Има секакви и вакви како мене никакви

За разлика од многумина кои во 2024 година влегоа со надеж за подобра иднина, јас влегов со истите стари чевли, кутија цигари во едниот и камчиња цинизам во другиот џеб што ќе ги фрлам попат за да можам, кога ќе стигнам до таа ваша замислена блес(к)ава иднина, да имам знаци што ќе ми го покажат патот за назад, не кон минатото, туку за бестрага, каде што во огледалото на сите бесмислици повторно ќе си го најдам одразот, мојот добар стар сопатник намќор, па фатени рака под рака ќе си продолжиме со единствената замислена цел, конечно да стигнеме никаде, оти од досегашното искусено сфатив дека сите што ме убедуваат во исправноста на трасата по која мора да одам, оти сум немал друга алтернатива, главно ме водат кон ќор-сокак.
Добро, има и такви што уште невлезени во 2024-та, знаат дека годинава што доаѓа сигурно ќе влезат во ЕУ во 2030 година. Овие најубави луѓенца во своите џебови секогаш носат одвишок ум и прогресивна енергија за разлика од небањатите ретроградни елементи (како мене), кои во новата година вообичаено влегуваат свртени кон минатото со намера, попат, да ги сопнат овие блес(к)авите што трчаат пред времето, право кон просторот каде што ќе дишат нова нормалност без да знаат дека токму тука, влегувам јас во мојава реченица за да ги отворам сите прозорци, врати и чакри низ кои ќе се проветри воздухот од нивната неподносливо задушлива блес(к)авост. Има и такви, додуша малкумина, кои и пред да влезат во 2024 година, сакаат од неа да излезат, оти добро знаат што ги очекува таму. Сепак, најмногу се оние што си дишат едни на други во врат додека се гмечат, пцујат, вреѓаат чекајќи ред за да влезат во таа блес(к)авост на новата нормалност, откако ќе добијат лична карта за да се самопрепознаат и пасош што ќе ги телепортира од 2024 во 2030 година, ама со одбетониран идентитет што и онака само им тежи на плеќите.
Само ти мрчи, Русјаков, инаети се, објаснувај попусто дека веќе еднаш си ѝ платил на државата за документи што ти важат до 2027 година, одбивај да бидеш исмеван и понижуван од властите за твое добро, јас може ќе дремам на студов како овца пред затворено трло, како теле по шарена револуција, ама кога по неколку месеци ќе си лапнам нови документи со блескави нордистански придавки, ќе си извадам паричиња од сметка и оп шопинг во Рим, викенд во Прага, зимување во Банско, одмор на Халкидики, а ти без пари, оти нааа што ќе можеш да ги извадиш, дреми си во твоите стари чевли, па името Македонија нека ти ги плаќа сметките.
Хм, статистиките покажуваат дека нордистанците имаат најниска интелегенција во регионов. Ако се земе предвид на кое духовно ниво е паднат сиот Балкан последниве три децении, тоа значи дека Нордистан има најслаба интелигенција и пошироко од регионов.
Е, браво бе, Русјаков, на таа ли финта сега ќе играш меѓу редови и низ глаголи? Како прво, баш ни е гајле ако немаме интелигенција кога се знае дека имаме највисок стандард на живеење. И второ, таквите како тебе не дозволуваат да ни рипне просекот, оти само треба да ги внесеме Бугарите во Уставот и веднаш ќе ни порасне коефициент.

За луѓе што мислат дека НАТО ќе ги брани, ЕУ ќе ги храни, а новото име ќе им ги плаќа сметките, и овие бројки што излегоа во јавност изгледаат превисоко. Оние чиј идеал им е да стават во себе непроверена вакцина за да можат да влезат во мол или кафуле, а се подготвени да загубат пола живот во ред за документи само за да стигнат до песокот на Халкидики, не треба да се дел од статистики, туку да им се посака сето време што го имаат да го поминат во молови, низ кафулиња и на плажи, оти како рекол мудрецот, може телото ти се смрзнува во ред пред шалтер среде јануари, ама умот се сонча во нови бикини на плажа во август.
Кој факинг мудрец, бе, Русјаков?
Некој… мудар… мудрец? Најмудар од сите мудреци? Оти Нордистан, и покрај лошиот статистички резултат околу интелигенцијата, има најмногу мудреци по жител. Жими Фејсбук! Просто човек не знае од кој извор на мудроста попрво да се напие и од таа мудрост да се начука. Не постои тема, ситуација, геополитички потрес, спортски настан, моден тренд, научна иновација, економска промена, религиска догма, филозофска равенка за кои нашите мудреци немаат став, визија, мислење и секако… нетрпеливост за туѓиот светоглед. Јас секако ги следам сите овие мудреци за да извлечам мудри заклучоци што ми помагаат во животот. Па, така, само што влегов во 2024 година, мудро се просветлив разбирајќи дека паричката од лепчето за Божиќ, кое требаше да го вртам за Василица, е паричка за геополитичко поткусурување на големите сили околу природните ресурси на Месечината каде што не слетале Американците кои не учествуваат на Европското првенство во ракомет каде што македонската репрезентација не ги одработи доволно добро тактиките на експертите што седат пред малите екрани преполни со „Големи исчекувања“ од Чарлс Дикенс.
Намали со дрогата, Русјаков!

Вистина, ајде малку сериозност. Има и такви нордистанци што во новата година влегуваат со крајно сериозни размисли околу фактот дека наскоро ќе дојде 8 март и ќе се постави она круцијално прашање дали на жената треба да ѝ се посвети само еден или секој ден да ѝ биде…
Русјаков!!!
Добро, добро… секој ден да ѝ биде… 8 мај кога ќе избереме дали да купиме кола од Мицковски или да го слушаме оној лик од „Животот на О Брајан“, инаку почесен член на СДСМ односно Стејт департментот на Северна Македонија, па да загинеме на европскиот фронт за големобугарски интереси, ама среќни, иако мртви, дека како идентитетски зомбија сепак ќе влеземе во ЕУ, откако на малиот Ханс ќе му здосади да го држи прстето во дупчето на бедемот, ќе си замине, а Холандија конечно ќе потоне.
Има луѓе кои во 2024 година влегоа во оваа колумна со надеж што побрзо да излеат од неа, додека јас влегувам во петнаесеттата година како пишувам за „Нова Македонија“, речиси секој викенд. Тоа е една третина од мојот живот во кој на едни им ја загорчувам, а на други засолувам саботата. Ви благодарам што ме читате, иако најчесто сум неподнослив.