Вчерашниот изумрен свет
Одат пред мене мајка и син во пубертет и се расправаат гласно. Сфаќам дека „малиот“ сака да му купат нешто многу скапо („Нормален ли си, тоа е половина од мојата плата“). Тој инсистира и се брани со „теоријата на доцнење зад просекот“ („Па, сите имаат, само јас немам!“). Во еден миг доаѓа реченицата што ме погодува како отровна стрела. Мајката вели: „Не ми филозофирај! Знаеш што е твојот проблем? Многу филозофираш, наместо да си најдеш некоја работа, па сам да си заработиш!“
Свеста ми се врати назад: „Орце Николов“, една од најреномираните гимназии не само во Скопје туку и во Македонија. Час по филозофија, кај ненадминливата Олга Пешевска. Ни вели: „Деца, кој не сака филозофија, тој не сака НИ ДА ЗНАЕ како се сака. ’Филос’ ви е љубител, а ’софија’ ви е – мудрост. Оној што не ја сака мудроста, ќе ја засака глупоста!“ Ни кажуваше легендарната Олга и други работи, на пример: „Е, како ќе знаете дека цигарите што тајно ги пушите на голем одмор и пивата што тајно ги пиете на екскурзија се штетни – без филозофија?“ Ние ја гледаме „бледо“ и си мислиме: па, што ќе ни е Кант за да знаеме дека цигарите се штетни? Се јавувам и ѝ велам: „Ама професорке, па си има хемија, хемијата ни кажува дека алкохолот е по состав ЦЕ2-ХА5-О-ХА и дека штетно дејствува на клетките, дека е отров!“ А таа, со оние тиркизни, секогаш запрашани очи пред светот, вели: „Е па, хемијата е само слугинка на филозофијата. Таа е специјализирана филозофија. Нејзина рака. Да не беше Демокрит, кој прв дојде до идеја дека постои атом, а а-томос значи ’неделив’, немаше ни хемијата да дознае за јаглерод (ЦЕ), водород (ХА), кислород (О) и хидроксилна група (О-ХА). Да немаше атомизам во филозофијата, немаше да има ни хемија. А пред тоа: да немаше поим за зло и добро, немаше ни хемијата да знае што е отров а што лек. Филозофијата ви е, деца, мајка на сите науки, наука за сите науки“.
И како дојдовме до тоа поимот „филозофирање“ денес, за онаа жена да значи нешто бесмислено, неполезно, дури и штетно за младите луѓе („поарно да земеш нешто да работиш“)? Како дојдовме до тоа и во устите на политичарите зборот „филозофија“ да стане синоним за „измама“ наместо за вистина? Пред некој ден еден политичар, обраќајќи им се на „клетите противници“, рече: „Тие филозофии кај нас не проаѓаат“. Јасно е дека под „филозофии“ (уште и во множина!) тој подразбира само добро маскирани лаги.
Е, не беше така во вчерашниот изумрен свет. Кога некој уште во гимназија ќе се решеше да студира филозофија, тој стануваше „гуру“ на целата генерација. На него се гледаше како на најмудар, избран за таа работа. Ние знаевме дека филозофијата и логиката се темели на сето човеково знаење, дека оној што знае логика не може да не знае математика. И што е најважно, барем за мене: книжевноста не можеше (и не може) без филозофија. Сјајни беа предавањата по македонски јазик и литература на професорката Снежана Димитрова, зашто таа беше одлично запознаена не само со книжевноста туку и со филозофијата, па нејзините предавања ги доживувавме како продолженија на предавањата на професорката Пешевска. Не беше возможно да се говори за Сартр без филозофијата на егзистенцијализмот, ни за Ками без Фројд и без филозофијата на апсурдот (а камоли за Бекет, Јонеско и надреалистите), ниту за реализмот без позитивизмот. Кога запишав книжевност, сакав паралелно да студирам и филозофија, но ми рекоа дека тоа административно не е можно. Сепак, одев доброволно на некои предавања. Денес доживувам да слушнам таква реченица: „Ај не ми филозофирај, земи работи нешто…“ Таа реченица, кога ќе ја префрлам на сестринската дисциплина – книжевноста би гласела вака: „Ај не се занесувај со читање и пишување книги, земи работи нешто конкретно!“. И, за жал, таа е речиси цинично точна. Нема леб од филозофија и книжевност, затоа се тезгари. Јас колумни, некој друг, попаметен од мене – политика. Кој како ќе си ја нареди работата…
Но, кога сме кај филозофијата, да кажам дека ја има и во денешниов свет. И тоа ја има во гимназиите, под „чисто име“ – филозофија. Сепак, мислам дека се почнува доцна со нејзино изучување – во четврта година, ако не се лажам, „на крајот“, иако таа е на „почетокот“ од сите науки. Освен тоа, со години „се шушка“ дека и филозофијата и логиката ќе се учеле изборно, факултативно. Тоа воопшто не ме чуди: на денешниов свет не му треба критичко мислење, кога е сиот во знакот на филозофијата на профитот.
Ние во гимназија не учевме „чиста филозофија“ (така ја викавме онаа што се студираше на факултет), туку идеолошки обоена – предметот се викаше „Марксистичка филозофија“. Имавме само увод во историјата на филозофијата, а акцентот беше ставен на марксизмот, врз кој се потпираше социјализмот. Сепак, нашите мудри професори, покрај за марксизмот, ни говореа и за „еретичките“ филозофи по однос на така тесно сфатениот марксизам – на пример, за Ниче. Го читавме, иако не беше во програмата, бидејќи беше прогласен за нихилист и анархист, и како таков – опасен за „единствено вистинската филозофија – марксизмот“. Уште тогаш видовме дека НЕПРАВЕДНО е „исклучен“ од програмата и дека неговата наводна „антимарксистичност“ е многу поширока: тој прв изрази сомнеж во јазикот, во сите поимни системи, во науките, моралот и религиите и денес слободно го предаваме како претеча на постмодернистите и нивната скепса во оригиналноста. А и марксизмот, оној изворниот (а не оној што ни го предаваа „филтриран“ низ комунистичка леќа), сам по себе си беше филозофија достојна за почит, зашто онака како што Фројд ја опиша структурата на личноста, така Маркс и Енгелс ги опишаа структурата на општеството и функцијата на капиталот: тие беа, во јасна смисла – структуралисти со функционалистички претензии. Тоа што комунистите ги осакатија нивните идеи (како што нацистите ги осакатија идеите на Ниче сведувајќи ги на „натчовек“ во расна смисла) – тоа редовно им се случува на големите филозофи – да бидат злоупотребени од политиката. А и неа и идејата за државата ги „родија“ филозофите.
Кој ќе им каже на денешниве деца во каков деградиран свет живеат – ако не филозофијата? Кој ќе им каже дека тоа што го живеат (консумеризам), а личи на богатство и мир, е само осакатена верзија на хуманизмот – духовна сиромаштија и материјална острастеност? Кој ќе им каже дека ја живеат филозофијата на апсурдот и дигиталната отуѓеност (тоа е чист нихилизам, а не Ниче), додека веруваат дека ја живеат филозофијата на „земниот рај“ и космополитизмот? Кој ќе им каже дека се жртви на една филозофија на поробување со предмети и бесполезни информации, и особено на поробување со поимот на слободата, а мислат дека ја живеат филозофијата на апсолутната слобода? И кој НАМЕРНО спречува филозофијата да им го каже тоа?
Сакав да ѝ го кажам сето ова на онаа жена. Но, постојат реални шанси некој да ве прогласи за луд ако на улица го изговорите ова што го напишав. Затоа и го пишувам. Луѓето веќе не слушаат што зборува другиот, ама некои сепак – читаат. За нив, малкутемина што читаат, се фаќам како за сламка, и порачувам: вратете ја филозофијата во сите четири години средно образование. Знам дека звучи лудо, ама немам (сè уште) тапија дека сум луд.
(Забелешка до лекторите: не менувајте ми го зборот „филозофија“ со „философија“. Како лингвист знам зошто инсистирам на тоа, но тоа е тема за стручна расправа, не за оваа колумна.)
Венко Андоновски

































