Кинеската економија забавува. Тековните прогнози покажуваат дека растот на БДП на Кина во 2023 година ќе биде помалку од пет отсто, што е помалку од прогнозите направени минатата година и далеку под високите стапки на раст што Кина ги остваруваше до крајот на 2010-тите години
Западните медиуми се полни со тврдења за наводни несоодветни постапки на Кина: финансиска криза на пазарот на недвижности, општо натрупување долгови и други неповолни состојби. Сепак, голем дел од ова забавување се должи на американските мерки, кои имаат цел да го забават растот на Кина. Ваквите американски политики ги прекршуваат правилата на Светската трговска организација (СТО) и претставуваат опасност за глобалниот просперитет. Тие треба да бидат прекинати.
Антикинеската политика произлегува од познатата игра на САД наречена креирање политики. Целта е да се спречи економската и технолошка конкуренција од големиот ривал. Првата и најочигледна примена на оваа игра беше блокадата за технологии што САД му ја наметна на Советскиот Сојуз во периодот на Студената војна. Советскиот Сојуз беше деклариран непријател на Америка, а американската политика имаше цел да го блокира советскиот пристап до напредните технологии.
Втората примена на оваа игра е помалку очигледна, а всушност, генерално се занемарува дури и од познавачите на состојбите. На крајот на 1980-тите години и на почетокот на 1990-тите години, САД намерно се обидоа да го забават економскиот раст на Јапонија. Ова може да ни изгледа изненадувачки, бидејќи Јапонија беше и е сојузник на САД. Сепак, Јапонија беше земја што стануваше „премногу успешна“, бидејќи јапонските фирми ги надминаа американските фирми во клучните сектори, вклучувајќи ги полуспроводниците, потрошувачката електроника и автомобилите. Успехот на Јапонија беше топло поздравен во дела што беа бестселери, како што е Јапонија како број еден напишан од мојот голем колега, сега покоен професор од „Харвард“, Езра Вогел.
Од средината, па до крајот на 1980-тите години, американските политичари ги ограничија американските пазари за извозот од Јапонија (преку таканаречените „доброволни“ ограничувања што беа договорени со Јапонија) и ја втурнаа Јапонија во тоа да ја прецени својата валута.
Јапонскиот јен ја зголеми својата вредност од околу 240 јени за еден долар во 1985 година на 128 јени за еден долар во 1988 година, и потоа 94 јени за еден долар во 1995 година – станува збор за цените на јапонските стоки надвор од американскиот пазар. Јапонија навлезе во рецесија бидејќи не се случи раст на извозот. Во периодот помеѓу 1980 и 1985 година, извозот на Јапонија се зголемувал годишно за 7,9 проценти; помеѓу 1985 и 1990 година, растот на извозот се намали на 3,5 проценти годишно; и помеѓу 1990 и 1995 година се намали до 3,3 проценти на годишно ниво.
Истовремено со значителното забавување на растот, голем број јапонски компании западнаа во финансиска неволја, што доведе до финансиски пад на почетокот од 1990-тите години.
Во средината на 1990-тите години, му поставив прашање на еден од најважните јапонски владини функционери – зошто Јапонија не ја девалвира својата валута за повторно да воспостави раст. Неговиот одговор беше дека САД нема да го дозволат тоа.
Сега, цел на САД е Кина. Почнувајќи околу 2015 година, американските креатори на политиката ја сметаат Кина како закана, а не како трговски партнер. Оваа промена на ставот се должи на економскиот успех на Кина. Економскиот пораст на Кина навистина почна да ги алармира американските стратези кога Кина во 2015 година ја објави политиката „Произведено во Кина 2025“, која има цел да го промовира напредокот на Кина во области на врвна роботика, информатичка технологија, обновливи извори на енергија и други напредни технологии.
Приближно во исто време, Кина ја објави и својата иницијатива „Појас и пат“ за да помогне во изградбата на модерна инфраструктура во Азија, Африка и други региони, и тоа главно користејќи кинески финансии, компании и технологии.
САД сега повторно ја активираа нивната стара игра со цел да го забават зголемениот раст на Кина. Претседателот Барак Обама прво предложи да се формира нова група за трговија со азиските земји во која нема да биде Кина, но претседателскиот кандидат Доналд Трамп отиде дури и подалеку од тоа, ветувајќи директен протекционизам против Кина.
По победата на изборите во 2016 година на антикинеска платформа, Трамп воведе еднострани царини за Кина, кои очигледно ги прекршија правилата на Светската трговска организација (СТО). За да се обезбедат дека СТО нема да донесе одлука против мерките на САД, САД го оневозможија работењето на Апелацискиот суд на СТО така што ги блокираа неговиот состаноци. Администрацијата на Трамп исто така ги блокираше производите на водечките кинески технолошки компании како ЗТЕ и „Хуавеи“ и ги повика американските сојузници да го сторат истото тоа.
Кога претседателот Џо Бајден дојде на функцијата, многумина (вклучувајќи ме и мене) очекуваа Бајден да ја смени или да ја олесни антикинеската политика на Трамп. Се случи токму спротивното. Бајден ги удвои напорите на претходната администрација – тој не само што ги задржа тарифите воведени од Трамп кон Кина туку потпиша и нови извршни наредби за ограничување на пристапот на Кина до напредните технологии за полуспроводници и американските инвестиции. На американските фирми им беше неформално советувано да ги префрлат своите синџири на снабдување од Кина во други земји, процес означен како „преместување кај пријателите“ (friend-shoring), како антипод на офшор. При спроведувањето на овие мерки, САД целосно ги игнорираа принципите и процедурите на СТО.
САД силно негираат дека се во некаква економска војна со Кина, но како што вели старата поговорка, ако изгледа како патка, плива како патка и квака како патка, тогаш е патка! САД користат позната игра, а политичарите од Вашингтон се повикуваат на воена реторика, нарекувајќи ја Кина непријател што мора да биде ограничен или поразен.
Резултатите од ова се промена на извозот на Кина во САД. Оној месец кога Трамп дојде на функцијата, а тоа беше во јануари 2017 година, Кина учествуваше со 22 отсто од увозот на стоки во САД. До моментот кога Бајден дојде на функција во јануари 2021 година, уделот на Кина во американскиот увоз се намали на 19 проценти. Од јуни 2023 година, овој удел дојде до 13 проценти. Во периодот помеѓу јуни 2022 година и јуни 2023 година, американскиот увоз од Кина се намали за неверојатни 29 проценти.
Се разбира, динамиката на кинеската економија е сложена и не е придвижувана само од трговските односи помеѓу САД и Кина. Можеби извозот на Кина во САД делумно ќе се врати. Но, сепак, изгледа дека Бајден нема да ги ублажи трговските бариери со Кина во пресрет на изборите во 2024 година.
За разлика од Јапонија во периодот на 1990-тите години, која беше зависна од САД кога станува збор за нејзината безбедност и поради тоа ги следеше барањата на САД, Кина има повеќе простор за маневрирање наспроти американскиот протекционизам.
Што е уште поважно, верувам дека Кина може значително да го зголеми својот извоз во остатокот од Азија, Африка и од Латинска Америка, со политики како што е проширување на иницијативата наречена „Појас и пат“. Моја процена е дека обидот на САД да ја ограничи Кина не само што, во принцип, е погрешен потег, туку однапред е осуден на неуспех во пракса. Кина ќе најде партнери во светската економија за поддршка на континуираното проширување на трговијата и технолошкиот напредок.
(Республика.еду.мк)