Станувај, колумна треба да пишуваш. Аман, станав…
Тоа што се заврте, не значи дека си станал. Колумна те чека. Што ќе им речеш на луѓето во редакција? Како ќе им се правдаш?
А што па има да им се правдам? Нека ја објават минатонеделната колумна. Исти ѓаол… минатата, оваа недела, таа следната…
И ова им го имаш еднаш напишано.
Па што? Им го имам… јас ли сум виновен што апсурдот кај нас се повторува како гротеска… не… како историја… фарсата се повторува како… не… сеедно…
А бе, станувај, нема колумната сама да се напише.
А зошто да не се напише сама? Веќе се има напишано. Само нека ги сменат имињата… таму во редакција. Наместо Мерко, нека стават Орце. Наместо министерска, нека напишат вајмарска тројка. Сејм шит. Ние изгледа нешто гадно сме му згрешиле на Бога, не може тукутака да го допушта овој политички „гранхог деј“ што ни се случува. Ставени сме на рипит. Се плашам дека утре ќе се разбудам, а пред мене смртно сериозни наслови: „САД повторно нè признаа како Република Македонија што е клучен доказ дека по внесувањето на Сатурјаните во Устав, нема да има веќе политички уцени од другите галаксии, по што е јасно дека започнуваме пристапни преговори со Унијата на сателити од соѕвездието Голема мечка игра оро“.
Што? Секако дека можам и подолг и поглуп наслов да смислам.
Не, стварно… ние апсолутно сме за психијатриска опсервација. Реалноста ни е како некој, во нафтата што ја пиеме, да ни подметнал бушав вонземјанин преправен во џиновска стриптизета што јава на розов слон и јодла алпски балади украдени од ехото на сите идни глупости. Како? Реченицата нема логика? А демек ова кај нас има логика? Имаме министер што се расфрла со расизам тврдејќи дека нема македонски дијалекти надвор од Македонија и ако го пратиш по ѓаволите, значи дека си албанофоб, па затоа менуваш програма (во својата глава) и слушаш како некој амбасадор што те терал да затнеш нос и да голташ лајна, сега плаче по милијардите што неговите ги вложиле за реформи во протекторатов, ама владата што тој ја поддржува изгледа ги искористила за правење реформ-торти за сопствената иднина, при што судот на кој Америте потрошиле некои други милијарди не реагира, затоа што откако беше отворен како пупка сега се наоѓа во зен-процес меѓу ферментирање и фотосинтеза како еден од условите да се отвори Уставот и…
Русјаков, дај бе не гњави, едноставно е, човек, признај дека не се снаоѓаш во големите геополитички игри бидејќи сето ова околу тебе е висока политика што не ја разбираш.
Точно, тоа е проблемот, мислам… мојот проблем, не се разбирам во… Висока политика, а? А колку е висока? Зборувам за онаа госпоѓа политичарка што вие ја доживувате како смртно сериозна претставничка на Унија преполна вредности и врвни геостратешки маневри, а која мртва ладна тврди дека некои таму лоши Руси расклопуваат фрижидери за од нив да вадат чипови, кои потоа ги пикаат во лопати и со нив демек војуваат против најсовремените НАТО-стандарди… Многу сериозно, нели? Толку е сериозно што веднаш го пренесуваат уште посериозни медиуми преполни најсериозни уредници и новинари. Не сум се разбирал во геополитика… Јас бре имам магистрирано кај професор Јонеско, а докторирано кај доктор Бекет. Жими мајка на храброста од Брехт!
Значи стварно многу сереш, Русјаков, па нели гледаш што ни порачаа господинот Ескобар, вајмарската тројка и вишеградската група? Јасни се пораките и на амбасадорката Агелер. Ако сакаме во ЕУ за да бидеме дел од борбата против Русија, мора да ги внесеме Бугарите во Уставот, оти имаме гаранции дека тука завршуваат нивните барања. Па, сите сериозни портали пренесоа.
Уф, колку логично и сериозно, нели? А бе факинг геостратегија, само јас, глуп најглуп, пак не разбирам. Мене детали како… Ескобар, вајмарска тројка, вишеградска група, Агелер, портали… веднаш ме фрлаат во една чудна сајберпанк средновековна ситуација. И веднаш замислувам слика. Господинот Ескобар бега низ Богота, ДЕА и ЦИА му се зад петици, ама тој стига до една врата, која не е обична врата, туку сериозен портал, поминува низ неа и од политичката сајберпанк-иднина, упаѓа право во минатото, а таму, среден век, град Вишеград, среде улица стои вајмарска „тројка“ со три оседлани коњи, во која седи руската кнегиња Ангела Агелеровна и додека чека, го тера својот омилен ритуал, везе црни листи за колумнисти спиритуалисти.
Само ти серуцкај, Русјаков, по 25 август ќе те снема.
Е, да! На 25 август стапува во сила Законот за дигитални услуги на ЕУ, кој на големите интернет-платформи за социјални медиуми им налага да отстрануваат нелегални содржини, говор на омраза и дезинформации, а најмногу проруска воена пропаганда, инаку ќе јадат гадни парични казни. Сталин, Жданов и Берија сигурно се превртуваат од смеа во пеколот и му се дерат на ѓаволот: „А бе, однеси ја шегата на одмор, овие горе душата ѝ ја извадија!“ Ќе го јадеш и ти, брате Ридли Скот, има да ти го отфикарат крајот на „Наполеон“. Па, не може Котузов да го истреска од земја Бонапарта, а цар Александар да влезе во Париз, па уште да изгради прекрасен мост. Тоа ти е проруска воена пропаганда. Значи нема веќе ширење нелегални содржини, говор на омраза и дезинформации, само уште јас, глуп најглуп, да разберам што, побогу, им значи тоа. Еве си замислувам почеток на колумна по 25 август.
Службите во Белата куќа пронајдоа остатоци кокаин, што значи дека некој таму очигледно има навика да си го „пудри носето“, ама не можам да мислам на тоа, а се спомне нешто бело среде овие одвратни горештини, јас веднаш халуцинирам дека ми паѓа снег врз главата и тоа е далеку подобро од будење во пеколно утро, кога капки пот се слеваат од мене, па ми доаѓа да вреснам, „повеќе сакам мирис на напалм наутро, отколку на пот“, додека славеите надвор за инает ми ги свират „Валкирите“ од Вагнер… И потоа следи информација од социјалната мрежа: „Поради Законот за дигитални услуги на ЕУ, ја исфрливме првата реченица од вашата колумна затоа што кокаинот е нелегална содржина, потоа, ширите говор на омраза спрема летните горештини, таканаречената симболика околу снегот, потта и напалмот не ја разбираме, па ја третираме како дезинформација, а Вагнер… тоа е руска воена компанија, што значи ширите проруска воена пропаганда.
Знам, нема да биде смешно, ама што друго ни преостанува?