Нова реконструкција не е решение, та ја имавме пред неколку месеци и не донесе промена. СДСМ го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за заедничка работа за излез од кризните состојби во четири подрачја: економија, ЕУ-интеграции, здравство и образование. Оттука решение се предвремени избори сега!
Пред неполн месец во „Избори, сега, се решение!“ аргументирав зошто предвремени парламентарни избори се решение за нашата (политичка) ситуација. Во нормални услови е легитимно опозицијата, во нашиот случај ВМРО-ДПМНЕ, да бара предвремени избори, а власта, во нашиот случај СДСМ/ДУИ да одбива такви барања, односно во нормални услови е легитимно политичките актери да го избираат времето кога е најповолно за нив да се одржат изборите. Нормално е СДСМ да сака избори, според нив, откако би повратиле дел од рејтингот, со легитимни и полулегитимни мерки како зголемување на пензиите (откако го укинаа усогласувањето), зголемување на минимална плата (без да се планира усогласување на другите плати), завршување на автопатот Кичево – Охрид, да ја тргнат етикетата на неспособност, или да го тргнат бугарското вето за ЕУ.
Но во Македонија нема нормални услови, ниту е нормално времето, ниту власта користи легитимни методи за останување на власт. Не е нормално времето, бидејќи се соочуваме со ЕУ ќор-сокак, се наоѓаме во енергетска, економска криза, неизвесна здравствена состојба и многу други кризни состојби. На „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година, тогашната опозиција СДСМ протестираше за задолжување од, ако добро се сеќавам, 250 милиони евра, а сега СДСМ/ДУИ како власт планираат задолжување од над една милијарда! Владата сѐ повеќе посегнува по нелегитимни методи во Собранието, или во слободата на медиумите! Но и директно против опозицијата со карикатурни судски случаи како конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Губењето на легитимитетот на Владата на СДСМ и ДУИ по локалните избори беше пресретнато со оставка на Зоран Заев, премиер, голема реконструкција на Владата и зголемување на владејачката коалиција со Алтернатива. Целта на новата влада е да го пресретне опаѓачкиот рејтинг на Владата и да направи пресврт. Но тоа по 100 дена Влада не се случува и потврдено во повеќе анкети, вклучувајќи и последната на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за 100 дена Влада.
Генералниот впечаток е дека Владата не ги исполнува очекувањата на граѓаните. Двајца од тројца граѓани имаат став дека Владата не ги исполнува очекувањата, за близу исто толку граѓани (58,7 проценти) квалитетот на животот се влошил, а нема ни верба дека нешто ќе се подобри следните години. Дури еден од тројца граѓани вели дека Владата не ги исполнила очекувања во сите подрачја, а подрачја со најмногу неисполнети очекувања се економија, правда, но и образование, здравство и други подрачја. Целосна разочараност има од економијата (13,9 проценти), здравството (10,6 проценти), правдата (8,2 проценти). Тоа се рефлектира и на перцепциите како министрите си ги вршат своите работи и министрите за економија, правда, образование и други се оценети дека не си ја вршат својата работа. За спомнување е дека и наспроти црните слики, за двајца министри со битни ресори, Фатмир Битиќи и Фатмир Бесими, има преовладувачки позитивни оцени. Иако имаше голем број скандали поврзани со полицијата, безбедноста не е перципирана како подрачје на изневерени очекувања, а министерот Оливер Спасовски има преовладувачки позитивни оцени.
Некој може да рече дека сликата е црна од аголот на гледање на опозицијата. Да, има двајца од тројца граѓани што мислат дека Владата не ги исполнила очекувањата, но има еден од тројца или околу 33 проценти, кои мислат дека Владата ги исполнила очекувањата. Па Бајден, Макрон и Шолц ги владеат едни од најмоќните земји на светот со слична поддршка од јавноста! Зошто тоа во Македонија би било причина за оставки и предвремени избори!?
Затоа што новата влада на СДСМ и ДУИ не направи позитивен пресврт во владеењето. Дека Македонија се движи во правилна насока сметаат помалку од еден од пет граѓани, односно 16,8 проценти и тоа е намалување во однос на 2021 година пред локалните избори, кога 19,3 проценти сметале дека се движи во правилна насока. Тоа се рефлектира и во пад на довербата на Владата на 34,2 проценти од 38,8 проценти во 2021 година. Владата на премиерот Димитар Ковачевски има помала доверба од Владата на премиерот Зоран Заев. И се намалува бројот на граѓаните што сметаат дека Владата има сила и способност да продолжи на 23,3 проценти од 26,5 проценти во 2021 година. Од друга страна, стабилна е поддршката за предвремени избори (36,3 проценти), а во пораст е ставот за целосна мобилизација со голема коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (30,4 проценти).
Одредени политички аналитичари сметаат дека во ваква состојба излез се или голема, суштинска реконструкција на Владата или предвремени избори. Нова реконструкција не е решение, та ја имавме пред неколку месеци и не донесе промена. СДСМ го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за заедничка работа за излез од кризните состојби во четири подрачја: економија, ЕУ-интеграции, здравство и образование. Оттука решение се предвремени избори сега!
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek #Избори2022