Глобалното здравство треба да се зајакне од темел

За да се подобрат здравствените резултати во земјите во развој на значаен начин, фармацевтските компании мора да сторат повеќе од само обезбедување лекови по намалени цени. Зајакнувањето на локалните способности преку работа со заедниците и стартапите и негување на иновативните екосистеми ќе биде од клучно значење за ублажување на идните закани

Иако крајот на пандемијата на ковид-19 можеби е „на повидок“, како што неодамна објави Светската здравствена организација (СЗО), светот се соочува со голем број нови здравствени ризици. Едни се предизвикани од климатските промени, други од патувањата, дезинформациите на интернет, недостигот од храна, сиромаштијата или конфликтите. За среќа, пандемијата нè научи вредни лекции за управување со овие ризици и за помагање на ранливите економии во развој подобро да се подготват за идните здравствени кризи.
Акцелераторот за пристап на СЗО до алатките за ковид-19 (AКТ-A) е огромен глобален напор што ги олесни тестирањето, третманот и вакцинацијата низ светот. Но јасно е дека AКТ-A не успеа да одговори на долготрајните структурни пречки што го попречуваа вакцинирањето во земјите со ниски и средни приходи. Затоа, потребна е нова рамка што ги нагласува локалните односи со работниците и претприемачите на терен.
Земјите во развој имаат помалку здравствени работници по жител отколку развиените земји. Африка, Југоисточна Азија, источниот Медитеран и делови од Латинска Америка ќе се соочат со недостиг од 5,9 милиони медицински сестри и 18 милиони здравствени работници до 2030 година. Во 2019 година, 13,8 милиони доенчиња низ светот немаа пристап до рутинските услуги за имунизација, вклучувајќи 8,8 милиони земји со пониски приходи. Затоа, не е изненадувачки што само 16 отсто од луѓето во земјите со ниски приходи примиле барем една доза вакцина против ковид-19 заклучно со мај, иако глобалната понуда сега многу ја надминува побарувачката.
Фармацевтските компании имаат клучна улога во надминувањето на различните пречки за зголемување на стапките на вакцинација во земјите со пониски приходи. И, бидејќи се обидуваме да обезбедиме пристап до поширок спектар третмани, предизвиците се протегаат и надвор од вакцинациите. Тековните напори на неколку производители, меѓу кои и „Санофи“, вклучуваат обезбедување портфолио на есенцијални лекови по цена. На пример, Глобалната здравствена единица на „Санофи“ дистрибуира 30 основни лекови, вклучувајќи инсулин и третмани за кардиоваскуларни болести, туберкулоза, маларија и рак, во 40 земји во развој.

Но иако намалувањето на трошоците за лекување е од клучно значење, пандемијата ја покажа потребата за похолистички пристап, кој ги гледа медицината, системите за здравствена заштита и глобалниот синџир на снабдување како меѓусебно поврзани предизвици. Како што покажа пандемијата, помошта што не ги зајакнува локалните капацитети може да направи повеќе штета отколку корист, поради што компаниите мора да одат подалеку од само обезбедување финансиска помош. За да помогнат во подобрувањето на пристапот до здравствена заштита во земјите со ниски и средни приходи, компаниите можат да се справат со логистичките прашања и проблемите со снабдувањето, да ги користат нивните податоци и аналитички капацитети за да им помогнат на одговорните во првите редови и да ги обучуваат локалните службеници за иновативни технологии.
Експертите за јавно здравје низ светот сè повеќе се фокусираат на идентификување и управување со новите болести и жаришта и преобликување на ставовите и однесувањата, додека технологијата ги олеснува собирањето податоци и споделувањето информации потребни за подобрување на резултатите. Но собирањето и оценувањето на овие податоци зависат од соработката со традиционалните и нетрадиционалните партнери. Таквите напори мора да се движат брзо, да бидат водени од приоритетите на локалните заедници и да се градат на споделени податоци добиени од дијагностика, следење и моделирање. За време на пандемијата, Јужна Африка се издвојуваше по своето брзо геномско секвенционирање, кое вклучуваше соработка меѓу многу актери и ѝ овозможи на земјата рано да ги открие варијантите бета и омикрон.

Слично на тоа, комбинирањето големи збирки податоци, компјутерска моќ и алгоритми ќе им овозможи на службениците во јавното здравство да ги следат ширењето на болеста, недостигот од материјали, логистичките предизвици и реакциите на лекови. Технологијата „во облак“ ги олеснува доаѓањето до податоци, споделувањето информации и истражувањето и развојот и ни овозможува да идентификуваме епидемии на болести, нови патогени и заедници на кои им е најпотребна итна помош.
За таа цел, глобалната јавно-здравствена заедница треба да работи заедно за да овозможи иновации и да ги негува претприемачките екосистеми со фокусирање на локални стартапи. Треба да се создаде ударен фонд за обезбедување капитал на локалните стартапи, заедно со механизми за споделување вештини и оперативна експертиза. Влијателниот фонд на „Санофи“ за глобално здравје, вреден 25 милиони долари, започнат во јули, веќе ги поддржува локалните иноватори што се способни да испорачаат скалести решенија за одржлива здравствена заштита во недоволно опслужените региони.
Со оглед на потребата на земјите со пониски приходи за повеќе медицински работници, негувањето на локалната експертиза е од клучно значење. На пазарите во развој, локалните медицински професионалци и експертите за синџирот на снабдување мора да се обучуваат за да станат „општи експерти“ што можат да се справат со итни проблеми за јавното здравје и да ги намалат бариерите кон грижата.

Овде технологијата може да обезбеди алтернатива за обуката со физичко присуство, што станува сѐ попредизвикувачки за управување како резултат на зголемените трошоци, тековните политички конфликти, ограничувањата за патување и недостигот од работна сила. „Санофи“, на пример, работи заедно со „Рич 52“, технолошка платформа од Сингапур што нуди здравствено образование, скрининг и лекови достапни во руралните области во една достапна претплатничка услуга. Платформата на „Рич 52“ се потпира на пристапот за офлајн услуга за пазарите со ниска поврзаност, овозможувајќи им на локалните хуманитарни работници да ги запишат жителите на скрининг-сесии за дијабетес и хипертензија, а сето тоа се спроведува од дополнително обучени болничари.
Зголемувањето на пристапот до здравствена заштита во земјите со ниски приходи на значаен начин бара повеќе отколку само обезбедување лекови со ниска цена. Потребна ни е нова рамка на соработка за да одговориме на безброј меѓусебно поврзани предизвици со кои се соочуваме додека се приспособуваме на новите технологии и негуваме локални иновации. Како фармацевтски компании, нашата работа е да го нарушиме сопственото размислување и да ги охрабриме иноваторите на терен. Овој повеќестран пристап мора да се фокусира на одржлив, локално управуван модел на грижа, дизајниран да допре до ранливите популации.

Пол Хадсон

(Авторот е извршен директор на фармацевтската компанија „Санофи“)