ВМРО-ДПМНЕ прави компромис со тоа што би прифатил внесување на „Бугарите во Уставот“, но сега компромисот не е само на товар на етничките Македонци туку треба да биде споделен и од етничките Албанци и од другите заедници
Предлогот од ВМРО-ДПМНЕ дека се спремни да прифатат промена на преамбулата на Уставот на Македонија, според т.н. „хрватски модел“, направи драматичен пресврт во кој се дигна „ЕУ-фронт“ на власта против ЕУ-преамбула. Судирот околу перцепциите на преамбулата на Уставот е судир околу тоа дали Македонија е национална држава на етничките Македонци, дали етничките Албанци се рамноправни во Македонија, дали и колку Македонија е унитарна држава. И тој судир не е сегашен, туку е историски, од пред независноста на Македонија. Во првиот дел пишував за АСНОМ и за уставите од 1946 и од 1963 година. Во сите три Македонија е дефинирана како национална држава на македонскиот народ и се гарантираат еднаквоста и рамноправноста на националните малцинства, без да се дефинираат кои се тие малцинства. Во вториот дел пишував за уставите од 1974 година и Уставот на независна Република Македонија од 1991 година. Самата преамбула на Уставот од 1974 го дефинира деликатниот баланс на македонската држава за „историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност“ и „на народностите за рамноправност“, кој ќе продолжи да се бара во Уставот на независна Македонија. Во 1991 година преамбулата повторно бара баланс меѓу национална држава на македонскиот народ и рамноправност на малцинствата. Тоа се гледа во повикувањето на „историски факт“ за националниот карактер на државата. Преамбулата, покрај Албанците и Турците, ги воведува за првпат Власите и Ромите и другите, без нивно именување. Веројатно тоа е рефлексија на барањата на другите, но и на стравувањата на етничките Македонци од стремежите за „бинационалност“ или „федерализација“ на етничките Албанци или понуда на либерална мултикултура наместо бинационалност.
По Уставот од 1991 година, нема нови устави, но најдраматичната расправа за преамбулата на Уставот беше предизвикана од Охридскиот рамковен договор. Преамбулата договорена со тој договор не е преамбулата утврдена со амандманите IV од 2001 година, а истата таа пак е измената со амандманот XXXIV од 2019 година. Да, преамбулата во Охридскиот рамковен договор е различна од преамбулата во Уставот. Во Охридскиот рамковен договор договорената преамбула е „Граѓаните на Република Македонија“, без набројување на македонскиот народ и малцинствата. На крајот донесениот текст е „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Тука за првпат се воведуваат Србите и Бошњаците. Преамбулата, односно амандманот IV e менуван уште еднаш со амандманот XXXIV од 2019 година каде што се брише „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“ и сега гласи „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. Претпоставувам дека бришењето е да се поправи перцепцијата на етничките Албанци дека се од втор ред. Тоа, веројатно, засега ја затвора дебатата за „национална држава на македонскиот народ и рамноправност на малцинствата“, што се однесува на етничките Албанци.
Но ја отвора новата дебата за „Бугарите во Уставот“. И нови стравувања што ќе значи тоа. Доколку се следи развојот на преамбулата низ односите меѓу етничките Македонци и Албанци, може да се очекува долга и тешка расправа, дополнително напрегната со наметнатоста на промените однадвор, од страна на Бугарија. Тука доаѓа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за „хрватскиот модел“. Според тој модел, преамбулата би гласела „Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства Албанци… (со набројување на сите според групи според). На критичката страна на предлогот повторно се крши правилото дека преамбула се менува со промена на Уставот, бидејќи го дава контекстот на Уставот, дека се прифаќа ретродатирање на контекстот и ги внесува Бугарите во историски контекст кога нашите, македонските и бугарските, стремежи биле спротивставени. Набројувањето на сите заедници според пописот би ја исправил можната неправда на испуштање на заедници повеќебројни од Бугарите, но ќе отвори расправа за етногенезата и правото на самоодредување на етнички заедници за кои нема споделено разбирање.
Со овој предлог би се решиле стравувањата на етничките Македонци, а етничките Албанци не губат бидејќи секако „дел од народ“, како и претходно народност и националност, е еуфемизам за национални малцинства. ВМРО-ДПМНЕ прави компромис со тоа што би прифатил внесување на „Бугарите во Уставот“, но сега компромисот не е само на товар на етничките Македонци туку треба да биде споделен и од етничките Албанци и од другите заедници. Досега сите големи компромиси беа на грбот на етничките Македонци. Еве сега заедно сите да понесеме товар и да ги започнеме преговорите со ЕУ.
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични