Изборите и што потоа?

  • Нема многу европско разбирање за Македонија како земја и држава осудена на трпење историски неправди, жртва на територијални апетити на сите соседи и на светски заговори. Не само тоа. Видливи се тенденциите за нејзино поткопување и за оспорување на националниот идентитет на народот, неговите јазик, писмо и културно наследство. Во еден дел во тие лавиринти треба да се бараат причините зошто две децении се затворени вратите на ЕУ

Деновите по избори се, или би требало да бидат, денови на големо отрезнување и освестување на граѓаните на Македонија од сите партии. Уште поособено за лидерите на двете најголеми и според добиените гласови најподдржувани партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Атмосферата, процентот на одзив на гласачите, показателите и резултатот од овие избори се меѓу последните, загрижувачки аларми. Можеби од последна можност за уште едно темелно и сериозно себепреиспитување каде е Македонија денес и каде ќе биде утре. Ова особено се однесува и на Македонците како нација, како народ, како држава, како, каде и со кого ја гледаме и ја делиме својата иднина?
Изборните резултати, како и да се толкуваат, колку и да се лакираат, да се воспеваат или ралативизираат, ги покажуваат реално високата поларизација и политичката поделеност на Македонците, синдром што со различен интензитет го следи Македонецот со векови. И без цртање географски карти, самите гласачки ливчиња испишуваат три македонски Македонии. Едната на ВМРО другата на СДСМ и третата на албанските партии Влен и ДУИ, заграничени на западниот дел од државата, од Липково до Струга.
Денот по изборите, иако локални, не ги исфрли на површина само сознанијата за партиската поделеност, предноста и припадноста, победата или поразот. Добиените гласови на едните или на другите не се само израз на доверба, туку многу повеќе повик за отрезнување, за реално согледување на состојбите, загриженост за националниот и социјалниот опстанок. И порака до раскараните лидери за нивната историска одговорност, не само пред своите партии туку пред државата Македонија и македонскиот народ, пред македонските граѓани во целина без оглед на национална припадност, вера и политичко убедување.

Реално, без романтизам и носталгија, да се согледа што е направено од Илинден до АСНОМ, од АСНОМ до прогласувањето на независноста, од самостојноста до денес. И што добивме, а што загубивме во овие 35 години независност изоден пат, кој не може да се дефинира во неколку реченици, уште помалку да се донесува заклучок за напредок или за регрес, за победа или за пораз на основните идеи и идеалите на еден слободен народ. И зошто по 35 години Македонија се наоѓа на полоши политички и економски позиции одошто на денот на прогласувањето на независноста?
Речиси ништо не може да помине компромисно, со меѓусебно разбирање, договарање или соработка, умерено, рационализирано и во интерес на сите граѓани, а не само на партиските војници и припадници на едната или на другата страна. Прашање е: кому му служи тоа, кој има корист од таквата ситуација со погубни последици? Прашања што се јавуваат речиси од година на година, од избори до избори, од моменти на прослави до денови на протести. Прашања за кои нема јасни одговори.
Исто како во поранешните така и по овие избори нема одговори зошто и покрај сиот вложен труд, покрај сите извршени реформи, промени на знаме, на име, на устав, Македонија во светот реално сѐ уште се претставува како неевропска и нецивилизирана држава, како темен вилает, како општество што е во судир со самото себе, земја на хаосот и очајот, европска периферија со полуколонијален статус, немоќна да исчекори во 21 век и како еден од факторите на нестабилност во регионот. Навистина голема причина за тоа е притисокот што потајно го врши Грција и ултиматумите на Бугарија, но тие состојби не може да бидат вечно оправдување за летот во место.

  • Иако локални, и овие избори покажаа дека еден друг фронт, кој може да се крсти внатрешен антимакедонизам, форсиран и пласиран од политичари, новинари и од други јавни личности, за жал, заживува, зазема сѐ поголем простор. Тоа е едно необјасниво анационално однесување. Тие сили на секој начин се трудат да ја замолчат, да ја елиминираат потребата за заштита на македонството во сопствената држава. Оние што говорат јавно за загрозеноста на Македонците веднаш се етикетираат како националисти или ширачи на говор на омраза. Баш анационално, дури и бедно однесување, сега кога по триесет и пет години требаше да се гордееме со силна, стабилна, меѓународно етаблирана македонска држава, со национално и државотворно единство

Македонија три децении опстојува како брод на отворено разбранувано море, без сидро и без да гледа каде е пристаништето. Не го констатираат тоа само извештаите на Европската Унија, тие констатации на нашите лидери им ги соопштуваат и добронамерните странски гости, шефови на држави и на дипломатии. Може годишните извештаи на ЕУ да се необјективни, може да се намерно негаторски обоени, може да им се стават низа забелешки за непринципиелност, но тие наши реакции не ја менуваат суштината.
Нема многу европско разбирање за Македонија како земја и држава осудена на трпење историски неправди, жртва на територијални апетити на сите соседи и на светски заговори. Не само тоа. Видливи се тенденциите за нејзино поткопување и за оспорување на националниот идентитет на народот, неговите јазик, писмо и културно наследство. Во еден дел во тие лавиринти треба да се бараат причините зошто две децении се затворени вратите на ЕУ.
Иако локални, и овие избори покажаа дека еден друг фронт, кој може да се крсти внатрешен антимакедонизам, форсиран и пласиран од политичари, новинари и од други јавни личности, за жал, заживува, зазема сѐ поголем простор. Тоа е едно необјасниво анационално однесување. Тие сили на секој начин се трудат да ја замолчат, да ја елиминираат потребата за заштита на македонството во сопствената држава. Оние што говорат јавно за загрозеноста на Македонците веднаш се етикетираат како националисти или ширачи на говор на омраза. Баш анационално, дури и бедно однесување, сега кога по триесет и пет години требаше да се гордееме со силна, стабилна, меѓународно етаблирана македонска држава, со национално и државотворно единство.
Граѓаните, гласачите, очекуваат побрзи одговори. Пред победничката партија, која сега има широка поддршка и обезбедена стабилна власт, стојат предизвиците на старото и на новото време. Колку што успешно ќе ги реализира дадените ветувања, толку ќе ја потврди довербата меѓу граѓаните. Во противно ќе го губи авторитетот, ќе си ја ослабнува моќта и ќе се расплинува однатре, искуство што не е многу далечно на македонската плуралистичка сцена.