Емоциите и уметноста

Според мое лично мислење, емоциите се најважни психолошки функции кај човекот и се наоѓаат на врвот на пирамидата на хомеостатските механизми. Емоциите имаат централна важност во човечкиот живот и особено во уметничката креација. Токму поради способноста да произведат разни емоции, луѓето низ светот се способни да креираат, но и да ја доживуваат уметноста, па човековите емоции стануваат централна тема во многубројните уметнички дела. Да се потсетиме само на „Бакнежот“ на Густав Климт или „Крикот“ на Едвард Мунк. Всушност, емоциите ги координираат физиолошките и бихејвиорални обрасци за да ни обезбедат преживување, но и да го управуваат процесот на одлучување во текот на животот. Емоциите, може да се каже, се модулаторен систем што интерреагира со физиолошките контролни нервни кола и со повисоките когнитивни мрежи што се неопходни за донесувањето одлуки.
Сепак, луѓето може да искусат моќни емоции и во отсуство на предизвици поврзани со нивната егзистенција, особено кога ќе се сретнат со уметнички дела. Уметноста е древен феномен и затоа уште хомо еректус создавал примитивни украси на алатките што секојдневно ги користел. Емоциите предизвикани од уметноста веројатно претставуваат еден клучен фактор што нè поттикнува кон создавање и консумирање уметнички дела. Сепак, не постои консензус за тоа дали емоциите поврзани со уметноста и естетските искуства се управувани од истите системи што ги поддржуваат емоциите за време на епизодите битни за преживување и дали естетското искуство е квалитативно слично со другите секојдневни искуства. Следствено, постои интензивна дебата околу потеклото на емоциите предизвикани од уметноста.
Интригантна но непроверена хипотеза е дека емоциите предизвикани од уметноста произлегуваат од субјективно почувствуваните телесни промени што настануваат при гледањето на уметничкото дело. Човечките тела се централни во визуелната уметност, и како предмет на уметничкото дело, но и како предизвикувачи на телесни сензации. Човечките лица предизвикуваат најголемо внимание и на фотографиите и на сликите, што укажува на важноста на човечката форма во составот на визуелните уметности. Соматосензацијата (пренесување информации за состојбата на телото и неговата непосредна околина) и интероцепцијата (објаснување на значењето на уметничкото дело) играат критична улога кај емоциите и затоа емоциите се сметаат како отелотворени процеси токму поради важноста на репрезентацијата на физиолошката состојба на телото во емоционалното искуство. Различните емоции се поврзани со забележливи „телесни отпечатоци“, кои се организирани на категоричен и културно универзален начин. Соматосензорните и интероцептивните искуства се исто така важни детерминанти на субјективните емоционални чувства и, соодветно, естетската евалуација на уметноста е исто така поврзана со активирање делови од кортексот вклучени во интероцептивната обработка. Така, можно е естетските искуства предизвикани од уметноста да се поврзат со субјективни телесни чувства во моментот кога се среќаваме со уметничкото дело.

Ова е особено изразено кај уметнички дела што претставуваат луѓе, бидејќи гледањето на туѓите активности може да предизвика сензомоторно пресликување што промовира разбирање на социоемоционалната содржина на прикажаната сцена.
Луѓето низ светот се поттикнати да создаваат и да консумираат уметност, а човечките емоции често се централна тема во визуелните уметнички дела, како и во музиката. Сепак, механизмите што се основа на чувствата што ги предизвикува уметноста остануваат слабо познати.
Една нова студија објавена од универзитетот „Турку“ во 2023 год. открива како гледањето уметничко дело влијае врз нашите емоции. Во истражувањето биле снимани движењата на очите во моментот кога се набљудува уметничко дело, а истовремено испитаниците искажувале какви емоции доживуваат. Во студијата учествувале 1.186 луѓе од различни земји и ги искажувале емоциите предизвикани од над 300 уметнички дела. Потврдени се најразлични емоции што се јавуваат при гледањето на уметничките дела. И покрај тоа што многу од сликите обработувале тажни или страшни теми, емоциите што ги доживеале луѓето биле главно позитивни. Телесните сензации предизвикани од уметноста исто така придонеле за интензитетот на емоциите: колку е посилна реакцијата на телото на уметничкото дело, толку се посилни емоциите што ги доживувал субјектот. Притоа, човечките фигури биле најинтересна тема во уметничките дела и најмногу се разгледувале. Луѓето имаат тенденција да сочувствуваат со ликот прикажан на сликата, како да постои некакво пресликување. Овие феномени се резултат на активноста на невроните огледала во предниот дел на мозочната кора. Токму тоа е причината зошто емоциите и телесните сензации предизвикани од уметноста можат да се користат, на пример, во рехабилитација и грижа за менталното здравје (Art’s therapy).
Во сличен контекст е и едно поново искуство кај уметници со деперсонализација (патолошки процес на губиток на личен идентитет и чувство на отуѓување од себе самиот што се јавува кај тешки ментални растројства). Студијата покажува како луѓето го доживуваат животот од различни перспективи, споредбено кога се будни и кога сонуваат. Проектот наречен „Да се живее во соништа“ покажал дека луѓето што страдаат од деперсонализација понекогаш го искусуваат животот од сосема различна перспектива, во состојби кога се будни или кога сонуваат. Оние со деперсонализирачки симптоми изјавиле дека имаат чувство како да не се реални, како нивното тело да не им припаѓа ним. Врз основа на собрани илјадници соништа од разни испитаници, а во соработка со уметници, изработени се оригинални ракотворби што биле креирани со користење најнови аудиовизуелни технологии, вклучувајќи и вештачка (артефициелна) интелигенција, искуства со виртуелна реалност и со традиционални медиуми.

Луѓето што страдаат од деперсонализација чувствуваат дека се откачени од сопственото Јас и од сопственото тело и честопати се жалат дека сопствениот живот го гледаат како на филм. Со оглед на тоа што тие ја доживуваат реалноста многу различно, во соработка на невронаучници и уметници биле истражувани нивните соништа врз основа на записи во дневниците.
Соништата се истовремено визуелни и надреални и може целосно да се изгубите ако се обидете да ги претставите вербално. Ако ги пренесете во животот преку уметност, тие произведуваат одлични уметнички творби, но истовремено им помагаат на уметниците подобро да ги разберат искуствата на самите испитаници.
Лажните будења и повеќеслојните соништа може да бидат збунувачки и да влијаат на нашата перцепција за времето и просторот. Користењето вештачка интелигенција овозможило да се создаде слика со длабочина и бескрајни шеми на движење што прави набљудувачот да се чувствува заробено во својот сопствен сон, неспособен да избега. Во меѓувреме биле користени и специјален 3Д-софтвер и камери за да се рекреира сонот за лебдење над ридовите и шумите и губење рамнотежа. Во таа смисла е и прикажаната слика.

Емоционалните искуства провоцирани од уметноста биле конзистентни помеѓу разните испитаници. Притоа, естетските емоции (рамнотежа, убавина и елеганција) најмногу биле застапени и проследени со позитивни емоции (допаѓање, радост, емпатија), додека чувствата како изненадување и присила биле умерено застапени. Негативните емоции биле ретки, иако на сликите што се набљудувале имало и непријатни теми, како смрт или тага. Тагата била асоцирана со искуство да се биде трогнат и потресен од уметничката творба. Овие податоци сугерираат дека естетските димензии се генерално позитивни по природа. Естетските чувства исто така придонеле да се допаднат уметничките дела: колку повеќе сликата предизвикувала емпатија, убавина, допир, радост и возбуда, толку повеќе се допаѓала. Спротивно на тоа, негативните емоции биле негативно поврзани со допаѓањето на уметничкото дело. Поважно е тоа што убавината и допирот предвидувале и дали едно дело се смета за уметност, што сугерира дека овие чувства имаат клучна улога во одредувањето на естетскиот одговор на визуелната уметност. Ширењето на зениците одговарало на емоционална возбуда и активирање на автономниот нервен систем, особено кога се евоцирани негативни емоции.

Естетските емоционални искуства поврзани со средбата со визуелните уметности се силно отелотворени и покажано е дека визуелните уметности можат да предизвикаат широк опсег на емоционални чувства што значително ги надминуваат канонските „основни“ емоции. Силата на овие емоции, генерално, е поврзана со силата на телесните сензации што ги предизвикуваат уметничките дела. Според тоа, можно е привлечноста на визуелните уметности делумно да произлегува од способноста на уметноста да го вклучи телото на гледачот на начин што личи на телесните знаци на емоциите што се јавуваат во состојби битни за преживување.
Соништата што се претвораат во реалност се прикажани во истражувањето на универзитетот „Раскин“, Кембриџ, низ необичните искуства на луѓето со симптоми на деперсонализација оживеани во уметничка изложба.
Овој напис има цел да го пренасочи вниманието на нашите читатели кон поинакви информации од науката, кои, за жал, во нашава средина остануваат непознати.