Францускиот предлог и не е баш – француски

  • Нашата капитулација беше нагласено наречена „француски предлог“ и од конкретна причина – да се залаже македонската јавност, што беше и постигнато. Демек, Франција диктира, а ние – немаме избор
  • На ист дипломатски начин, со нота, т.н. „француски предлог“ може и мора да се откаже само со повлекување од вториот протокол. Само така Македонија ќе има отворен пат кон Брисел, бидејќи отпаѓаат и преговарачката рамка и ултиматумот за промена на Уставот. Без тоа, Македонија никогаш нема ниту да се приближи до ЕУ

Она што мора да се каже пред сѐ е дека т.н. „француски предлог“ има и друга заднина. Имено, прво и основно е дека (според достапните информации) сите наши предавнички отстапки се резултат на договорот на поранешниот премиер Ковачевски со Бугаринот Петков!
Второ, целта беше надминување на нивното нелегално и силеџиско вето за почеток на нашите преговори со ЕУ, ама со катастрофални последици за земјата. Во тој период Франција претседаваше со Советот на ЕУ и, заради свој успех, Париз беше заинтересиран да се најде решение за ветото. Така се однесуваат сите претседавачи. А нашата капитулација беше нагласено наречена „француски предлог“ и од конкретна причина – да се залаже македонската јавност, што беше и постигнато. Демек, Франција диктира, а ние – немаме избор.
Трето, во преговарачката рамка ни се вметнати услови коишто ги доведуваат во прашање и националниот идентитет на македонскиот народ, и неговиот јазик, историја…, што е надвор од умот. Тоа нема никаква врска со принципите, праксата, процедурите…, ама и фундаменталните вредности на Унијата. Плус, тоа е целосно надвор од Копенхашките критериуми за членство, коишто важеле за сите. Рамката, пак, за која нашите предавници дале согласност, ама сѐ уште официјално не сме ја прифатиле, е збирштина на бугарски фантазмагории, историски синдроми и ментални девијации.
Четврто, преговарачките рамки не ги подготвува претседавачот со Советот на ЕУ, во случајов Франција, туку бирократските структури на ЕУ, во Брисел. Париз, секако, играл улога на некаков стимулатор, ама ништо повеќе.
Петто, 27-те членки, коишто учествувале директно во процесот или биле консултирани, немале никаква причина за какви било резерви во однос на рамката, бидејќи ние сме се согласиле! За нив, сѐ било чисто! Паралелно, со сигурност може да се тврди дека и силата од преку океанот имала улога, како носител на политиките кон Македонија. Тоа е нов доказ дека целата вина е на нашите неписмени капитуланти.
Шесто, само условно ситуацијата може да се нарече „наметната уцена“ бидејќи ние сме се согласиле со рамката. Тоа налага само едно решение – наше повлекување на дадената согласност! Само за таков чекор можеме да бараме меѓународна поддршка. А, со префрлањето во ЕУ, проблемот е веќе интернационализиран, ама од страна на Софија! Знаеле како треба – сега, Брисел нѐ касапи! Тоа го прават само тие што имаат меѓународна поддршка, како Бугарија во случајов. Македонија, пак, нема никаква поддршка, од никого.
Седмо, самиот „француски предлог“, поточно „нацрт-преговарачката рамка“ беше резултат на тајниот договор меѓу Ковачевски и Петков. Подоцна, на криминален начин, тој беше официјализиран, и тоа само делумно, преку вториот протокол или записник, со Софија. Таканаречениот „француски предлог“, практично, се сведува на вториот протокол со Бугарија. Собранието беше криминално изиграно и злоупотребено, бидејќи даде зелено светло, без да има увид во него! Четирите документи од нацртот на преговарачката рамка имаат над 20 страници, а на Собранието му беше претставен во текст од една, иако цела (!) страница, во која имаше само технички податоци и ништо од катастрофалната содржина! И, нашите генијални пратеници – го одобрија! Тоа е класична злоупотреба на службената должност. Чист и јавен криминал!

Осмо, токму овој срамен исчекор на Собранието, без никаква конкретна врска, беше плански злоупотребен од Владата! Утредента таа го потпиша вториот протокол во Софија, којшто е целосно – нелегален. Собранието „одобрува“ преговарачка рамка за ЕУ, според „француски предлог“, а Владата, врз таа основа, потпишува втор протокол со Бугарија! Тоа го прави бидејќи така, на мафијашки начин, ги оправдува своите манипулации со рамката! А протоколот е, практично, нов понижувачки договор со Бугарија, којшто може да важи само по ратификација во двете собранија. А такво нешто – немаше! Значи, тој е неважечки! Покрај тоа, никаде во нашите документи не се спомнува промена на Уставот, а таква обврска беше преземена во протоколот и е дел од рамката! Овој криминал мора да го утврдат истражните органи.
Деветто, најдобар доказ за сето ова е фактот дека Брисел утврдил нацрт-преговарачка рамка на 30 јуни 2022 година, за да се „кити“ Париз, чие претседавање тогаш завршуваше! Ја објави и „Вечер“, на 6 јули 2022. Рамката, пак, широко се повикува и на вториот протокол, којшто тогаш – не постоеше! Значи, постоела наша согласност (Ковачевски–Петков)! Нашето Собрание ја „одобри“ преговарачката рамка на 16 јули 2022 година. Или, 16 дена подоцна! Иако тоа немаше никаква врска со содржината на протоколот, Бујар Османи, како МНР, во придружба на уште три министри, Македонци, го потпиша утредента, на 17 јули, во Софија!
Манипулацијата на ЕУ со вториот протокол и негово ставање во рамката, пред да биде потпишан, не беше измислица на Брисел, иако со тоа и тие направија тежок политички криминал! Тој чин е само кристален доказ дека нашите предавници, претходно и тајно, веќе го договориле катастрофалниот втор протокол, што повторно упатува на – Ковачевски и Петков! Сѐ потоа беше чист театар. За Македонија – трагичен. Веднаш по овој циркус, на 19 јули 2022, беше и Меѓувладината конференција Македонија – ЕУ. Нашите предавници, претходно тајно се договориле, а потоа срамно ги понижија и пратениците, ама и целата држава. Овие историски национални злочини не смеат да останат неказнети.
Десетто, т.н. „француски предлог“ означува само процедура во дефинирање на нашата преговарачка рамка. Улогата на Франција се сведува на обична дипломатска техника, комбинирана со жесток притисок врз нас. Впрочем, дипломатите за тоа се и платени. Затоа, на ист дипломатски начин, со нота, т.н. „француски предлог“ може и мора да се откаже само со повлекување од вториот протокол. Само така Македонија ќе има отворен пат кон Брисел, бидејќи отпаѓаат и преговарачката рамка и ултиматумот за промена на Уставот. Без тоа, Македонија никогаш нема ниту да се приближи до ЕУ.
Единаесетто, идеите дека решение треба да бараме преку ООН, Советот на Европа, или преку неговата т.н. Венецијанска комисија се – надвор од умот. Нашите пречки, нотирани како „француски предлог“, немаат никакви врска со овие институции и тоа е како да одиш на зелен пазар за да купиш – клавир! Македонија мораше да поднесе меморандум до генералниот секретар на ООН кога нелегално и насилно ни го суспендираа името. Не сега. Сега, сите патишта водат во Софија. Никаде на друго место. Само така Брисел ќе биде принуден да прави нова рамка.

Дванаесетто, бесмислица е дека договорот од Нивици бил ратификуван во ООН. Такво нешто – не постои. Меѓународните договори се ратификуваат само во националните парламенти. Обврска е, меѓутоа, тие да се депонираат во светската организација, за да бидат достапни за сите. Ништо повеќе. А дали сите го прават тоа, е друго прашање. Казни – нема!
Тринаесетто, Македонија има само еден начин да го присили Брисел за нова рамка. Тоа е откажување на вториот нелегален протокол со Бугарија. Тоа ќе крене мала врева, и толку. Сите знаат дека ние сме во право, ама молчат бидејќи ние се правиме на удрени. Без тоа, алот ни е во калот. Ние сме на потег.

(По повод текстот „Каква е сегашната меѓународна политичка конјунктура за отфрлање на Макроновата преговарачка рамка?“ објавен во „Нова Македонија“ на 15 јануари 2026 година)