Новите времиња бараат нови мостови со македонската дијаспора

Каква матица им е потребна на глобализираната македонска нација и глобалната македонска дијаспора? Каква дипломатија и каков конзуларен сервис треба да ги опслужува глобализираните македонски државјани? Што е денес македонска дијаспора? Со одговорите на сите овие прашања се мачам подолго од неколку месеци, благодарение на честа што ми ја укажа Обединетата македонска дијаспора да настапам на нејзиниот годинашен симпозиум во Скопје. Обврската е дотолку поголема затоа што првпат ќе се обратам како обичен граѓанин, без бремето на државните функции, пред публика со изострени сетила, големо знаење и со високи очекувања.
Македонија е една од земјите што може да се пофалат дека имаат многу повеќе државјани отколку жители. Само во последниот век и половина виделе неколку сериозни бранови иселување од Македонија, а сезонската миграција и печалбарството остануваат врежани во културната ДНК на граѓаните од овие простори. Првиот бран се случува уште во периодот на Отоманското Царство, кога Македонците ги откриваат американските континенти, тоа прибежиште на прогонуваните, осиромашените и амбициозните од сите европски етникуми. Покрај прекуокеанската миграција, нашинците си ја бараат шансата за подобра заработувачка и во големите економски, културни и политички центри низ Османлиската Империја, а и во растечките градови на новите балкански државички. Вториот бран е безмалку ексклузивно насочен кон Северна и Јужна Америка во меѓувоениот период, но нацијата се расејува и низ новата југословенска држава. Третиот бран, веднаш по Втората светска војна, најпрво е хаотичен и мотивиран од политички причини, но веднаш потоа станува главно високоорганизиран преку Бирото на вработување на СРМ и на СФРЈ, кога цели реки нашинци се одлеваат во Западна Европа, САД, Канада и Австралија. Овој трет бран коинцидира со најголемиот природен прираст на населението во Македонија, благодарение на развиениот систем на здравствена заштита, подобрената диета, стандарди на живеење и други благодати што произлегуваат од економскиот и социјалниот развој во СРМ и СФРЈ. Наедно, бројките на иселени лица од овој трет бран, кој дофрла дури до 1980-тите, се импресивни и се движат во стотици илјади.

Четвртиот бран ја погоди главно мојата генерација и произлезе од хаотичниот распад на Југославија и од криминалната приватизација во Македонија, која остави зад себе економска и социјална пустош. Многумина од нас, иако никогаш не се откажаа од Македонија, едноставно изгубија надеж дека во нивниот животен век ќе се случат неопходните промени земјата да се претвори во „пристојно место за живеење“, па среќата си ја побараа главно во Западна Европа, Северна Америка, Океанија, Јужноафриканската Република, но и во глобалните урбани центри низ планетата. Петтиот бран, пак, најцврсто е врзан за европската интеграција. Единствениот европски пазар во самиот свој темел ја има слободата на движењето, вклучувајќи ја и слободата за студирање, вработување, создавање свој дом низ просторот на ЕУ и така натаму. Сè додека најсиромашните села на Крит, јужна Португалија, источна Словачка, Далматинска Загора, Херцеговина, Македонија, јужна Србија, Албанија или Косово немаат релативно споредлив животен стандард со рурската област, „сината банана“, „златниот појас“, јужна Германија, Скандинавија, Каталонија, Ломбардија и другите економски мотори на ЕУ, одлевањето на населението ќе продолжи. Која е, впрочем, поентата да се градат единствениот европски пазар и шенгенскиот простор без слободата на движењето во својот полн израз? Покрај тоа, во петтиот бран се засилува одлевањето и низ глобалните алфа-градови на сите меридијани, тие динамични мегалополиси што ја кројат иднината на човештвото.
Социолозите и антрополозите ќе ми се налутат на поедноставувањето, но нивните истражувања велат дека мигрантите не се ни докрај иселени од своите матици, а не се ни целосно доселени во своите нови живеалишта. Првата генерација, таа веќе родена во новите татковини, целосно ја примила културата од родителите мигранти, но молскавично брза да се интегрира во своите нови држави. Втората генерација го разбира јазикот на мигрантите, дедовци и баби, но не умее да го зборува, а веќе е длабоко вкоренета во државите каде што се родила. Третата генерација, пак, иако целосно интегрирана во новите „татковини“, чувствува потреба од потрага по своите предци и поминува низ некаква форма на етничко будење.

„Котлето за претопување“ во мигрантските држави на американскиот континент, а веќе и во Западна Европа, си функционира и произведува исти резултати, без разлика дали станува збор за третата генерација Македонци во Австралија, Кубанци во САД, Пакистанци, Карипци и Полјаци во Обединетото Кралство, Алжирци, Тунижани и Сенегалци во Франција или Турци во Германија. Во најдобар случај за матичните држави припадниците на дијаспората се интегрираат во своите нови татковини, а во најлош случај тие целосно се асимилираат. Разликата помеѓу интеграцијата и асимилацијата ја прават дипломатските служби на матиците што успеваат да изградат жива врска со дијаспората, приспособена на потребите на современиот глобализиран човек.
За жал, македонската политика кон дијаспората останува закатанчена некаде во третиот бран на дијаспората иако одамна се укинати или обесмислени некогаш моќните институциите што ги поддржуваа македонските заедници, организирано испратени по белиот свет како „гостински работници“ или веќе одомаќеното „гастарбајтери“. Велам „за жал“ затоа што епохата на мигрантите од третиот бран е одамна завршена. Копнежите по родните огништа се неразбирлив концепт за децата и внуците на Македонците од овој трет бран современа македонска миграција, исто како и културниот израз на тој непребол опеан во песни, испишан во романи и овековечен низ документарни филмови.
Една глобализирана нација, како македонската, мора да им понуди многу повеќе на своите сограѓани што го зачувале македонското државјанство, но и на иселениците од македонско потекло што сакаат да ги негуваат врските со матицата. За таа цел е потребен своевиден коперникански обрт на политиката кон иселеништвото. Македонија мора да вложува во својата дијаспора и да ги негува врските со новите генерации Македонци родени низ светот. Во најблиското соседство имаме примери како успешно се прави тоа, па може многу да се научи од италијанската, грчката, израелската, но и од полската и хрватската дипломатија за односот на матицата кон иселеништвото. Македонија мора да се обиде да ги преотвори школите за изучувања македонски јазик во дијаспората, на трошок на државниот буџет и со испраќање учители од државниот образовен систем. Нели јазикот беше нашата татковина? Понатаму, македонската дипломатија треба активно да ги потпомогне сите иницијативи за летни и зимски кампови за изучување јазик, но и за висока наука, технологија, инженерство и математика за децата од дијаспората, проследени со запознавање со македонската култура и со пределите низ Македонија.

МПЦ ќе остане најживата врска помеѓу Македонија и дијаспората, но во 21 век променет е и културниот образец на глобализираните граѓани, па Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ треба полека да станува пантеон за обединување на македонската интелигенција и за негување на врските со расеаниот македонски ум низ светските универзитети. Тука најмногу ветува иницијативата на Никола Стиков, која доби и своја институционална рамка при скопскиот универзитет. Но, УКИМ мора да отвори и квоти за студенти од дијаспората во сите три циклуси на студии. Влогот во дијаспората се враќа многукратно кога Македонците од иселеништвото ќе започнат со своите кариерни пробиви во нивните нови татковини или, пак, кога ќе одлучат да се вратат повторно во Македонија или дел од своето време и кариера да ѝ посветат на матицата.
Македонската дипломатија има капацитет да ја даде сета логистика за овој насушно потребен проект за Македонија и за нејзиното иселеништво (иако мора сериозно да се преобмисли и да се прошири мрежата на македонски дипломатско-конзуларни претставништва). Равенката е неповратно промената, па македонското иселеништво многу повеќе ѝ е потребно на Македонија отколку што татковината им е неопходна на припадниците на дијаспората.

Ивица Боцевски