Таму каде што другите форми на владеење зависат од стравот и идеологијата, само демократијата е положена на способноста да ја промовира вистината како темел на довербата. Во Македонија наместо животната енергија на демократијата и политиката да се црпи од вистината, се црпи од вешто спакуваните и исфабрикувани лаги. Да бидам политички коректен – невистини. Барањето вистина и кажувањето на вистината, со други зборови, се нераскинливо поврзани со сите вистински демократски процеси. Секаде, само не кај нас.
Во последните години бевме сведоци како вистината и фактите го изгубија своето значење како одредници за оцени и одлуки станувајќи флексибилна алатка за зајакнување на одредени политики со кои се разнебитуваше државата. Особено во сферата на историјата каде што историските факти станаа безобразно лесни за манипулација и честопати политички најчувствителни и оспорувани. Кога историјата не зависи од постоењето на фактите, историските лаги ја кородираат вистината. До толку, што имам впечаток дека во Македонија како некој намерно да сака вистината да остане затворена во старите и добри идеолошки догми, анатемисувајќи го секој обид усвоените и еднаш засекогаш дадени вистини да бидат предизвикани од поинакво поимање на историјата и реалноста што нѐ опкружува. Во оваа држава политиката нѐ истренира дека треба да престанеме да трагаме по изгубената вистината зашто никогаш нема да ја најдеме. Затоа што не постои. Конечно, политиката ги реши сите мои заблуди и дилеми. Политиката и историчарите успеаја да ме убедат дека нашата историја не е објективна и точна и дека сериозно е дистанцирана од нашата меморија, која нѐ идентификува со минатото. Големото прашање што нашите идеолошки историчари го поставија пред нас денес е: дали навистина можеме да ѝ веруваме на историјатa што тие ја пишуваа откако така лежерно побрзаа да седнат на маса и да ја преговараат и пазарат со нашите соседи? Притоа не гледајќи дека политиката веќе ја испазари.
И по сѐ, оди верувај во македонската историја. Без оглед каква е. Без оглед дали е посакувана или не. Нашата меморија и наратив за минатото се погребани. На Македонија повторно, како многупати низ историјата, ѝ се нуди безличност. Само безлична Македонија без корен и свест за своето постоење е по теркот на новата историја што треба да ја испишеме. Или историја што треба друг да ни ја испише со наш ракопис. Историја што почнува тука и сега. А можеби и малку порано во Коминтерната и Тито. Изгледа ова е најдобро што можеше да ни понудат политиката и нејзините историчари да престанеме да трагаме по вистината за да не ги иритираме нашите соседи, нашите состанари и нашите загрижените чувари на идеолошките догми и вистини. Само така, во една обезличена Македонија ќе може да ја делиме историјата со други, само во обезличена Македонија ќе може да ги препечатуваме историските читанки, менувајќи ги историските факти, само во обезличена Македонија ќе се пазарат со вашата душа, сеќавање, ќе ви го сосечат коренот на вашето постоење и ќе ви го одземат името како одредница за вашата идентитетска идентификација. Затоа најдобро да не чепкаме по вистината. Да продолжиме да живееме со старите догми и новите историски вистини. Зошто да плаќаме висока цена? И така животот ни го направија бувљак.
Некој запишал дека ја гледа историјата како приказна за слободата. Кај нас ја гледаме и доживуваме како приказна на поробувањето. Историјата ја направија лабораторија во која експериментираат со нас Македонците, претворајќи ја нашата меморија во историска аномалија. А што друго можеш да очекуваш од историчари што ќе ги помешаат политичките преференции со историските судови. Кога ќе си земат слобода да бидат судија во самоконструирани судови на историската вистина, без оглед што штетите од ова можат да бидат и се погубни за државата и нејзиното постоење. Всушност, сега гледаме кај нѐ однесе фаталното пријателство на историјата и политиката во Македонија: во мемориска бездна. Велат дека тоталитарните режими не можат да издржат без да произведат тотална лага и обратно, тотална лага може да се наметне само во тоталитарен режим.
Па сега видете, ако имавте дилеми, во каков режим живееме кога сме подготвени за секакви отстапки во поглед на барањата на Грција и на Бугарија, вклучувајќи ги историските. По сѐ, верувам, не само јас туку и многумина како мене, дека имаме сериозни дилеми за тоа што е, а што не е историска вистина. Особено откако политичарите и нивните историчари ја киднапираа дебатата за историските прашања, честопати мешајќи ги историјата и политиката на неодговорен начин. Изгледа тоа беше и остана доминантна матрица на нашата, никогаш ослободена, идеолошки заробена историографија, која го покажа своето деструктивно лице во преговорите за заедничката историја со Бугарија, како научно бесмислена и без никаква интелектуална чесност. Но, сепак, најголемата опасност за иднината на државата денес не е добро познатиот конфликт меѓу историјата и политиката, туку структурниот и институционализиран консензус. За жал, не можам да кажам дека историчарите во Македонија се жртви на политизирање на историјата, откако едни го промовираа, а повеќето премолчеа, додека она што ни го понудија како одговор на бугарските барања е историја на срамот, наместо историја на гордост и национален континуитет.
Во комунизмот само иднината беше сигурна, додека минатото постојано одново и одново се пишуваше. Денес иднината на комунизмот навистина е сигурна, но последните децении потврдија дека инструментализацијата на историјата не било само комунистичка особеност. Ако некој има дилеми за ова во Македонија, нека ги праша нашите историски пазарџии со Бугарија. Кај нив е одговорот.