Искрено, малку ме вознемири возбудата кај вмровци околу второто доаѓање на О’Брајан. Уф, ама „месијански“ го кажав ова, како повторно да сум го изгледал „Животот на О’Брајан “. Така и вмровци, во духот на паролата „секогаш гледај на светлата страна на животот“, обраќањето на Американецот го доживеаја како промена на неговите ставови, демек станал свесен за реалноста, за разлика од претходниот пат, кога се расфрлаше со неинтелигентен цинизам (има и таков, во обид, вонаби Диоген), па ни кажуваше гачки за тоа како тој ни кола не би купил од Мицковски. Ако, убаво е вмровци да бидат воспитани пред странци, да се однесуваат политички коректно кон западни партнери, ама мене САД не ми се стратегиски партнер, туку американската уметност од Селинџер до Керуак, од Марк Твен до Саут парк, па воопшто и немам потреба да ставам свилени ракавици, односно како О’Брајан мене, така јас нему, оти нели, нам, на гласачите, ни се обрати.
О’Брајан не го смени наративот. Го кажа истото, ама со други зборови, па сега само ни дообјасни дека треба да избереме помеѓу оние што имаат што да ни понудат (бугарска офанзива преку европскиот фронт) и оние што, демек, не знаеме што ни нудат (ВМРО-ДПМНЕ), односно „имаме право на негово мислење“, и тоа изнесено од позиција на моќ на оние што ги претставува. А не го претставува американскиот народ, туку се истопори како портпарол од СДСМ (Стејт Департмент на Северна Македонија) или коалициски партнер на СДСМ (нордистанска), подготвени да прифатат за власт секакво понижување и антимакедонизам, и ДУИ, кои пак се чиста американска партија, не по демократизам и слободарски дух, туку по создавање и инструкции.
Патем, на овдешните „американофили“ на батерии, кои ниту го познаваат американскиот дух, ниту ја граделе љубовта кон Америка преку нивната култура и уметност, туку се грантофили кои веќе утре може да се преоблечат во „бабушки“, воопшто и не сакам да им објаснувам дека овие САД воопшто не се како оние пред двете светски војни, кога државата им се позиционираше на светската политичка мапа, а политиката им беше отворена и со симпатии ги поддржуваше слабите и угнетените како Македонија, признавајќи ја нејзината национална и културна посебност, откривајќи и учејќи за македонското прашање од живите сведоштва на македонските печалбари, кои ги ставаа во своите пописи како посебен народ.
Овие, денешниве САД се типична воено-колонијална империја, иста како некогашната британска, иако, споредувајќи ја со Римската Империја, многу умни Американци сметаат дека е дојдено времето како она на Нерон и Калигула.
Зошто го пишувам ова? Затоа што сакам да направам мала споредба на „судирот“ меѓу О’Брајан и холандскиот амбасадор Коп (многу ме нервира што се презива како мојата омилена трибина). Она што ги поврзува е вистината дека и двајцата, реално, ги боли соработникот за Македонија, ребрендирана во Нордистан, таа, во Нивици измислена творба од страна на меЏународната коминтерна. Многу повеќе нешта ги разликуваат. Зошто САД, сега преку О’Брајан, толку инсистираат да се прифати геноцидниот антимакедонски договор со Бугарија, кој треба да го заокружи иденитетскиот холокауст врз Македонците? Од две причини најмалку. Прво, за САД, во моментов Бугарија е многу важен фактор. Преку неа најмногу врви оружје за Украина, со кое ќе ја бранат до последниот Украинец. И второ, денешните САД работат и влијаат на нестабилен Балкан, а вазалски корумпиран Нордистан без ‘рбет е дел од мозаикот, затоа што така ја држат Европа на краток ланец. Иако, реално, ги боли соработникот за фрустрациите на Бугарија, како и за Албанците и нордистанците чие евроинтегрирање демек го поддржуваат, оти нема да дојдат кај нив дома, туку во ЕУ. Е, тука доаѓа Холанѓанецот, кој нè тераше да затнеме нос и голтаме. А зошто? Нѐ мрази ли? Ма, јок! И него (читај, Холандија) го боли соработникот за Нордистан и Бугарија, ама вториве им се дома, им скокаат на глава, па најлесно е да ги откачат ако им одат по газот. Но, од друга страна, нордистанците и Албанците сакаат да им влезат дома, еднаш веќе се изглупираа со Бугарите, па затоа холандскиот амбасадор сака да ни каже дека може и Марсовци да внесеме во Устав, корумпирани никогаш нема да влеземе. А ха, ќе јадеме вета до 2130 година. Ако не ми верувате, прашајте го Макрон. Дојде тука, со Меркел тврдеа дека само уште име да се смени и ете нè во ЕУ, се случи злосторничко здружување, Македонија стана Нордистан, па Франција акна вето. Дали се чувствувате глупо и зошто не?
И сега, изопачената логика вели дека штом имам ваков став, тоа сигурно е руско влијание. Да живеев во време на Мисирков, сиот свој капацитет ќе го потрошев на битка со Руската Империја како творец на Санстефанска Бугарија, но и со Британија, Германија, Франција како идеолози на парчењето на Македонија. Ама денес некои други империјални сили ги поддржаа геноцидните апетити на Грција и ја оживеаја онаа иста Санстефанска Бугарија. А руско влијание нема. Не само што го нема тука, оти и Русите ги заболе соработникот за нас, туку илјадапати повеќе го има во САД, не од Руси, туку од умни Американци, на кои јасно им е што се случува, само што таму не може баш да им се закануваат и да ги тормозат затоа што сè уште важат некои демократски правила донесени од татковците на нивната нација.
А и таму наскоро ќе одлучуваат од кого да купат кола. Е сега, влијание може нема, ама…
Говорит Москва, Грушино, we have a problem! Дознавме дека Владимир Путин му се намерачил на Грушино. Fuck! На хуй! Право во срцето на Нордистан. Ама паметни луѓе, фак(т)чекери, генералите од европскиот фронт, добро знаат дека ова не е од вчера, туку бајаги од поодамна. Од 1939 година. Уште тогаш Путин преправен во Сталин сонуваше да удри по западниот дел на Нордистан со намера да го претвори во Исток. Напиша и песна, ја знаете „Катјуша“, нели? „Расцветали јаблони и груши“, на чист руски пее Вова и на вештиот слушател веднаш му станува јасно каде лежи, се тегне и проѕева зајакот. Наивниот ќе помисли дека „поетот“ пее како расцветале јаболкници и круши, ама не проаѓа тој спин кај црпнати од новата нормалност. Путин преправен во Жуков уште тогаш мислел на Јаболчишта, Грушино и преостанатите китни нордистански села со една единствена намера, да ги гаѓа со оние злокобни „катјуши“ со кои мајката им ја расплака на германските администратори кои со себе носеа западни вредности. И еве, денес, Путин само што не зајавал на својата мечка накај Грушино за да ја спречи неговата евроинтеграција. Ама Нордистан ќе победи, проблем е што сите сме се свртеле само накај Грушино, а никој не кажува дека Путин веќе десетици пати ја ракетираше Виница.