28 декември 1944 – Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија… По уводното репортерско јавување за значењето на Собранието, Методија Андонов Ченто ги поздрави сите присутни и им се заблагодари на сите оние што со натчовечки напори овозможија низ етерот да се слушне македонскиот јазик, како и одлуките на Второто заседание.
Во развитокот на електронските медиуми кај нас разликуваме три периоди. Првиот иницијален период на технолошко-техничка фасцинација е кога со радиото и телевизијата владееја инженерите и кога нивниот развиток го диктираше техниката. Ништо не можеше да се преземе без одобрение на технократскиот благослов и дежурниот инженер. Потоа настапува времето на програмскиот интерес, во кој развитокот го диктираа творците на програмите. Тоа беше „златната доба“ на продукциската телевизија, во која можеше да се направат и реализираат најразновидни жанрови, програмски цели и задачи.
Во процесите на развој се создадоа професионални кадри што успешно одговорија на претпоставените долгогодишни продукциски предизвици. Секојдневно следење на настаните и информирање од историските збиднувања, големи играни серии, подем на документарниот жанр, квалитетна образовна програма, со која пораснаа и другаруваа генерации, слушајќи го и учејќи го македонскиот јазик, песни, обичаи и настани, се само дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
И уште еднаш ќе потсетиме, за да се знае и да не се заборава. МРТВ само во еден мал сегмент може да се нарече новинарска куќа, како што милуваше да ја слови и генерализира јавноста. Новинарството /информативниот сектор/ во сите периоди во развојот на јавниот сервис беше клучната заблуда, која заедно со неодговорните политики ѝ нанесе огромни штети и застој на МРТВ. Во изминатиот плурален период новинарскиот профил (чест на исклучоци) беше најкорумпираниот дел на оваа куќа, кој безобѕирно ѝ се додворуваше на политиката и се престројуваше од една опција до друга, од една раководна гарнитура до наредна, претставувајќи се и нудејќи се како носечки клучен дел на куќата. Истакнати новинарски имиња ја ползуваа МРТВ како отскочна штица за во дипломатијата и политиката, за сопствена промоција и интерес и тој комплот континуирано ја разградуваше силната продукциска кондиција и го исцртуваше лошиот имиџ за МРТВ во јавноста, не обѕирајќи се на последиците.
Упорно се прескокнува и маргинализира она што во оваа дејност се нарекува продукциска компонента. Малку се споменуваат имињата на врвните инженери Бунарџиев, Ќурапов, Џартов, Илиев, Калина Сливова, Баже Ристов, врвните режисери Вељо Личеновски, Јане Петковски, Илија Филиповски, Мирослав Чепинчиќ, Ацо Алексов, Душан Наумовски, Димитар Христов, Скендер Кули, Божидар Тодоровски-Бодле, Кирил Ценевски,Благоја Марковски, Иван Митевски и други. Над 200 најразлични креативни профили ја создаваа и се вградија во историјата на оваа куќа, низ голем број преноси, прослави, врвни спортски реализации од олимпијади, референдуми… вредни луѓе што трпеливо, и покрај секогаш ниските плати, ја полнеа ризницата со играни, документарни, детски, забавни, народни… вкупно над 150 илјади продукциски единици, кои и денес ги сретнуваме на програмите на собранискиот канал, вредна документација што со годините прераснува во историска граѓа, сведоштво за благороден напор и посветеност на многу луѓе, професионалци на кои во наредни писанија ќе се осврнеме и потсетиме.
Ја имав таа среќа одблиску да бидам дел од т.н. заднинска механика во која се вклучени и други над 200 најразлични професионални профили и непосредно да го запознаам сето тоа заедно што е вградено и се вградува во тој секојдневен виртуелен одраз како јавен интерес што е континуирано предмет на програмите на Македонската радио-телевизија. Едноставно, етерот е ресурс, како што е водата за пиење, и треба да се чува, брани, доизградува. Но денес, за жал, е поинаку. Еве сме во ерата кога со медиумите владеат политички лоби-групи и интереси, сметководители, интересчии, време во кое на инфраструктурно- технолошки план амбиентот силно се демократизира, техниката драстично поевтинува и е лесно достапна. Но и време кога преовладува свеста дека веќе секој може да посегне по етерот и немилосрдно програмски да го разнебитува.
Стварноста во Македонија денес е медиумски привид, кој како да е оставен сам на себе. Во македонскиот етер, во таа необична врвулица од национални, регионални и маалски концесионери главно е препокриена со пластови странска продукција, станува сѐ помалку видлива или е цел на неприкосновениот графички дизајн, кој со силата на виртуелната естетска сугестија секојдневно ни донесува ронки од нашата мила (за некои жална) татковина во нашите домови. Во етерот има сѐ помалку сопствена продукција. Небото над Македонија е распарчено и преплавено со многубројни странски серии и содржини. Наместо што повеќе сопствен лик, нашата реалност е заменета со виртуелни други одрази. Медиумите се дејност, дејство, процес, континуитет. Прескокнување на сопствената реалност, води кон идентитетско обезличување и нарушување на и онака кревкиот медиумски суверенитет.
Единствена и цела таа е (барем) во прогнозите за времето и во секој метеоролошки извештај, без исклучок. Тоа е жанрот каде што и поимот консензус ја пронаоѓа вистинската основа и го зацврстува својот онтолошки статус. Извештајот за времето е вистинскиот глобален патерн, кој го обединува гледалиштето секојдневно без условувања и последици.
Нејсе, МРТВ беше и останува најголемиот и единствен вистински продуцент, со вредна и високопрофесионална инфраструктура и искуство во кое со децении се вградувани креативноста и умеењето на генерации професионалци, творци што создадоа и визуализираа историја, сведоштво за македонското постоење.
Аљоша Симјановски