Руската инвазија на Украина е опишана од политичарите и од коментаторите како пресвртница во модерната историја, пресвртна точка споредлива по важност со нападите од 11 септември во САД во 2001 година, падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, па дури и со атентатот на Џон Ф. Кенеди во 1963 година. Инвазијата на Украина го означува неуспехот на западното одвраќање и враќањето на ерата на авторитарно освојување. Украина е повик за будење за Западот. Да се разбуди со реалноста на брзорастечкиот нов меѓународен поредок, помалку оптоварен од старите лојалности или идеолошки исклучивости и повеќе мултиполарен и воден од националните интереси. Сега гледаме како полека Европа и САД се будат од нивните илузии за вечен мир и безбедност по Студената војна за да се справат со новиот светски неред. Веќе никој нема сомнеж дека војната во Украина го разниша воспоставениот меѓународен поредок и, во некои аспекти, го наруши на неочекуван и честопати непожелен начин. Дали Украина станува „престолнина“ на новиот светски поредок, катализатор и поттик за радикални пресврт? Дали Украина создава нова геополитичка азбука, пишувајќи изменета иднина на светот? Дали сме сведоци на нова ера, која ќе го означи крајот на западната доминација, раскинувањето на врските меѓу САД и континентална Европа и враќање на Русија на нејзиниот вистински „простор и место“ во светот? Многу прашања, но едно е сигурно: Украина го смени текот на овој млад и веќе проблематичен век, исцртувајќи ги контурите на новиот светски поредок. Историјата сугерира дека новиот светски поредок ќе се појави по некој вид сеизмички политички настан, како што е голема војна. Токму тоа што се случува во моментов.
Либералниот светски поредок веќе некое време е на апарати за одржување во живот. Претседателот Бајден, во своето инаугуративно обраќање, ја нарече демократијата „кревка“. Рускиот претседател Владимир Путин пред две години рече дека „либералната идеја“ ја „надживеала својата цел“, додека кинескиот лидер Кси Џинпинг ја воздигна силата на семоќната држава нагласувајќи ја „самодоверба во нашиот систем“. Западот упорно сака да верува дека светскиот поредок од педесеттите години на минатиот век сѐ уште е жив и дека војната во Украина го поттикна да се реорганизира и ревитализира. Речиси универзално, сите лидери на „слободниот свет“ во САД, Европа и во Азија, Украина ја гледаат како тест за опстанок на 75-годишната идеја дека либералната демократија, американската воена моќ и слободната трговија можат да создадат услови за мир и глобален просперитет. А во меѓувреме најмалку една деценија, либералните демократии во светот полека исчезнуваат.
Нивниот број од 42 земји денес се намали на 34, што е дом на само 13 отсто од светската популација каде што се поприсутна е сериозна токсичната поларизација. Притоа да не ја споменувам долгатa листа на катастрофи на западната надворешна политика, каде што секоја нова катастрофа изгледа полоша од претходната, а благодарение на искривениот светски поредок Западот секојпат се извлекуваше од него. Односно, досега. Со конфликтот во Украина, се чини, конечно, нема среќа додека се бори да обезбеди поддршка за својата прокси-војна со Русија. Каков и да е крајниот исход од оваа криза, таа се обликува во пресуден момент во повоената европска историја. Затоа ми изгледа наивно да се верува дека одговорот на војната во Украина од страна на западните сојузници е знак на некое либерално заживување. Особено дека по катастрофалното американско повлекување од Кабул администрацијата на Бајден докажала дека Соединетите Американски Држави сè уште можат да водат и да соберат силен глобален одговор за брзо враќање на либералниот поредок на своето место во светската политика. Очигледно дека новиот светски поредок е неминовен, но Западот не е подготвен за него. Затоа дилемата не е каков би бил новиот светски поредок, туку дали САД и нивните сојузници можат, преку Украина, да ја анулираат ерозијата на придобивките од минатиот век како прв чекор кон воспоставување на првиот вистински „глобален светски поредок“. За да го обликуваат идниот светски поредок, Соединетите Американски Држави и Европа прво треба да ја сменат траекторијата на западниот и демократскиот пад во Украина.
Некогаш навидум „железниот“ светски поредок, ориентиран кон Западот, се тетерави, поништувајќи многу од западните претпоставки за неговата хегемонија над меѓународните односи.
И покрај сета храбра јавна реторика на Џо Бајден, Борис Џонсон и на Емануел Макрон, постои вистинска загриженост меѓу западните лидери поради нивниот неуспех да изградат поширока коалиција против Русија и аларм поради антизападните чувства низ големи делови од Азија, Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка. Дури и традиционалните западни сојузници како Израел, Саудиска Арабија, ОАЕ, меѓу другите, одбија да стапат во линија со САД. Со инвазијата на Украина, Путин се обидува да ја заврши работата на огромен проект што треба да ја скрши хегемонија на САД над меѓународниот систем и да ја поткопаат идејата дека светот е обврзан со заеднички збир на вредности отелотворени во меѓународното право и поддржани од институции како што се Обединетите нации. Секако, имплицитно поддржан од неколку други светски лидери, особено од кинескиот претседател Кси Џинпинг. Новиот светски поредок што тие имаат цел да го воспостават треба да е доминиран од конкурентни и сѐ поавтократски цивилизации, од кои секоја ќе го контролира својот геополитички простор. Токму тоа ја детерминира оваа борба за новиот светски поредок како цивилизациска, а не само геополитичка.
И, кај сме ние во сето ова? Како вообичаено, затечени. Што ако кажам дека македонската надворешна политика во новиот поредок мора да се заснова на реализам и дека како почетна точка треба да го земе светот онаков каков што го наоѓа, а не како што сака да биде. Наивно е да барам Македонија да покаже дека сака да води независна надворешна политика кон сите, кога нашата надворешна политика е вазалска и зависна од Западот. Или дека Македонија треба да работи во коалиции на држави што постојано се менуваат и се формираат околу конкретни прашања, за потоа да се распуштат кога повеќе не се потребни. Или да побарам македонската дипломатија за таа цел да биде креативна, флексибилна, решителна и доследна и да се рекалибрира за да се носи со светот таков каков што е, а не како што ние би го посакувале. Познавајќи ја добро, изгледа премногу барам од нашата надворешна политика. За жал. Затоа ќе го преспиеме и овој историски период во меѓународните односи, набљудувајќи го од дистанца како да не нѐ засега тоа. Всушност, како и сѐ во нашата надворешна политика.
Автор : Проф. Звонимир Јанкулоски