За Данска – знаеме, има/ше нешто гнило. Така ни раскажа Шекспир. Во нашава држава, како и да се именува, прашањето е обратно: има ли нешто што не го разјаде гнилеж? И овде не мислам на мувлосаните ходници, предавалници, болнички соби и тоалети. Мувлата и гнилежот се шират како во некој хорор-филм, а знаеш дека не е филм туку стварност – и тоа вистински те ужаснува. Гнилежот си го предаваме од генерација на генерација, преку гнил образовен систем, во кој медиокритетството и прислужништвото се дури и комплимент. Гнилежот го дишат децата од моментот кога ќе се родат, па додека пораснат. Гнилежот ни е „животна средина“ – и во природата и во општеството, да се изразам со еден школски термин. Каде и да појдете во природа, наоѓате депонии. Погледнете ги улиците и булеварите, јавните установи, студентските домови, библиотеки, културни домови, театри… Всушност, се навикнавме на овој гнилеж како на стандард. Не нè ни вознемирува, толку добро се вклопува во сиот наш ментален, општествен и политички код. Гнили ликови се на позиции што треба да симболизираат доблест, способност, знаење, посветеност кон јавното добро, морал и правда. Една идеолошка/политичка гнила екипа се заменува со друга, не помалку гнила, ама во друго пакување. За што ние всушност зборуваме кога како ехо ни за враќаат зборови како „иднина“, „прогрес“, „развој“, па и „европска интеграција“?
Остана ли нешто здраво? Нешто што не е зафатено со општиот вирус на распаѓањето, како што во 1910 година пееше големиот Владислав Петковиќ-Дис. Неговите „Наши дни“ се сега сосема наши – верно ја опишуваат стварноста во која тонеме. Дис одамна не е меѓу живите, но ние ги живееме деновите поради кои тој очајуваше. Можно ли е времињата и епохите да се премостуваат и допираат толку лесно, или станува збор за континуитет, за маѓепсан круг од кој никогаш не сме ни излегле како општества. Прочитајте ги овие стихови (подобри се од секоја колумна, поточно во секој стих лежи есеј, ако не и роман): „Распослано е црно време на опаѓањето/ Надошле ѓубрето, развратот и пороците. Се шири гнилата смрдеа на пропаѓањето/ Умрени се хероите и пророците… Сите подмолни, сите проклети и мали станале денес наши суверени… Празниците и хероите се толчат/ Се товиме од гревови и од кал. Од џандари направивме големци/ Достоинствата ги поделија идиоти/ Крадците се сега богаташи/ Мрачни души се нарекоа патриоти…. Својата мудрост ја расфрлавме на избори, својата храброст на измами и бедотии/ На иднината ѝ ги затрувме сите извори, а поразите ги прогласивме за победи. Срамно живее нашето поколение, не се слушаат ни протести ни лелеци/ Срамно живее нашето јавно мнение, генерации што цицаат како пајаци.“
Оние што се елити се одраз на ваквиот гнилеж. Бидејќи сè и секој што не се вклопува во оваа септичка јама е отфрлен како туѓо тело (што тој/таа сигурно е). Стандардот на корумпирани ликови, чии изрази на лица се искривени од злоба и болна амбиција да имаат повеќе, да поседуваат сè (моќ, пари, позиции, вклучувајќи и човечки судбини), да се качуваат повисоко на општественото скалило – тоа е стандард за успех во ова општество. Тие ликови се херои на нашето време: повторувачи, снаодливци, партиски војници и подлизурковци, кои се понизни пред оние над нив, а сурови кон секој што тие го гледаат одозгора. Некои наивни велат дека решението било на дофат: само неодговорните требало да станат одговорни! Оној што е неодговорен (а стои на чело на некоја институција) не е таков од мајка роден; тој е на тоа место неслучајно. Таквите се калат така за да пасуваат на она што општеството го поставило како модел за лидер, министер, директор, судија, професор итн. И тоа е (первертиран) „систем на вредности“, кој се пренесува од колено на колено. Ако пред млади луѓе се презентираат важни личности, кои им се претставуваат како успешни менаџери, министри, директори, па и претседател/и – тоа се прави со намера да им се покаже патот: и вие ќе бидете на вакви позиции, а сè што треба да направите е да го следите нивното животно мото и да сте послушни пред да станете делчиња на машинеријата што продуцира дудуци на високи позиции.
Некои ми сугерираа дека најновиот скандал со пресудите на Апелацискиот суд заслужувале посебно внимание: Мијалков бил практично на слобода. Или најновото интервју на Русковска. Или новата претседателка на Судскиот совет. Или исклучувањето на струјата во јавни установи од врвен интерес. Или… Не, не, не станува збор за инциденти! Скандал може да има само во средина во која нештата се движат според закон и процедура. Овде животот стана скандалозен, и веројатно највџашувачки е она нормалното или натпросечното. Јас им се чудам на оние што се чудат! Зарем некој можел да биде толку наивен, глупав или превртлив за да не види дека целата хистерија околу „заробената држава“ на Груевски беше добро смислен наратив за создавање поддршка на обоената револуција смислена однадвор (од оние што сега ќе нè оправале од корупција)? Обоената револуција (слична на Евромајдан) имаше за цел смена на режим, т.е. на една владејачка гарнитура за да дојде пофлексибилна кон странските интереси.
Толку! Народот одамна ја кажал мудроста дека „врана на врана очи не ѝ вади“, а ние сме сведоци на вистинитоста на таа изрека со децении. Расипаните и корумпираните се изврзани како свински црева, тие коегзистираат, дури и кога навидум се непријатели. Затоа одново и одново повторувам (сама за себе, без никаква надеж дека ова ќе допре до некого, бидејќи и колумните како и книгите ги читаат само оние што ги пишуваат): до системот е, до машинеријата е, до матриксот е! Не е ова прашање на неколку расипани јаболка.
Секако, на крајот ќе биде нападнат оној што ја дава бруталната дијагноза: ќе го/ја прашаат што тој/таа предлага за надминување на гнилежот? Кое е решението, бидејќи доста ни е од дијагнози? Решенијата, веќе напишав, се елементарни, мој Вотсон, но истовремено и невозможни за примена во гнилеж и жив песок. Ова е толку фатална дијагноза што само лажго би зборувал за надеж. Впрочем, и поетот на „Нашите дни“ пишувал во време кога од него се очекувало да пишува полетни и охрабрувачки стихови. И денес е многу полесно, иако нечесно, да се зборува дека сме на чекор до евроинтеграции, дека Владата знае што прави, дека економијата само што не процветала, науката и културата се во зенит. Многу поголема храброст е потребна да се соопшти пресудата: ни нема спас! Но нема да пропаднеме. Преродба е можна само по радикален пресврт, со вистинска револуција, со саможртва, и тоа не на поединци, туку на цели групи.
И пак ќе побарам помош од Поетот, од нашиот Великан, од оној чија спомен-плоча лежи во парампарче во дворот на МАНУ (кој е парампарче однатре, каде што не се гледа): „О, тешкото! Старци излегуваат еве, на чело им мисла, во очи им влага/ и првиот чекор по меката трева е мирен и бавен, со здржана тага./ До старците момци се фаќаат скокум; не издржа срце – сив сокол во клетка, не издржа пламен жив потулен во око, не издржа младост што сака да летне! Се залула оро! Се заврте земја, и чиниш – се корне стресениот век, и околу трпнат ридиштата темни и враќаат ек.“ Да, тешкото е единствениот одговор на гнилежот. Знам, тешко е.