На непрочитано се дигна „ЕУ-фронт“ против ЕУ-преамбула, таа истата преамбула што ја промовира премиерот Ковачевски, со експресно отфрлање од неколку партии во власта, провладини ботови што го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека повикува на геноцид, со (вон)парламентарни политичари што повикуваат на одбрана на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и се закануваат дека изборот на „хрватскиот модел“ ќе води во дејтонизација и федерализација на Македонија

Драматичен пресврт во расправата за наметнатата промена на Уставот, по предлогот од ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвени да прифатат промена на преамбулата на Уставот на Македонија, според т.н. „хрватски модел“. На непрочитано се дигна „ЕУ-фронт“ против ЕУ-преамбула, таа истата преамбула што ја промовира премиерот Ковачевски, со експресно отфрлање од неколку партии во власта, провладини ботови што го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека повикува на геноцид, со (вон)парламентарни политичари што повикаат на одбрана на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и се закануваат дека изборот на „хрватскиот модел“ ќе води во дејтонизација и федерализација на Македонија. За вистина на волјата, ДУИ сѐ уште молчи, СДСМ се крие зад „јавна расправа“. Од каде експресна реакција на отфрлање со толку тешки зборови? Зошто толкава вознемиреност? Наједноставниот одговор е поради иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, кое не само што кажува против што е туку предлага можни решенија, кои сега се во дворот на власта. Секако има разлики во начинот на кој се перципира државата, нејзиното дефинирање во преамбулата, перцепциите на преамбулата итн. Зошто велам „на непрочитано“ и перцепции на преамбулата? Затоа што, на пример, се брани Охридскиот рамковен договор, а преамбулата договорено со тој договор не е преамбулата утврдена со амандманите IV од 2001 година, а истата пак е измената со амандманот XXXIV од 2019 година. Да, преамбулата во Охридскиот рамковен договор е различна од преамбулата во Уставот.
Судирот околу перцепциите на преамбулата на Уставот е судир околу тоа дали Македонија е национална држава на етничките Македонци, дали етничките Албанци се рамноправни во Македонија, дали и колку Македонија е унитарна држава и тој судир не е сегашен, туку е историски, од пред независноста на Македонија. Со ограда дека не сум стручен за уставно право, ќе искажам политички ставови и разбирање за историскиот развој од АСНОМ и на преамбулите од 1946 година од првиот македонски устав, преку уставите од 1963 година, 1974 година и последниот во 1991 година и сегашната расправа за измени на Уставот. И без да навлегувам подлабоко во југословенската етноконфузија на поимите народ и народност, наспроти нација и националност, оваа анализа ќе биде подолга.
Од документите на АСНОМ имплицитно Македонија се дефинира како национална држава на Македонците „се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби“, со македонскиот јазик како службен јазик, и гарантирана еднаквост и рамноправност на сите: „Сите граѓани на федерална македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот… На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието…“
Уставот на Народна Република Македонија донесен на 31 декември 1946 година, а објавен во „Службен весник на НРМ 1/47“, нема преамбула, значи може да има устав и без преамбула, но во членот 2 ја дефинира (НР) Македонија како држава на македонскиот народ „својата народна држава Народна Република Македонија и изразувајќи ја врз основа правото на секој народ на самоопределување, вклучително правото на отцепување и на соединување со други народи, својата слободна воља, македонскиот народ се соединува врз основа на начелото на рамноправноста со останатите народи на Југославија и нивните народни републики…“
На 12 април 1963 година се носи целосно нов устав (објавен во „Службен весник на СРМ 15/63“), во кој Народна Република Македонија станува Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Во овој Устав за првпат има преамбула, но која како промената на името од народна во социјалистичка укажува на наративот дека полека се поместува од националната борба на македонскиот народ во фокус на социјалистичката револуција. Во преамбулата доминираат референци на социјализмот „македонскиот народ предводен од работничката класа на чело со Комунистичката партија“, но сепак во третиот став ја дефинира СР Македонија како држава на македонскиот народ „создаде сопствена држава, Народна Република Македонија, во која ги оствари историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите – националните малцинства за рамноправност“. И во овој Устав им се гарантира рамноправноста на националните малцинства, а тие малцинства не се дефинирани кои се.

(продолжува)

Авторот е аналитичар. Член на ИК на
ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични