веќе ја има воочено опасноста што може да произлезе од евентуален ваков редослед на настани и очигледно е дека веќе има започнато подготовки, и економски и оперативни. Многу е веројатно дека во оние оперативните подготовки и планови, може да се третира и ставањето на договорот за Фронтекс со Македонија на „брза лента“.
ВИКТОР ЈАКИМОВСКИ respublica.edu.mk
(Авторот е дипломиран политиколог)