ЕК ќе предложи ефективна супервизија на пазарите на капитал

Европската комисија ќе повика на „ефективна и усогласена“ супервизија на пазарите на капитал во својата претстојна комуникација за интеграција на пазарите на капитал, се наведува во нацрт-документот што ѝ беше достапен на редакцијата на „Еурактив“.
Документот не повикува, како што правеше досега, на „централизиран надзор“, на што Франција долго инсистираше. Ваквиот потег претставува отстапка за помалите земји членки што силно се противат на интеграцијата на нивните надзорни органи.
„Обезбедувањето унифицирана супервизија на пазарите на капитал ќе бара нова рамнотежа помеѓу надзорните одговорности на европско и национално ниво“, се наведува во документот.
„Ќе биде од суштинско значење да се подобри ефикасноста на надзорните активности и да се поедностават супервизорските процеси“, се додава во документот, истакнувајќи дека сегашните супервизори во Европа треба „подобро да ги користат постојните алатки за да постигнат поинтегриран и усогласен надзор“.
Во документот исто така се забележува дека Европската комисија формално ќе предложи мерки насочени кон зајакнување на алатките за супервизорска конвергенција во третиот квартал од 2026 година.

Приближно во исто време ќе биде даден предлог со цел да се постигне „поунифициран надзор на пазарите на капитал“ со пренесување некои задачи на ниво на ЕУ.
Многу земји членки, вклучувајќи ги Луксембург и Ирска, силно се спротивставуваат на централизацијата на надзорот, што многумина го гледаат како трик на Франција за стекнување поголема контрола врз нивните пазари на капитал.
Надзорот на финансиските пазари на ЕУ се наоѓа во Париз.
Документот вклучува и сет други мерки насочени кон интегрирање на долго закочената европска Унија на пазари на капитал, неодамна преименувана во Сојуз на штедење и инвестиции од поранешниот италијански премиер Енрико Лета.
Документот вклучува мерки насочени кон зајакнување на европскиот сектор за управување со средства, развој на дополнителниот пензиски сектор на блокот и подобрување на финансиската писменост.
Документот вклучува и голем број препораки насочени кон унапредување на пазарот на хартии од вредност (процес во кој се формира портфолио на неликвидни финансиски или материјални средства, кои се групирани и против нив се издаваат ликвидни хартии од вредност (акции или обврзници), по што тие пак се нудат на купување од инвестициската заедница).
Во вториот квартал од годинава ќе биде даден формален предлог за преглед на „должното внимание, транспарентност и прудентни барања за банките и осигурителите“, се забележува во нацрт-документот.
Најавата на ЕК доаѓа во време кога водачите на ЕУ се борат да го пополнат инвестицискиот дефицит на блокот, особено во одбраната.
Целосно интегрирана „штедна и инвестициска унија“ може да ги зголеми инвестициите на приватниот сектор за 470 милијарди евра годишно, тврди Комисијата.
Комуникацијата треба да биде официјално објавена на 19 март, а ќе биде претставена од потпретседателот на Комисијата, Стефан Сежурн.
Предлогот ќе биде разгледан и од лидерите на ЕУ на самитот на 20 и 21 март.

Томас Молер-Нилсен

(Еурактив)