Се крчка лонецот за изборите. Уште малку и ќе почне да врие. Не е националистичка позиција туку македонска загриженост ако се каже дека кон подигнување на температурата на изборната рингла придонесува албанската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ) преку својата „листа на желби“, кои повеќе личат на ултиматуми. Нејзините уценувачки налози за можно постизборно коалицирање и учество во владата не може да се третираат само како однос кон другите партии туку тие имаат силен мирис на закани кон македонските граѓани, поточно кон Македонците.
ДУИ три децидни изложува пред јавноста услови дека нема да коалицира постизборно со македонска партија. Прво ако не се прифати во иднина претседателот на државата да се избира во Собранието, второ ако Бугарите не се запишат во Уставот уште пред да се формира владата и трето ако победничката партија со што било клонира кон Русија и Србија, кон таканаречениот руски и српски свет.
Сето тоа завиено во обландата на патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
Нивните партиски определби се легитимни, во согласност со политичката ориентација и националните интереси на Албанците во Македонија, такви какви што ДУИ си ги толкува. Ако на ова се додаде дека и Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција, излезе со истите барања, треба да се сфати дека тоа е проект што се наоѓа во заеднички албански раце. Идејата ја рекламираат како позитивна и прогресивна, која во одредени поинакви уставни или вистински демократски околности навистина би била таква.
Но во случајов и во моментните општествени околности зад таквите идеи може да се насети дека албанскиот политички блок, речиси во целина, заговара, поттикнува, помага или подготвува активности со кои може драстично да се промени сегашното уставно уредување, со изгледи и да се загрози. Такво е барем мнозинското македонско мислење.
Најбенигно е прашањето околу изборот на претседател на државата со собраниски консензус односно по Бадентеров принцип. ДУИ под тој принцип заговара Албанец за претседател на државата, односно некаков претпоставен принцип на ротација – еден мандат Албанец, еден мандат Македонец, ретко кога би можел да биде некој од друга националност. Од таков избор сигурно нема да има ниту државотворна ниту општествена ниту уставна штета, се разбира ако намерите се чесни.
Партијата СДСМ го цени предлогот на ДУИ како одење назад во демократските процеси, а ВМРО-ДПМНЕ го нарече националромантичарски.
Ако првото барање е „романтичарско“, другите две се импресионистички и сурово реалистични.
Познат е ставот на ДУИ и на албанскиот блок околу промената на Уставот и запишувањето на Бугарите во него, како еден од условите за почеток на преговорите со Европската Унија. Од првиот ден тие се за исполнување на тој услов. Но ставот дека нема да има влада по изборите ако претходно не се впише бугарската заедница со уставни амандмани е повеќе од ултимативен и уценувачки. Не кон партиите, туку кон македонскиот народ.
Имено, на ДУИ не му е непознато дека повеќе од 70 отсто од Македонците во Македонија се против внесувањето на Бугарите во Уставот и во неговата преамбула. Ако се оди по некоја национална аналогија, се доаѓа до сознанието дека албанските партии, водејќи сметка за своите интереси, не ги почитуваат интересите и чувствата на своите сограѓани – Македонците. Албанското застанување на страната на Бугарите против определбата на мнозинското македонско население е навреда за секој Македонец, дури и за оној со минимум патриотско и национално чувство. Ултимативно наметнувајќи ги уставните амандмани застануваат во одбрана на бугарските ставови за историјата, за идентитетот, јазикот и писмото на Македонците.
Чувството на обезвреднување на гласот на Македонците и зголемување на вредноста на гласот на Албанците во голема доза беше изразено и при преговорите со Грција за решавање на прашањето за името. И во тој случај албанските партии (ДУИ на чело) застанаа на грчка страна, не се потрудија ни како куртоазија да застанат во одбрана на името. Друга ќе беше играта ако тие уште од почетокот ја поддржуваа Македонија, а не Грција. Не е мал бројот на Македонците, не само на горливите националисти, што гледаат дека албанскиот фактор преку ДУИ во повеќе клучни наврати во политичкиот ринг го удира подмолно под стомак македонскиот партнер.
Во последнава година, како и во овој предизборен период, забележлива е иницијативноста на ДУИ наспроти неговиот коалициски содружник СДСМ, кој е зачаурен во безидејност и е во голем недостиг од понуда на решенија од ситуацијата во која се наоѓа државата. Во рамките на таа иницијативност, ДУИ во најновата изборна игра го уфрли и рускиот фактор, вклучувајќи го него како еден од ултиматумите за коалицирање. Не се знае дали е тоа оригинално стојалиште на партијата или е сторено по американска препорака, но претпоставка е дека „руската мечка“ ќе се користи во изборната кампања со нагласка дека никој не треба да се потпира на нејзината сила.
Во таа смисла не може да се исклучи можноста и за нејзина злоупотреба во случај изборните резултати да не им одат во прилог на некои од партиите, односно на евентуалните губитници. И во самата Америка прашањето за руското влијание во нивните избори е актуелно повеќе години, зошто би било чудно кај нас, по таа американска аналогија.
Како резултат на тоа наводно руско мешање не е исклучено некој да побара и поништување на изборите, испоставувајќи демонстративно барање на нови, повторени. Таквата ситуација би предизвикала нови потреси, нови поделби во државата и општеството, нова неизвесност, дури и уставна криза и национална загрозеност.
Да сме живи и здрави, да почекаме, да видиме.