Министерот за економија Крешник Бектеши, висок функционер на ДУИ, „фрли ракавица“, како што пишуваат повеќето медиуми, со барање оние партии што ќе ги изгубат изборите да ги тргнат своите лидери (се надевам не бара бришење на самите партии) и истите тие повеќе да не се занимавале со политика. Дистанцирањето од СДСМ, кој евидентно ќе биде губитник на изборите, можеше подиректно да го соопштат. Да кажат отворено дека го напуштаат бродот што тоне. По сизифовската улога од нивна страна и со многу непристојни уцени го држеа бродот да не потоне, но не го задржаа. Се разбира, опозицијата, сигурна во победата на двојните избори, ја прифати оваа идеја, макар што верувам дека и нејзе ѝ е смешна. Кој смее да се меша во внатрешните работи на партиите, кои имаат свои органи и статути според кои се одлучува за нечија одговорност? И што фајде ако се тргне Ковачевски, кога самата партија им е гола вода? Не само гола вода туку испадна штетна за државата. Да им дојде и Кенеди Помладиот лично за лидер, помош им нема.
Но Бектеши не објасни што значи „победа“ на изборите. Дали се тоа партиите што ќе состават влада или оние две што освоиле најмногу гласови, а не мора да состават влада. Ако се возат на картата дека ДУИ, колку и да имаат пратеници, мора да бидат на власт, секако се излажале.
Ќе се обидам да предочам неколку факти за партијата ДУИ, која самоуверено настапува и во моменти кога здраво се ниша. Таа секогаш беше миленик (повеќе не) на странскиот фактор, но без никаков свој став за коалицирање. Како ги носеше матната вода, така, по налог, коалицираа. Ги наметнаа во владата на Груевски, со измислената формула „победник со победник“, а последното коалицирање со СДС, исто така одеше под туѓ налог. Бев сведок во Собранието кога наеднаш им стигна таквата наредба. Тие никогаш не биле „свои“. Ги третираа како монета за поткусурување, да дополнат нечија влада, а таа позиција тие добро знаеја да ја искористат во своја полза. Илјадници вработени, вицепремиер за ланскиот снег, број на министри непропорционален на бројот на пратеници (само 11), сега и технички премиер, нивно судство и други моќни позиции. Е, сега тоа е на стаклени нозе. Не знам со каква националистичка реторика да настапуваат, истиот тој странски фактор што ги поддржуваше, сега веќе ги преслушува за корупција. Ниту зелената агенда, која ја гледаме на дело низ ѓубралникот и метежот низ Македонија, тешко дека некого ќе го излаже. Но да оставиме изборите да си го кажат своето.
Друго прашање ми се наметнува како многу сериозно. Прашувам дали е Македонија унитарна држава и дали се држиме до Уставот? Ако сме уште унитарна држава, не би смеело да се сегрегираме на партии од „македонскиот“ и од „албанскиот“ блок. Едноставно постојат партии со различни идеологии, програми и понуди распоредени по целиот политички спектар: од крајно леви, до крајно десни и сѐ помеѓу. Дали се на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, мешани, какви што најчесто се, не би смеело воопшто да има врска во една плурална демократија на унитарна држава. Така, на пример, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат во своите редови и партии на Турците, Ромите, Србите итн. Наместо да имаме партии со различни идеолошки матрици и различна понуда, ние се давиме во вакви неприродни поделби. Докрај се вулгаризираше оваа вештачка конструкција на „македонски“ и „албански“ партии, докрај е штетна идејата дека мораат по изборите да направат мешана коалиција.
Она што навистина иритира е божемната (непишана) коалиција, „победник со победник“. Таа дефинитивно имплицира на федерализација на државата. Победници кај кого? Во своите трла? Само ние работиме, во 21 век, аспиранти за ЕУ, како партии на племенски заедници.
Ако сме унитарна држава, партиите, без разлика на етничката припадност на членството (за кое ви гарантирам дека е мешано), се натпреваруваат рамо до рамо, неподелено на племенски заедници. Сите тие со свое име излегуваат на политичкиот ринг и се борат да освојат што повеќе гласачи. Без разлика на етничката припадност. Еве, добар пример ни даде токму ДУИ кога наеднаш, од никаде, се прогласи за „зелена партија“. Јас така ја третирам и според тоа ќе ја ценам. Што направила во овие години за чиста и зелена Македонија? Одговорот им го препуштам на читателите.
Ако е тоа моделот што треба да се имплементира според Уставот на една унитарна држава, каде што сите партии, еднакво важни со своите програми, неподелени на племенски заедници, и ако се анализираат досегашните резултати, ДУИ секогаш губела. Независно што секогаш коалицирала за да биде во власта. Таа била најчесто трета партија во Македонија. Никогаш не била победник.
На отворениот, а не на затворениот етнички пазар, никогаш не победила. Само во својата заедница, што е спротивно на унитарниот карактер на државата. За мене тие никогаш не биле победници, токму затоа што се обраќаат само до албанското гласачко тело. Ако беа навистина „зелени“, сигурна сум дека многумина и надвор од нивниот свет ќе гласаа за нив. Вака, секогаш се трети, односно никогаш не победиле.
Македонија е унитарна држава и така мора да се однесува. Доста со експерименти, со уникатни решенија што не постојат во развиени демократии. Не може една партија да измислува правила, да се сили, да уценува. Доста беше. Нѐ носат во апартхејд каков што постоеше во Јужна Африка. Уште пострашно е што ја примаме оваа сегрегација на македонски и албански партии како нормална. Но не е.
Затоа, тој што треба да потрча кај нотарот е точно шефот на ДУИ. И тоа требало да го направат одамна. Бронзен медал не е ниту златен, ниту сребрен. А тоа што некој упорно ги ставал во секоја влада, гледаме каде ја носи земјата. Кон ЕУ, секако не.