Обединетото Кралство донесе закон со кој нелегалните мигранти ќе ги префрла во Руанда, земјата во која пред 30 години се случи геноцид врз 800.000 луѓе, во кои беа вмешани и прстите на Католичката црква и на француските војници. Дали нив ги стигна правдата? Италија си потпиша пакт со Албанија и таа таму ќе префрла азиланти, нормално за тоа ќе плаќа. Дали и нам некој ни подготвил демографски пакт?
За да им играш на Европејциве, членките на ЕУ, кои од еснафско друштво за јаглен и челик израснаа до политичка унија, а се обидуваат да направат и некаков воен сојуз, треба да прифатиш дека станаа унија на двојни стандарди пар екселанс. И ако сакаш да станеш член на тој клуб, кој внатрешно е поделен на елита, втора класа и патнички вагони, си знаат земјите која каде е, мора да им играш по нивната тактика. Е, тешко е ако го немаш тоа во генот. Треба да си таков роден, да си израснат со приказни од нивна митологија и историја.
Видете, тоа што е денес не мора да биде и утре. Утре е нов ден и работите можат на многу начини да се сменат, и тоа во ЕУ и, да прошириме, на Западот се смета за вредност. Ништо не е вечно (освен интересите), па така, ќе ви кажат дека и преговарачката рамка е еластична како да е направена од латекс. Приказните дека таа не се менува не се точни, а и самиот француски претседател Емануел Макрон во својот предлог за реформи на Унијата јасно кажа дека процесот на преговори ќе се менува како што ќе налагаат новите услови во Европа. Пред неколку години овде во Скопје главната преговарачка на Србија со ЕУ за поглавјата се жалеше дека не може повеќе да биде на таа функција: „Па, само ни ја менуваат рамката, само ни поставуваат нови услови“. Фрустрација голема. Така е и со нас. Денес имаме една катастрофална рамка парфимирана со најдобрите француски и бугарски (ех, бугарски рози) парфеми. Утре ќе биде германска, во која којзнае какви „крокодили“ (услови) ќе најдеме.
Што тие всушност сакаат или ценат? Мудрост. На пример, се сеќавам кога на Бил Клинтон му вадеа црно од под нокти, откопаа дека додека бил на школување во британски Оксфорд (имав чест да јадам крофни и да пијам чај во истата кафетерија каде што бил и тој со Хилари) пушел марихуана. Тој призна, додавајќи: Пушев, ама не вовлекував. Види колку мудро. Пушел, ама не пушел. Дали имавте секс во Овалната канцеларија со Моника Левински? Не баш, немаше пенетрација… тврдеше на сведочењето Бил. Ќе видиме што ќе измисли Доналд Трамп, но сепак Сторми Даниелс е класа во споредба со Левински.
Можеби сметате дека сево ова е смешно, хумористично, но верувајте не е. Не е ниту англиски хумор, ниту монтипајтоновска критика на случувањата. Многу е полошо и посериозно. Токму Обединетото Кралство (Англија) усвои таканаречен Руанда закон, со кој, доколку стави печат кралот Чарлс Трети, во скора иднина секој нелегален мигрант што стапнал на англиска почва по јануари 2022 година ќе биде протеран на некои 7.000 километри од земјата, таму некаде во Руанда. Критики од сите страни, па и од Европскиот суд за човекови права. Но, Англичаните викаат каков Стразбур, кога ние ги измисливме човековите права, нема сега тие нас да нѐ учат! Тоа ќе се плати, а на Руанда ѝ требаат пари. Ќе се крева стандардот со англиски фунти. Таа Руанда што памети еден од најголемите геноциди во поновата историја. Во 1994 година само за 100 дена беа масакрирани над 800.000 луѓе, повеќето Тутси, како и умерени Хути. Паролата „Никогаш да не се повтори“, при што се мисли на холокаустот, историјата ја демантираше во Руанда. Се случи! Веројатно правдата и вистината никогаш нема да бидат докрај задоволени, но треба да се трудиме вистинските виновници да бидат судени. И меѓу правдата и вистината како проклетство секогаш се јавува лицемерството како врховен судија.
Што со француската улога во тој геноцид? Претседателот Макрон, но и судски инстанци заклучиле дека Франција со своите воени сили таму била сведок на масакрите, но не ги поттикнала, ниту директно учествувала. А папата Франциск јавно среде Руанда побара прошка за католичките свештеници обземени од ѓаволот, односно „им се предале на насилството и омразата“ и учествувале во геноцидот. И тие високи свештеници и чесни сестри, за кои папата бара прошка, со помош на католичката мрежа од Руанда се префрлени по манастири во северна Франција избегнувајќи ја правдата. Едниот свештеник дури си го сменил и името и раководел со парохија во Фиренца. Каде ли ќе им одат душите? Ете, се фатив во мојата генетска замка – таму некаде не се прашува за душите.
Истото прашање можеме да го поставиме и за Сребреница. Што правеа холандските војници? Можеа ли да спречат, ако ништо друго, помалку жртви?
Инаку, англискиот закон за мигрантите се чини фаќа место во Европа, која вели дека не може да го издржи повеќе напливот на мигранти. На нивото на ЕУ е донесен пакт според кој секоја земја треба солидарно да преземе дел од азилантите или мигрантите со цел да им се помогне на земјите од „првата линија на фронтот“, како што се Шпанија, Италија, Грција… Италија си најде партнер во Албанија и постигна договор, кој веќе почнува да станува оперативен.
Така, Италијанците ќе отворат два азилантски центра во Шенѓин, кои лично ќе ги управуваат, а Албанија е должна нив полициски да ги обезбедува. Италија (ЕУ) ќе го плаќа тоа, а Албанија на чело со Еди Рама веројатно се надева дека со ваквиот гест ќе си го олесни патот за членство во ЕУ и веројатно кревање на грчкото вето. Но, рековме дека преговарачката рамка е латекс. Колку азиланти ќе вдоми Албанија? На хартија се вели по околу 36.000 годишно во период од пет години. Италијанската политичка десница оди со многу поголеми цифри и се смета дека на Албанија може да ѝ се случи несакана демографска бомба. Но, договорот помина, Џорџа Мелони беше среќна, Урсула фон дер Лајен уште повеќе, па нормално се надева на реизбор, реагираат опозицијата и бранителите на човековите права. Ама, нели, во криза, први на удар се човековите права и слободи. И вакви или слични договори има уште, како на пример со Египет, со Турција и ќе се множат. Додека парите и оваа филозофија и овие вредности доминираат.
А, Албанија е до нас. Таа како поддршка на партнерството со САД вдоми и ирански муџахедински борци, околу 2.000 сосе нивните семејства, главно противници на режимот во Иран. Не е лесно да се контролира толку голем комплекс.
Дали и нам ни се подготвува еден демографски пакт со ЕУ или некоја трета земја? Идеи имаше многу, силни изјави се даваа дека ние сме биле кадарни да прифаќаме азиланти и нелегални мигранти. Чиј плен ќе биде Македонија? И за која цена?