Ти пишав еднаш, мислејќи дека во тебе сè уште постои понекоја ситна капка праведност. Еве ме пак, блуднице стара, љубовнице на Јуда, слуго на Момона. Ама овој пат без ракавици, овој пат со штитот на вистината ќе те нападнам бескомпромисно (се разбира само вербално, јас не припаѓам на окупаторска нација), зашто конечно дојде времето да ти плеснам во лице дека оној што гази невини луѓе, еден ден неизбежно ќе биде згазен од сопствените гнасотилаци.
Добро мори, фашизоидна креацијо, до кај ти сече тоа извитоперено мозоче, та си тргнала да уништуваш цели народи, а? Да бришеш историја, за „две червени“ да си го даваш задникот под кирија на недоветници и длабоко исфрустрирани крадци на нечие минато?! Камо европски вредности, мори некадарнице? Камо праведност и хумани принципи? Сè ни зеде, уште гордоста македонска ни остана.
Што мислеше, вечно ќе си поигруваш со мојата напатена земја, оти мала е, нели, неважна и вечно спремна (пу, јаз’к на претходната власт, оган да ги изгори) да ти го лиже ѓонот на чевлите и да ведне глава пред твојата „големина“. Мали сме, Европо, безобразнице една, ама поголеми од сите твои подопашници што (уште не ми е јасно како е можно) застанале на страната на држави што по ниту еден цивилизациски и европски критериум не смеат да се наречат членки на ЕУ.
Знаеш, во овој момент ми наликуваш на Гај Јулиј Цезар. Зошто? Имаше еден стрип во мое време за Астерикс и Обеликс. Тие беа Гали од една мала слободна територија, која славното Римско Царство никако не успеваше да ја покори. Што ли не правеше кутриот Цезар да ги стави Галите под нозете! Е, ама тие опстојуваа, ги млатеа римските војници (кои имаа уплав од нив, зашто редовно јадеа воспитен ќотек) со силата што им ја даваше тајниот волшебен напиток, подготвуван од нивниот стар, мудар друид. И така Цезар полека ќелавеше од нервоза и стрес, додека еден ден не му пресуди еден од „неговите“. Длабоко му го зари ножот в гради, докажувајќи така дека разгалените и злобни синови не се за верување. И замисли, убиецот се викаше Брут (почнува на Б, ти текнува?) Европо, лажна демократијо, и тебе те чека судбината на Цезар.
Ќе скапеш во мочуриштето на историјата, зашто го немаш нашиот волшебен напиток! Знаеш што е тој напиток? Гоце е тој, Даме е тој, Кирил и Методиј е тој, партизан е тој. Силата на нашиот волшебен напиток извира од нивните коски, од нивниот вечен стремеж за слободна Македонија. Пукни од завист, Европо, мизернице, ти ги немаш таквите во својата генетика. Колку повеќе се мачиш да нè побугариш, толку подлабоко во нашите вени врие тој волшебен напиток!
И што мислиш, зар саде ти си центарот на светот? Абре Европо, дувло на изопаченоста, ти си мачкина кашлица за големите светски сили, финансиски и технолошки гиганти. Додека ти пропаѓаш во сопствениот измет, тие растат и бараат нови пријатели и пазари. Да не ти се случи во центарот на Балканот некоја таква голема сила, та да не знаеш кај да се свртиш!
Види вака, љубовта вреди само кога е возвратена, а ти нашата со години ја отфрлаш. А кога девојката е арогантна и постојано му дава „корпи“ на упорниот додворувач, неминовно е тој да ѝ удри клоца и да си најде некоја нова и многу поубава. Башка, ти си стара, излитена и те гази времето, така што не е ни чудо да плукнеме врз тебе и ај, чао!
Лицемерна бабо Европо, ќе го изгубиш најубавото и најумно внуче, а ти терај си со грозните циркузанти, многу аир ќе видиш од нив. На погрешно уво спиеш оти лесно ќе нè покориш, оти божем си посилна од нас. Голијату нарцисоиден, Давид не ти крева веќе бело знаменце! Лулката на цивилизацијата не се покорува, навикнати сме ние на мачни времиња, тирани и поробувачи. Само едно не заборавај, љубителко на тортурата: Македонија со векови преживеала, испливала од сите поплави и еве нè, уште сме тука. Уште те тепаме во фудбал, уште те учиме што е уметност и човештина.
Патувај, корумпирана Европо, ти одиш по патот на фашизмот и фирерот, а ние сме оние другите, што тераат (мачно, но со чиста мисла и срце) по патот на слободарските принципи и борците за еднаквост. Немаме ништо заедничко со тебе – ти љубиш лага и неправда, а ние вистина и праведници. Нема да нè згазиш, ние раѓаме генијалци и победници, постојано и постојано се реинкарнираме, а ти вештачки се оплодуваш со нечисто семе. Ај повели на едно сиктер-кафе, а потоа, си знаеш – гитла, нека ти е со несреќа!