„Но“ е поради три причини: (не)предвидливост на бизнисот,
идеолошка и поради регулаторна корупција
Игрите на среќа се арам, е став што го имам изградено во раната младост, во гимназиските денови, и ниту се коцкам, ниту играм спортска или лото, дури не купувам ни среќки. Но многумина други го прават тоа, а игри на среќа дозволени или забранети постојат. Во балансот на реалноста и општествената штетност на игрите на среќа повеќето земји имаат рестриктивни правила за игрите на среќа. Многу земји имаат рестриктивни правила каде смее да се организираат игри на среќа, како во САД во територии што се резервати на автохтоното население, или пак ограничено во посебни зони. И речиси секаде бидејќи парите од игри на среќа се арам, еден дел од приходите е наменет за општествено значајни дејности. Тоа што годиниве се случува во Македонија, пред повеќе од две децении го видов во Киргистан. Таму на секој чекор имаше менувачници и игри на среќа. Зошто? Киргистан имаше висока сиромаштија, каде што најмалку 20 проценти од населението работеа во Русија и праќаа пари дома. Отсуството на прогрес поттикнува култура на паразитирање, каде што не се работи, се чекаат дознаките од роднините од странство, парите се менуваат во менувачниците и се трошат на игри на среќа, во очекување среќата, а не напорната работа да ја промени иднината.
Со вакви ставови, зошто насловот не завршува со „игри на среќа се арам“, зошто има запирка и „но…“? Деновиве во Собранието е доставен предлог-закон за измени во Законот за игри на среќа, со кој се внесуваат повеќе измени, од кои во јавноста најчесто спомнуваното правило „500 метри од училиште“ за оддалеченост на местата за игри на среќа, но и други измени, како проверка на репутацијата на сопствениците и зголемување на цената на лиценците. „Но“ е поради три причини: (не)предвидливост на бизнисот, идеолошка и поради регулаторна корупција. Првата не е најзначајна, но мора да се спомене. Игрите на среќа се бизнис и како што за секој бизнис има правила, и бизнисот сака предвидливост во правилата, веројатно најважна работа во секој бизнис. Македонија е позната по својата бизнис-непредвидливост, со чести и ненадејни промени во даноците или правилата, и сега игрите на среќа се уште една деловна дејност каде што се внесува непредвидливост.
За штетите по вложувањата и вработувањата, многу е зборувано и нема да коментирам.
Втората причина е идеолошка. Како центар десно определен, ми предизвикува чудење како вакви ограничувања воведува марксистичко-ленинистичка влада или, да не бидам престрог, левичарска власт. Бидејќи силните рестрикции на игрите на среќа вообичаено постојат со конзервативни власти и општества. Во образложението за законот се вели дека сега нема уредување на оддалеченост и има лесен пристап до игрите на среќа и „со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основни и средни училишта“. Да се чудиш! Игрите за среќа се забранети, како консумација на алкохол и на тутун, за лица под 18 години. Децата во основни и средни училишта се генерално под 18 години. Дали тоа власта признава дека е неспособна да го спроведе Законот за забрана на игри на среќа за малолетни лица? Од друга страна, истата таа власт тврди дека ја спроведе истата забрана за лица под 18 години за интернет-игри на среќа. Тоа што не може да се спроведе во објект ќе се спроведе на интернет? Доколку не е наменето за лица под 18 години, туку да се направи потежок пристап, зошто ограничување од 500 метри? Зошто не само во хотели од пет ѕвезди или, пак, во специјални зони? Иако просторните ограничувања во време на интернет-игри на среќа се смешни.
Власта на ДУИ и СДСМ, всушност, тврди дека општествената штетност на игрите на среќа може да се направи само со ограничувања. Нема тука социјална превенција, едукација, туку забрани и ограничувања. Пристап на десница. Да се потсетиме дека владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе просторни временски ограничувања за продажба на алкохол. Се укина продажбата на алкохол на бензински, се воведоа лиценци, посебен простор за продажба на алкохол и временска рамка. Слично со забраната на пушење. Првата и ретка работа што ја направи владата на ДУИ и СДСМ по доаѓањето на власт е укинување на дел од ограничувањата за алкохол и тутун. Целосно е нејасно зошто ограничувањата се добри за игри на среќа, а не се добри за алкохол и тутун? Смртноста од последици на алкохол и тутун сигурно е поголема од таа на игрите на среќа. (продолжува)
Авторот е аналитичар Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични