Хроничната болка и менталната состојба

Сведоци сме на катадневни промени на времето, кое од најтопло, со температури од 41-42 степена, одеднаш станува постудено – под 11 степени. Истовремено, силни торнада, поплави, пожари и природни катастрофи се вести што нѐ бомбардираат во секојдневието. И неретко ќе слушнеме дека некој се жали на главоболка, друг на коскено-мускулни болки, трет на покачен/намален притисок.
Болката е нормална реакција на телото на некаква повреда или болест, предупредување дека нешто не е во ред во организмот. Слично е и со влијанието на временските промени на појавата на болка. Кога вашето тело заздравува, обично престанува да ве боли. Но за многу луѓе болката продолжува долго откако нејзината причина ќе исчезне. Кога трае од три до шест месеци или повеќе, се нарекува хронична болка. Но, кога ве мачи ден по ден, тоа може да влијае на вашето емоционално и физичко здравје.
Околу 25 отсто од луѓето со хронична болка ќе продолжат да имаат состојба наречена синдром на хронична болка (СХБ). Тоа е кога луѓето имаат симптоми што не се само болка туку истовремено се и депресија и анксиозност, кои стануваат присутни во нивниот секојдневен живот.
СХБ тешко се лекува, но сепак не е невозможно. Комбинација од третмани како советување, физикална терапија и техники за релаксација може да помогне за ублажување на болката и другите симптоми што доаѓаат со неа.
Лекарите не знаат точно што го предизвикува СХБ. Честопати овој синдром започнува со повреда или болна состојба, како што се: артритис и други проблеми со зглобовите, болка во грбот, главоболки, истегнување на мускулите, повторувачки стресни состојби, фибромијалгија, состојба што предизвикува мускулна болка низ целото тело, оштетување на нервите, лајмска болест, скршени коски, рак, рефлукс на киселина или чирови во стомакот, воспалителна болест на цревата, синдром на нервозно дебело црево, ендометриоза, кога ткивото во матката расте надвор од неа, или по хируршки зафати.

Неодамнешниот коментар во списанието ЈАМА ја нагласува сложената врска помеѓу хроничната болка и нарушувањата на менталното здравје, како што се депресија и анксиозност. Откриено е дека интеракцијата на овие две состојби е резултат од двонасочна повратна врска, каде што физичката болка влијае најмногу на спиењето и расположението, што ги прави поединците поподложни на проблеми со менталното здравје. Имено, областите во мозокот што влијаат на болката што ја доживуваат луѓето се поврзани со областите што го регулираат расположението, правејќи ги физичките и менталните симптоми тесно поврзани. Спротивно на тоа, овие психолошки состојби самите можат да ја засилат перцепцијата на болка. Според тоа, мозокот сѐ уште претставува неоткриен орган, со многу неврални мрежи што поврзуваат региони за кои порано се сметаше дека се изолирани или уникатни.
Истражувањето што го спомнувам ја нагласува итната потреба за интегриран холистички пристап во медицинската нега, земајќи ги предвид и физичките и психолошките симптоми на пациентите.
Накратко, хроничната болка често доведува до депресија и анксиозност поради постоењето на јамка за повратни информации и поврзаност на областите на мозокот што ја регулираат болката со оние што го контролираат расположението.
Според истражувачите, справувањето со депресијата и анксиозноста може да ја подобри болката, но лекувањето на болката можеби нема да има ист ефект врз симптомите на менталното здравје. Сепак, важно е да се третираат едновремено и физичките и психолошките симптоми.
Со тоа се нагласува важноста да не се занемаруваат психолошките симптоми кај пациентите што доживуваат болка.

Забележувањето дека успешното справување со депресијата и анксиозноста е поврзано со подобрување на болката покажува дека лекувањето на болката не може да ги подобри депресијата и анксиозноста во ист степен, но не се негира ползата од идентификување и лекување и на физичките и на психолошките симптоми. Во таа смисла, можеме да кажеме дека „симптомите на телото и умот се чести сопатници“.
Но, во секојдневниот живот пациентите што го посетуваат својот лекар од примарната здравствена заштита поради главоболка, болки во грбот или во мускулите, нозете или во стомакот често занемаруваат да ги спомнат симптомите што вообичаено се поврзуваат со депресија и анксиозност, кои тие исто така ги доживуваат, како што се замор, недостиг од мотивација, нервоза и нерасположение. И лекарите, од своја страна, не секогаш прашуваат за симптоми надвор од оние што го довеле пациентот во ординација.
Нетретирани или недоволно лекувани, овие емоционални симптоми може да предизвикаат долгорочно страдање и нарушен квалитет на животот. Ако лекарите ги идентификуваат/измерат и следат истовремено физичките и менталните симптоми, тие ќе бидат поспособни и поверојатно да ги третираат.
Треба да се запомни дека синдромот на хронична болка со текот на времето влијае на вашето физичко здравје, на вашите емоции, па дури и на вашиот социјален живот. Болката, дополнително, може да доведе до други симптоми, како што се: анксиозност, депресија, лош сон, да се чувствувате многу уморно, раздразливост, чувство на вина, губење на интерес за секс, злоупотреба на дрога или алкохол, брачни или семејни проблеми, губење работа, самоубиствени мисли итн.
Некои луѓе со СХБ треба да земаат сѐ повеќе лекови за да се справат со својата болка, што може да ги направи зависни од овие лекови.
Но, за жал, нема манжетна за крвен притисок, лабораториски тест или рендген за симптомите. Нема начин да ги измериме симптомите освен од она што ни го кажува пациентот, но сепак скринингот и дијагнозата се клучни за подобрување на резултатите на пациентот.

Токму поради тоа, д-р Кроенке, еден од татковците и лидерите на растечкото поле на симптоматологијата, е развивач на неколку потврдени и широко користени скали што им овозможуваат на лекарите да користат повратни информации од пациентите за мерење на видот и сериозноста на болката (PEG), депресијата (PHQ-9), анксиозноста (GAD-7) и други симптоми, вклучувајќи замор од рак (FSI-3) и ризик од самоубиство (P-4). Овие кратки мерни алатки се преведени на повеќе од сто јазици и им се достапни на сите лекари.
Симптомите што ги наведов погоре сочинуваат половина од сите амбулантски посети на примарната здравствена заштита. Во еден напис објавен уште во 2014 година, д-р Кроенке и неговите колеги објавија дека еден од трите вообичаени симптоми нема јасно објаснување засновано на болеста. Тој процент, според него, сега се смета дека е повеќе од еден од два симптома. Затоа, потребата за решавање и на физичките и на психолошките симптоми е одамна препознаена, па токму поради тоа се измислени мерни алатки што им помагаат на лекарите да го направат тоа. Во својот коментар на „ЈАМА нетворк опен“ овој доктор завршува со илустративен цитат од Овидиј (роден во 43 пр. н.е.): „Не сум подобар во умот отколку со телото; и двете се еднакво болни и јас трпам двојна повреда“.
Депресијата и анксиозноста се двете најраспространети состојби на менталното здравје во светот, кои се појавуваат заедно со хронична болка со особено високи стапки и резултираат со повеќе години живеење со попреченост многу почесто отколку повеќето медицински состојби. Дополнително, нарушувањето на физичката функција е вообичаен сопатник со тријадата болка-анксиозност-депресија.
Истражувањата покажаа дека подобрувањето на депресијата и анксиозноста е поврзано со истовремено подобрување на болката и физичката функција. Спротивното е помалку сигурно, имено дека подобрувањата на болката или физичката функција резултираат со паралелни придобивки за симптомите на депресија и анксиозност.

Во современите ставови за третман се препорачуваат неколку вида на приоди:
– Физикална терапија, вклучувајќи топлина или студ на делот што боли, масажа, вежби за истегнување и транскутана електрична нервна стимулација (TENS); работна терапија; советување, терапија еден на еден или групна; техники за релаксација, како што се длабоко дишење или медитација; биофидбек; стимулација на ‘рбетниот мозок; нервни блокови; лекови за болка, како што се нестероидни антиревматски лекови, антидепресиви, лекови против напади и мускулни релаксанти. Крајно решение е операција за лекување на состојбата што ја предизвикала болката.
Според тоа, тренд во медицината е психобиосоцијалниот – холистички приод кон дијагнозата и третманот на сите здравствени проблеми. Така и хроничната болка не треба да се лекува посебно, туку паралелно треба да се третираат и менталните проблеми, кои, како што наведов погоре, се речиси неизбежни. Токму затоа во секојдневието е познато дека луѓето со хронични болки стануваат вистински намќори, несоцијални или, како што велат постарите, до пладне се мразат себеси, а попладне сиот свет!