Има алтернатива за Европската Унија!

Еве, хипотетички, да претпоставиме дека Софија ќе го отстрани ветото и ќе ги започнеме преговорите со Европската Унија. Но останува прашањето кога ќе влеземе во европскиот сојуз. Според постојните параметри, одговорот гласи – можеби за сто години. Некој може да ни дофрли дека сме евроскептици, меѓутоа тоа е реалноста

Шаблонското размислување се должи на оние мозочни неврони што најчесто се користат и развиваат посилни врски. На овој начин се создава зона на удобност што му оневозможува на мозокот да развива нови вештини за да стане пофлексибилен и поотпорен на променливоста на околината. Научниците посочуваат дека секој човек развива посебни вештини засновани на секојдневните обврски, но бидејќи средината постојано се менува, и мозокот мора постојано да ги обновува вештините за да биде приспособлив за нови ситуации и нови начини на размислување.
Научниците велат дека кога личноста ќе стане свесна за сопствениот отпор кон промени, можно е да го надмине овој отпор преку нови активности, кои ќе овозможат развој на нови начини на размислување преку обиди и грешки, со што се подобруваат еластичноста и флексибилноста на мозокот. Постојаното менување на начинот на кој човекот размислува и пристапува кон одредена ситуација му овозможува развој на способноста да реагира на различен начин во зависност од условите.
Истражувањата покажуваат дека шаблонското размислување не создава нови невронски врски и ги попречува креативноста, флексибилноста, еластичноста и способноста да се реагира на различен начин. Затоа честопати се вели дека генијалноста е способност да се согледуваат нештата од сите аспекти, односно нивно восприемање надвор од затворената кутија или постојниот шаблон.
Каде сме ние во оваа приказна? Во изминатите триесет години, нашата политичка и општествена елита не успеа да размислува надвор од постојниот шаблон, постојано слушаме: Европска Унија! Европска Унија! Европска Унија! И сѐ така до бесконечност. И кога дојде денот да ги започнеме преговорите со Брисел, што се случи? Бугарија ни стави вето, бидејќи сме биле Македонци! Како општество не се приспособуваме на новата ситуација, затоа постојано слушаме дека членството во ЕУ е наша стратегиска цел, дека е потребно да најдеме заедничко прифатливо решение со Софија, решение што ќе биде задоволително и за бугарската страна.

Верувам дека конечно е дојдено времето кога треба да започнеме да размислуваме надвор од затворената унија. Не говорам за ново ориентирање кон Истокот, туку за нешто друго.
Да направиме мала дигресија. Еве, хипотетички, да претпоставиме дека Софија ќе го отстрани ветото и ќе ги започнеме преговорите со Европската Унија. Но останува прашањето кога ќе влеземе во европскиот сојуз. Според постојните параметри, одговорот гласи – можеби за сто години. Некој може да ни дофрли дека сме евроскептици, меѓутоа тоа е реалноста.
Во медиумите можевме да слушнеме или да прочитаме дека како држава во некои поглавја сме биле пред Албанија и Србија, можеби тоа е точно, но само на хартија. И малите деца знаат дека Македонија постојано се соочува со нефункционалност на администрацијата, корупција, клиентелизам, невладеење на правото и сѐ така до немајкаде.

Прагматичниот пристап кон Софија можеби магично ќе ни овозможи да исчезне бугарското вето, но Македонија и понатаму ќе биде сиромашна и неразвиена држава. Размислувањето надвор од затворената кутија вели дека се потребни реални суштински реформи, реформи што постепено ќе го подобруваат квалитет на живеење на македонските граѓани. Не може постојано да повторуваме: Европска Унија!, Европска Унија!, Европска Унија!, надевајќи се дека на тој начин од Македонија ќе создадеме модерна и современа држава. Преобразбата на Македонија зависи од самите нас, но таа е условена од нашата приспособливост за нови ситуации и нови начини на размислување, а не од шаблонското размислување.