Во последно време најактуелна тема во нашата земја беше, е и ќе остане францускиот предлог за преговарачката рамка за пристапни преговори за влез на земјата во Европската Унија. Паралелно со тоа се актуализира проблемот на рапидното зголемување на цените и нивното влијание врз инфлацијата и сиромаштијата. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, нивото на индексот на трошоците на животот во јуни 2022 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 14,5 отсто, а индексот на цените на мало е зголемен за 13,7 проценти. Тоа е една од највисоките стапки на инфлацијата кај нас на годишно ниво во последните неколку години. Многу експерти, добри познавачи на монетарната политика, аргументирано укажуваат дека инфлацијата во Македонија изнесува околу 20 отсто, со што загрижувачки се намалува животниот стандард, како и вредноста на платите и пензиите. Истовремено, сѐ поголем е бројот граѓани кај кои се јавува недостиг од средства за набавка на основни прехранбени продукти, а за скапи лекови не може да стане ниту збор.
Според годишната стапка на инфлација, нашата земја е на врвот во регионот. Само Косово и Босна и Херцеговина имаат поголема инфлација од нас. А на ниво на Европа, тоа се Летонија, Литванија и Естонија Индикативни се и споредбените статистички податоци за зголемување на цените во јуни во споредба со мај, кои во целина се повисоки за 2,8 отсто. Пораст на индексите на трошоците на животот во јуни 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 10,4 отсто, лебот и житата за 7,8 отсто, млекото за 6,7 отсто, месото за 5,2 отсто, свежото и разладеното овошје за 2,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадото и кондиторските производи за 2,7 отсто, виното за 2,1 отсто и минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,0 отсто.
Само кај мал дел производи покачувањето е минимално, кај рибата и морските плодови за 0,8 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,5 отсто итн. Меѓутоа, во јуни значителен пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 16,3 отсто, туристичките аранжмани за 6,4 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 6,2 отсто, воздухопловниот патнички транспорт за 6,1 отсто, гасот за домаќинствата за 4,4 отсто, патниот патнички транспорт за 4,0 отсто и услугите за сместување за 3,7 отсто.
Овој тренд на поскапувања и натаму продолжува поради новите цени на електричната енергија, предизвикани од воениот конфликт во Украина. Посебни зголемувања на цените се најавени за лебот и белите печива и за други неопходни прехранбени производи. И јавните комунални претпријатија во Македонија најавија поскапување на своите услуги, што ќе биде на товар на граѓаните, особено на оние со пониски примања, кои се најголем број потрошувачи. Значи, и натаму најмногу ќе страдаат најсиромашните. Довербата на јавноста дека ќе се реши проблемот со инфлацијата е сѐ помала. Одржувањето на ценовната стабилност е значајно не само за граѓаните туку и за ублажување на економската криза. Со други зборови, потребни се итни сериозни мерки да се запре и намали инфлацијата и да се заштити стандардот на граѓаните. Во рамките на тоа, се налага потреба од зголемување на домашното производство и намалување на зависноста од увоз, кој постојано поскапува. Ваквиот ценовен скок, паралелно со инфлацијата, сериозно влијае на животниот стандард на граѓаните, особено на пензионерите со ниски пензиски примања, на кои им недостигаат средства за одржување на кревкото здравје во возраста. Пензиите сѐ уште не го следат покачувањето на платите, кои во изминатите пет години се зголемени во просек за 40 отсто, додека во овој период просечната пензија е покачена за 20 отсто.
Деновиве македонскиот парламент усвои и ребаланс на буџетот за 2022 година, за создавање нови антикризни мерки за справување со енергетската и ценовната криза. Усвоените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, се очекува да овозможат поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, какао и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
Обезбедени се средства пензиите на 1 септември да се усогласат според старо-новата методологија за усогласување на пензиите со 50 отсто од порастот на просечно исплатената плата на сите вработени и со 50 отсто од индексот на трошоците на животот. Надоместок за ублажување на скапотијата од по 1.000 денари за јуни, јули и август не е планиран ниту за најзагрозените категории. Висината на усогласувањето се очекува да биде 5 отсто. Суштински тоа ќе значи најниските пензии од 10.790 денари да добијат зголемување само 539 денари, оние со просечна пензија од 16.339 ќе добијат 817, а најдобро ќе се офајдат 74 пензионери со максимална пензија од 59.674 денари, бидејќи пензиите ќе им се зголемат за околу 3.000 денари. Приближно до нив ќе бидат 874 пензионери со висока пензија од 43.465, кои ќе добијат зголемување по 2.173 денари. Со ваквото усогласување на пензиите ќе останат погодени над 156.000 ранливи категории на пензионери што примаат пензија до 14.000 денари.
Во двете економски најмоќни земји во Европска Унија: во Германија граѓаните без работа се планира да добијат еднократна помош по 200 евра, а во Франција секое домаќинство со ниски примања по 100 евра, а се планира и зголемување на пензиите. Деновиве за оваа проблематика разменив искуства и ставови со експерти во неколку земји од регионот. Во Словенија на сите пензионери на кои пензијата во декември минатата година им била помала од 1.000 евра им е доделена солидарна помош од 150 евра, пред сѐ за ублажување на проблемот со енергетиката. Во Хрватска е загрижувачки податокот дека просечната пензија е 37 отсто од просечната плата. Поради тоа се преземат посериозни мерки за ублажување на растечката сиромаштија кај пензионерите. Во Србија, покрај ограничување на цените на горива и на основните животни продукти, на околу 300.000 граѓани им се доделени ваучери во износ од по 15.000 српски динари за покривање петдневни трошоци за сместување во познати туристички места во Србија. Тоа главно ќе го искористат околу 150.000 пензионери, потоа вработени со пониски примања и невработени.
И кај нас е потребно обезбедување среќен и одржлив живот за сите возрасти, при што нашите пензионери и стари лица заслужуваат мирен, спокоен и достоен живот во третата доба.
Драги Аргировски
(Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба)