Настани, симболи, алузии
Една од најзабележливите пораки на партиите што учествуваат на сегашните избори за пратеници во Собранието е да се чуе гласот на народот. Сите од ред се повикуваат на народот, негов е пресудниот глас поединецот да биде избран, а партијата да победи. Народот решава кој ќе владее со него.
Историјата нѐ учи дека речиси сите владетели во важни и критични моменти се потпирале на народот. Но колку е тоа несигурна инвестиција ни покажува примерот со Исус, со она што му се случувало во страдалната седмица – од чудесниот ден на влегувањето во Ерусалим, на Цветници, до денот на распнувањето – црниот петок.
Значи: шест дена пред еврејскиот празник Пасха возрасниот Исус влегол, за прв и последен пат, во Ерусалим. Градот бил преполн со народ, реки луѓе итале од сите четири страни да го видат спасителот, за кого се чуло дека доаѓа. Многумина од народот со радост го следеле по патот по кој се движел качен на магаре, му укажувале почести какви што во древните времиња на Исток им биле укажувани само на царевите и војсководците. Го поздравувале со палмини гранчиња, кои биле симбол за победа и дар за победниците во битките.
Еврејскиот збор „осана“ во основа значи „спаси, дај господе спас“, „спаси нѐ, те молиме“. Тој грлест восклик на одушевеност има повеќе синоними, значења и толкувања. Истовремено може да значи: славославие, славен си, биди спасен и како израз на благодарност или прекумерна пофалба, но и како изразување припадност, покорност, преданост, верност, приврзаност, љубов и поддршка. Постои толкување дека значи и барање заштита од неволјите, од непријателите, од поробувачите, какви што тогаш им биле Римјаните на Евреите.
Ако се прави нерелигиозна споредба, тогаш извикот „осана“ може да се доближи до денешните извици „да живее, да живее“, „победа, победа“, „ура, ура!“ или кога се скандира само името на личноста. Всушност, зборот осана бил ритуален восклик со кој се поздравувале оние личности што биле долго исчекувани, што биле сметани за спасители, оние во кои народот гледал надеж за спас, за ослободување, за промени, за посреќен живот, за подобро утре. Во секој случај бил форма на изблик на радост, на триумфална победа.
Кога судијата Понтиј Пилат, на јавна трибина, трипати го прашал насобраниот народ кого да ослободи – дали Исуса или разбојникот и убиец Варава, насобраниот народ се определил за Варава. Со повиците изгласале тој да биде пуштен, а за Исуса викале: „Распни го, Распни го“, по што Исус настрадал на крстот во месноста викана Голгота. Тоа биле истите лица, истата толпа, што претходно викале „Осана, осана“, истиот народ што во него првин гледаше спасител и водач, добродетел и праведник, а по кратко време го прогласи за разбојник и предавник. Затоа, не се случајни последните зборови што ги кажал Исус на крстот: „Оче, прости им, не знаат што прават“.
Таа е таканаречената драматична еднонеделна епизода од човечката историја што го промени светот. Таа случка е и современа метафора што ја појаснува лесната превртливост на масата и укажува на краткото растојание меѓу големата победа и срамниот пад, меѓу славата и понижувањето, меѓу слаткиот вкус на триумфот и горчината на поразот.
Погледнато од друга страна, преку „осана“ до „распни го“, во начело, се согледува пресвртот, контрастот меѓу довербата во луѓето и предавството токму од оние на кои најмногу си им верувал. Истиот народ се покажал како безлична и превртлива маса, подложна на манипулации за нечии други интереси и со различно расположение во различно време.
Овие настани од пред две илјади години се наведуваат како доказ за превртливоста на масите и за немањето смисла барање бланко потпора и повик за подршка кај народот. Има редица примери што покажуваат колку таа почетна поддршка од непосредната и посредната околина, од оние што те опкружуваат, може да биде лажлива, лицемерна, променлива и изненадувачка. Просто шокантна, какво што било однесувањето на апостол Петар, кој трипати се одрекол од Исуса изјавувајќи дека не само што не се дружел со Учителот туку дека не го ни познавал.
Предаден од Јуда, одречен од Петар, без помош од другите, оставен сам, Исус од спасител се нашол во положба на жртва. Во таа смисла е и изреката: „Подобро е еден човек да умре за народот, отколку цел народ да загине за еден човек“.
Но зошто дотогаш народот го следел Исуса?
Новопојавениот Исус бил еден од ретките луѓе во Израел што во тоа време јавно држеле говори и проповеди со кои им се полнеле душите и срцата на оние што го слушале. Како новопројавен пророк со своите параболи поткревал надеж за слобода не само од римската туку и од домашната власт, зборувал за демократија, за правда, за еднаквост меѓу луѓето, застанувал на страната на онеправданите, угнетените и сиромашните, ја истакнувал важноста на секој поединец во заедницата.
Барал промени, се залагал за човекови права, за уривање на стереотипите, за намалување на криминалот, корупцијата и недозволената трговија. А самата маса народ што претходно го следела и се движела со него (и по него) по ридовите и горите навестувала уривање на власта, имала вкус на победа, а истовремено го најавувала можното доаѓање на спасителот, раѓањето на новиот лидер, а со него на новиот, слободен свет.
Многумина оделе по него, зашто се прочуло дека Исус прави чудесија, исцелува болни, со негова помош слепи прогледуваат, неми прозборуваат, сакати проодуваат. Ги поучувал и подучувал луѓето за многу непознати работи и ги советувал како практично да ги решаваат секојдневните проблеми. Замолниците од граѓаните ги исполнувал на самото место, брзо и лесно. А беше се прочуло дека е голем добродетел и дека со седум леба и малку риби нахранил околу четири илјади души, а во друга пригода со пет леба и две риби нахранил околу пет илјади мажи, не сметајќи ги жените и децата.
Така било пред 2.024 години. Како е по 2.024 години? Исто или различно? Викаме ли на почетокот „Осана, осана“, а по некое време „Распни го, распни го“?