Ѓорѓи од Лихнидос, Дра/х/ан во Америка…

Интересот за историските вистини и вредности, односно испитувањето на корените и традициите што го обликуваат личниот и колективниот идентитет во едно општество е една од кардиналните нишки во процесот на цивилизацијата.
По повод искрен и симпатичен допис и коментар на читател охриѓанец, потпишан како „северномакедонец“ од Чикаго, еве уште малку од приказната за топџијата од Лихнида.
Во последниве триесетина години откако се подотворија историските скриени депоа почнува да извира една малку поинаква приказна за долгата историја на Македонија. Во американската енциклопедија постои податок и доказ дека првиот Македонец што емигрирал бил Драган од Охрид. За неговата преселба во Шпанија постојат две приказни. Но без оглед која од нив е точна, факт е дека Драган од Охрид е првиот Македонец.
Откриени се три документи од 15 век, во кои е споменато дека во првата експедиција на Колумбо имало и ваш сограѓанин охриѓанец. Документите се всушност преписка, приватни писма од француската грофица Мари – Мадлен Сан Жозеф де Поасан. Таа му била сопруга на чешкиот кастелан Витаслав Галас, со кого во периодот од 1491 до 1509 година престојувала на дворот на шпанските владетели Фердинанд и Изабела, кои финансиски ги покривале и ги овозможиле патувањата на Кристофер Колумбо за Америка. Во три свои писма упатени до својата братучетка во Париз, војвотката О’Конел пишува за некој морнар „Драхан од Лихнида“ што бил член на екипажот на Колумбовиот брод „Пинта“.
Првпат го споменува во писмото од 25 април 1493 г. За време на приемот на Кристобал Колон (шпанска варијанта на името на Колумбо) кај шпанскиот крал, по 224–дневна смела пловидба, му се укажуваат големи почести и бил удостоен со титулата „адмирал и вицекрал на ла Испањола“ (Америка). Во истото писмо грофицата пишува и како за време на нејзината средба со Колумбо и со дел од екипажот, еден од присутните го обвинил морепловецот поради тоа што оставил четириесетина свои морнари во туѓа земја, во логорот (утврдување) што го нарекол Ла Навидад, практично прва организирана европска населба во Америка.

Во неа бил утврден и Драган топџијата од Охрид, прв човек на вооружените сили на првата европска енклава.
На обвинувањата на загрижениот дворјанин Колумбо одговорил: „За Индијанците, белите луѓе што ги оставивме претставуваат синови на небото што умеат и знаат да владеат со громот и огнот“. Во своето писмо од 20 август 1496 г., грофицата Мари – Мадлен пишува и за нападот на Индијанците врз Навидад кога двајца морнари преживеале и дека еден од нив бил Драган од Лихнида. Тоа го дознала од опатот Лос Касос, кој ѝ напишал на грофицата дека лично разговарал со Индијанецот Каонабо, предводник на нападот, кој бил заробен и доведен во Шпанија по втората експедиција на Колумбо, според кого, двајцата преживеани се Диего лекарот и морнарот со „златна брада“, Големиот Аран – господар на громот и молњата, кој, според описот, бил Драган од Охрид.
Што се случило со Драган и лекарот Диего по нападот на Индијанците и нивното бегство од уништениот логор? Во едно подоцнежно писмо на грофицата испратено од Кастилја ја пренесува изјавата на капетан Хуан Мартис, кој се вратил по престој во Америка. Пред судот во Шпанија тој се заколнал дека сретнал двајца белци со свои жени и деца, од кои едниот се викал Диего, а другиот го викале „Големиот Аран“. Ги видел во близината на денешна Богота, Колумбија. Средбата на капетанот Мартис, кој престојувал во Америка, со третата експедиција на Колумбо во 1498 година и средбата со двајцата преживеани од Навидад укажува на фактот дека Драган од Охрид не само што бил жив цели шест години од пристигнувањето туку и дека и веќе оформил свое семејство. Ете толку за оваа „Прошетка низ историјата“ – (Роберт Каплан) и од депото на колекцијата „Информации за историјата и културата на Македонија“ (Џејмс Николоф) и „Јужнословенската имиграција во Америка“ (Џорџ Прпик).
Поздрав до почитуваниот читател од Чикаго и благодарност за респектот. И само уште неколку збора на крајот. Наивно долго веруваме дека нема ништо страшно во нашиот интерес кон нашето милениумско подалечно и поблиско минато. Во последниве дваесетина години откако се подотворија дверите и од историските скриени депоа последниве плурални лета некако срамежливо, скромно и тивко почнува да извира една малку поинаква и тивка „приказна“ за „долгата и неверојатна историја на Македонија“ и нејзината честа бездушна употреба за најразлични цели и интереси. Според дискусиите, немирот, дебатите, коментарите, по повод нашиот скромен интерес, по сѐ изгледа нешто силно ги загрижува „чуварите на монолитот на балканското историско паметење“. Или можеби се актуализираат прашања што налагаат извесна мека преобразба на одредени историски интерпретации.

Аљоша Симјановски