Една досетка на премиерот од едно скорешно интервју беше некакво извинување што за 80 дена од неговата влада не успеал да направи повеќе. Цинично и саркастично, но му се може. Но претседателката нема таков изговор, бидејќи „заштитениот“ период (кој, патем, никаде не е законски втемелен, ама се смета за некаква политичка куртоазија) одамна помина. Нејзиното „долго топло охридско културно лето“ заслужува посебна анализа. На моменти се чинеше дека столицата (главниот град) ja беше преселила во вилата на Тито над убавото Охридско Езеро. Нема со кого не се сликаше, со кого кафе не испи, но некаква активност од нејзината дејност освен протоколарната не видовме. Дури ни советот за безбедност не е комплетиран, а почнаа разни гласини за веќе именуваните советници. Овој зацртан тренд на „културната и јавната дипломатија“ како да продолжува и во предесенскиот период. Дури и со некултурни соговорници. Таа проактивност доживеа врв со самопоканувањето на оперска претстава на ансамблот на Македонската опера во Софија. Простете, ама по малку ме потсети на кампањата на шармирање на која се крстеше Никола Димитров. Видовме како помина фантомот во софиската опера… Претседателката уживаше откако бугарскиот претседател ја прими без дипломатски протокол предвиден за странски државници. Објаснувањето е едноставно: таа не беше на службена посета во Софија, ниту пак имаше амбиции за сериозни разговори со бугарскиот државен врв, туку сè се сведе на уште еден културен настан и расхотка.
Не сум голем љубител (или, подобро, познавач) на оперската уметност. Тоа е веројатно последица на работничкото потекло, како и неприпаѓање на културната и снобовска елита, која дури и ако не се разбира од опера, балет или сликарство, сепак е важно да биде видена на такви настани, каде што се топи од задоволство. Интересно е што пред официјалната посета на Софија, претседателката Силјановска-Давкова прво ги повика во Скопје амбасадорите на главно незападните земји, кои ја „покриваат“ и Македонија, но имаат амбасади во Бугарија. Навидум една прекрасна слика на разговор со претставници на мултиполарниот свет, со кој, ете, Македонија има (какви-такви) дипломатски односи. Но, по која логика на амбасадори на Монголија, Куба и Индија им се објаснуваат нашите заложби и верност кон НАТО и ЕУ (каде што не сме ни почнале да преговараме)? Што е поентата? Да ги убедиме и тие да му се придружат на „колективниот Запад“? Или на Куба да ѝ порачаме дека стоиме зад нелегалните санкции што со децении ѝ се наметнати од нејзиниот сосед, а наш „стратегиски партнер“ САД? Монголија тукушто си подаде рака со Москва за поблиско партнерство (башка што одбија да го уапсат Путин како осомничен за воени злосторства).
Добро, тоа е помалку важно од посетата на Софија. Румен Радев, со сиот негов габарит и минато, баш изгледа како љубител на опера. Освен тоа, пред опера, додека таа се изведува, а и потоа има малку време за незгодни теми. Или ќе се молчи, смешка или аплаудира на уметниците. Но, ете, ќе се „скрши мразот“. Во Атина може да се оди на сиртаки. Играта на судбината сакаше Радев да не се ни појави на оперската претстава поради загинувањето на двајца пилоти во текот на воена обука во која и тој учествувал. Неговото отсуство беше разбирливо, но сето тоа што претходеше – беше понижувачко и повторно лошо подготвено од протоколот на претседателката.
Влегување од гаф во гаф, па човек се прашува кој тоа ја советува? По скандалот со венецот цвеќе во Рим, сега видовме фотографија на која таа се ракува со бугарскиот колега без да стои македонското знаме зад неа. Велат, таков е протоколот – и во право се. Жената беше на приватна посета и културен настан. Шлаканицата беше видлива и на социјалните мрежи, каде што Радев кажа дека „досега не одбил да прими ниту еден чуждински државник кога тој/таа тоа го побарал/а“, но дека инсистира на почитувањето на Бугарскиот договор. Фантомот на македонското прашање шеташе таа вечер низ софиската опера со звуците на „Набуко“.
Премиерската позиција е политички многу позначајна од таа на англиската кралица. Тој не оди по културни настани, ама еве на 19 септември ќе го има првото претставување на „генијалниот“ концепт за „уставни измени со одложено дејство“, и тоа среде Брисел. Од аспект на преговарачката рамка на ЕУ (против која пред две години протестиравме заедно, со таа разлика што едните играа оро и пееја патриотски песни, а другите се фрлаа по полициските барикади), ова е играње бајрам со умот. Односно, оправдување пред гласачите и пред целиот народ: „ете, се обидовме“.
Целиот потфат има најмалку две страни: меѓународно-политичка и суштинска. Првата димензија е глумење креативност и проактивност, која ќе ни се удри од глава кога студено ќе ни кажат „не“. Многу посуштинска е имплицитната согласност за смена на Уставот, што ќе значи дека пратениците ќе ги изгласаат амандманите сега ама ќе допишат дека нивното важење ќе почне во некој ХХ период во иднина. Дури и ако ова помине во ЕУ (а нема), јасно е дека на ВМРО-ДПМНЕ не му пречи содржината на ултиматумот, заедно со постепеното бугаризирање на државноста и идентитетот. Да, тие се подготвени за уште една октроирана промена на Уставот „мртви ладни“ како и СДСМ во февруари 2019 година. За наша среќа или несреќа, проценете сами, ние во ЕУ нема да влеземе ни за три децении, ако Унијата воопшто о(п)стане (таа веќе не личи на себе, претворена во цивилна филијала на НАТО и со силни внатрешни поделби и оддалечување и од мирот и од демократијата). Но, историски факт ќе биде дека две третини од македонските пратеници гласале „ЗА“ внесување на Бугарите, како дел од бугарскиот народ, како една од конститутивните заедници на македонската држава. И тука додајте ги сите поединци што доброволно си потпишале изјави за бугарски корени и добиле пасош и лична карта. Историјата знае да биде сурова. Како што ги паметиме имињата на вмровските „осуммина“ што дигнаа рака за Преспанскиот заедно со целата владејачка екипа, така и овие ќе ги паметиме по еден ваков чин. Професорката Силјановска-Давкова (ако и кога ќе се врати од културниот излет со умот и држењето говор пред првачињата во „Коменски“, основното училиште во кое и двете сме учеле) ќе одржи лекција дека таа е експертка на Венецијанската комисија и професорка по уставно право, но длабоко во себе ќе знае дека се предала и себеси и патриотската семејна партизанска нишка во која се колне, ако оправда ваков чин. Уставот е светиња (барем во формална смисла) за секоја држава – освен за Македонија, во која е претворен во тоалетна хартија или тефтер од балканска крчма во која гостите пијат и јадат на вересија, па потоа и ќе се степаат. Едно извесно „одложено дејство“ е она што резултира по девет месеци. Па, кога ќе се роди, ќе го нишкате, без оглед дали сте го очекувале или не. Ако парламентарците и владејачката елита имаат принципиелен став дека станува збор за човекови права и еднаквост на сограѓани со бугарско потекло, тогаш чуму одложено дејство? Ако сметаат дека е ова бугарски диктат, ама бараат ЕУ да ни гарантира дека заедно ќе го нишкаме бебето, тогаш тоа не е фер кон сограѓаните чии човекови права ќе се активираат по влез во ЕУ. Логично, нели? Иако сите знаеме што е претекст на бугарскиот диктат, кој го нема во Договорот за добрососедство, ама влезе во преговарачката рамка (заедно со протоколот потпишан од претходната влада).
Зошто тогаш нè замајуваат со новиот состав на историската комисија? Наместо Драги – Ванчо (т.е. се врати од таму од каде што даде оставка, а има и други повратници). Поентата е дека е неважно кој седи таму и дали се занимава со средниот или новиот век, дали знае за Самоил, Гоце или Прличев (за Втората светска војна и да не зборувам, т.е. за времето за кое Бугарите тврдат дека сме биле „измислени“ и однародени од Тито и КПЈ/КПМ). Дури и актуелни членови на оваа комисија (за која знаевме дека ѝ паднала секирата во мед, во однос на хонорарите) зборуваа дека науката и (меѓудржавната) политика се неспоиви (исто како и религијата и државата). Оние што велеа дека им било нудено да станат членови ама одбиле од принципиелни причини, или хипотетички – ако им било понудено, ќе одбиеле иако се подобри стручњаци за одредени историски периоди од тогашните членови – го сменија мислењето. Сега веруваат дека со силата на своето знаење ќе излезат накрај со Бугарија, и двете министерства. Неодамна објавив научна статија за историската наука во синџирите на политиката во Македонија во врвно академско списание во Словенија. Но, џабе статии кога научниците сами си го ставаат јаремот околу врат.
Нејсе! Веќе реков дека составот на комисијата (и оваа и онаа „грчката“, за која мудро се молчи) е сосема небитен, зошто моќта лежи во политичките кругови, каде што научниците слугуваат. Ако сакаа да сторат нешто, т.е. ако имаа… знаете што… ќе се нафатеа да го раскинат Бугарскиот договор, каде што е правната основа на оваа бизарна комисија, која ни е сега воденичен камен околу вратот – со одложено дејство, ќе ве утеши Мицкоски. Оваа влада уште во првите 80 дена покажа дека е продолжение или сијамски близнак на СДСМ. Очекувајте политика на континуитет.
Изразот „ретард“ ќе го најдете на некои лекарства, како ознака дека лекот има продолжено дејство. Во секојдневниот говор овој израз се користи и во друга (негативна) смисла. Во изборната кампања се обидував да го потенцирам итарпејовскиот настап на сегашната владејачка партија токму со оваа игра на зборови. Но, народот си избра – продолжена агонија. Сега слушајте го хорот на плачот на поробените Македонци, пардон – Евреи. Инспирацијата на тие стихови е од псалмот 137, кој вели „покрај реките на Вавилон, седнавме и залипавме“.