Гледам, малку си збунет од овој разрок наслов на нашата денешна колумна, драг читателу. Особено те збунува неговата втора компонента. Впрочем, пак, ако ги откриеме актерите на темата, насловот може да гласи и „Егзистенцијалисти и бугаропасошисти“. Ова второто е малку незграпна јазична кованка, но функционира, а и се римува, звучно се поклопува со првиот став, иако може да зазвучи неубедливо, и откако ќе го откриеме нејзиниот „хемиски“ квалитет, конструктот се распаѓа како набрзина склепан мит. Да. Но тоа е впрочем судбината и на сите митови растворени во постмодерната киселина на иронијата. Оти и постмодерниот човек не е човек на митот, туку на антимитот. Тоа е „еднодимензионалниот човек“ на Маркузе на консумеристичката цивилизација. Имено, веќе ти е јасно, и нашите бугаропасошисти за кои станува збор, драг читателу, се оличение на таквиот човек што стои на периферијата од своето зафрлено битие. Конечно, тоа се бугаропасошистите, кои по сила на приликите воленс-ноленс се римуваат со егзистенцијалистите, а што буквално значи трагачи по егзистенција. Некои за голо преживување, а некои за повисоко, европско ниво на живот. Меѓу нив има и некои поаздисани, чиј ментален склоп се усогласува со поговорката „видела жабата се потковува коњот, па и таа ја кренала ногата“. За тоа попосле.
Но поимот егзистенцијалисти што го употребуваме во контекстот на нашата колумна, како што ќе видиме, е мешавина од бурлеска и трагика, и поврзан со нашите бугаропасошисти има добро утврден филозофски „карактер“. Тој нè води кон филозофијата на егзистенцијализмот, која е карактеристична за нашето време сериозно лишено од смислата на животот. Имено, таа решително раскрстува со метафизиката на Платон и идеализмот и, директно напуштајќи го светот на идеите, се нурнува во ужасната бездна на животот, откривајќи ја со нејзиниот диоптер на апсурдот целата „бесмисленост“ на постоењето во кое е фрлен човекот веднаш по изгонот од рајот. Оттогаш за него постојат само смртта и неизвесноста на опстанокот, она што Сартр го дефинирал (а пред него Јахве во првата книга Битие од Стариот завет) како „мачнотија на постоењето“. Да. Но таквата наизглед безнадежна ситуација човекот уште на почетокот од својата земна егзистенција повтел да ја преобрази од темнина во светлина, од мачнотија во ведрина со оро, песна и свадба, најубавите пронајдоци на неговиот егзистенцијален гениј. Па, сепак, човекот на модерната цивилизација и тие пронајдоци ги извитоперил и заборавил на нивната исконска митска супстанција како обновена врска со бог и божественото. Филозофите на егзистенцијализмот добро го согледале тоа, па човекот на постмодерната епоха го портретираат во рамка без бог, елаборирајќи ја неговата и така „мачнотија на постоењето“ како апсурд. Тоа можеме да го видиме и во некои архетипски ликови на тој план во делата на некои егзистенцијалистички писатели. Притоа, што е особено интересно, некои од нив целосно се поклопуваат со својот (анти)јунак, а други стојат на интелигентна дистанца од него. Два типични примера за тоа се Ками и Кафка. Ками е целосно на дистанца од Мерсо во „Странецот“. Тој со него е врзан чисто филозофски, но не и психолошки, додека спротивно од него Кафка е психолошки во андрогинска врска со Јозеф К. од „Процес“. За тоа имплиците сведочи и неговата симпатија Милена Јесенска, која во едно писмо до издавачот и пријателот на писателот Макс Брод пишува дека Кафка едноставно „нема волја за живот“, што значи апатичен е како и неговиот главен лик од романот.
Толку. Малку скитавме како вовед во темата и низ филозофијата на егзистенцијализмот, во кој постмодерниот човек изгубен во неговиот лавиринт е Тезеј, но како антијунак и без спасителниот конец на Аријадна, а за кој во случајот и Кафка и Јозеф К. немаат свест за него. Така, но сега е веќе време да ја напуштиме малку теоретски „метафизиката“ на егзистенцијализмот против која се бори, а сепак не може да избега од неа, и да погледнеме во неговата жива рана од која инспиративно се напојува тој. Тука ќе се сосредоточиме, разбирливо, како илустрација на нашите бугаропасошисти, тие кои за да се извлечат од „мачнотијата на постоењето“, активирајќи ја својата итроманска интелигенција посегнале по бугарски пасоши. Оттука бугаропасошисти. Тие за да се извлечат од сиромаштијата, користејќи ја како алиби, го земаат тој мефистофелски документ како калауз за отклучување на европската врата на материјалната благосостојба во време кога Македонија не само што е перфидно изолирана туку и балканските предатори без цивилизациски пардон спроведуваат идентитетски геноцид над Македонците. А во тој геноцид како алатка покрај Грција, се користи и Бугарија, која треба да ја доизбрише докрај македонската идентитетска меморија.
Е, и токму во таквата шизофрена ситуација на Македонија со ЕУ многу Македонци го занемарија во себе целосно етичкиот морален императив, како што би рекол Кант, најзначајниот постулат на битието, кој е за него, иако атеист, еквивалент на бог. Убав парадокс. Така, запоставувајќи го тој божествен етички императив, за кусо време никнаа како печурки од бугарското политичко подземје над 150.000 македонски бугаропасошисти. Ние сега за сега се дистанцираме од квалификацијата и „продадени“, или, гогољевски речено, „мртви души“, но сепак… Ние не можеме да ја осудиме нивната природна потрага по егзистенција, во овој случај и со македонска итарпејовска интелигенција: ќе земеме бугарски пасоши, ама во срцето си остануваме Македонци. Но, сепак, дали е тоа така? Дали тука Итер Пејо не склопил андрогинска мефистофелска венчална врска со Бај Гањо? Тука сега е и прашањето на материјалното и духовното, кои тешко одат заедно. Меѓу нив секогаш зее еден непремостлив хијатус, кој може да го премости единствено „моралниот императив“ како што мисли и Кант, и тоа пак во корист на духовното. Во таа смисла, драг читателу, имено, постои таков хијатус и меѓу оние што примиле бугарски пасоши за материјална благосостојба да ја избегнат сиромаштијата, и оние можеби и многу побројните Македонци заглавени во неа што го одбиле тоа. Да. Оти јас лично познавам и некои Македонци што добро и многу добро стојат материјално, а сепак зеле бугарски пасош само и само да купат со него поевтина лимузина од Софија.
Така. Но тука, драг читателу, со феноменот македонски бугарски пасоши доаѓаме и до феноменот на расипаната цивилизација, која го гледа и намерно го одобрува тоа како добар план за идентитетска ликвидација на Македонците и за неа проклетиот македонизам, од кој еве столетие и кусур никако да се ослободи. Европа го гледа тој феномен и молчи, бидејќи се вклопува во нејзиниот сега конечно генерален план за решавање на трауматичното македонско прашање што ја компромитира неа повеќе од сè. Да. И тоа е патологија на западната цивилизација, која по сè изгледа не може да опстои без својот патолошки нагон за грабеж и ништење на цели народи, па и цивилизации, за што историјата тука е јасна. Во ред. Но дали во случајот со нашите бугаропасошисти, драг читателу, не станува збор и за една карактеристична македонска патологија, која во најново време може да ја дијагностицираме како наслабнат нагон за постоење во средиштето на својот генерички идентитет без разлика на сè. Така како што не бил тој под знак прашалник кај нашите илинденски комити и асномски партизани.
Една наша голема, но идентитетски гнила „македонска“ партија (СДСМ што не го заслужува М) посебно го репрезентира тој отсутен нагон и идентитетски елан-витал за достоинствен и рамноправен „културен натпревар меѓу народите“ (Гоце). Таа ја избриша македонската колективна шифра на битието и ги погреба заедно и со балканските и западните накази во Преспа Македонците со целокупната нивна идентитетска меморија. Главни ликови на тој грозоморен „цивилизациски“ геноциден чин беа „Франкенштајн“ од Муртино и неговиот исто така евророботизиран министер со смртоносното пенкало, кое само за еден миг направи Хирошима од Македонија. Неверојатни политидиоти, par exellence антрополошки монструми за приказ. Не знам кој друг може нив да ги портретира освен Гоја во неговите сомнабулни метафизички каприча на злото. Така. И пак забегавме во контекстуални дигресии, драг читателу, ама кои сами од себе доаѓаат и се вглобуваат во нашите мисли и во текстот во самата срцевина на нашата тема.
Жално. При крај сме со болната тема на малигната болест на македонското колективно битие сега, и тоа, парадоксално, по столетија, во кои тоа и покрај сите притисоци и ништења, останало здраво. И тоа е болен парадокс, драг читателу. Тебе ти се доверувам. А на кој друг? На Европа и Вашингтон? Или на Атина, Софија и Тирана, чии волчешки заби кон нас сè уште светат во полн сјај? Тешка е болеста што ја боледуваме и не треба да бегаме од неа, туку мора да ја гледаме и анализираме со јасна и отворена свест, со длабока сонда спуштена до самото дно на бактериите што ја разјадуваат нашата колективна душа, за спас и на колективот и на индивидуата што го репрезентира него. Потребни се јаки лекови за да се излекува тој заразен вирус, за жал во добра мерка и како идентитетска патологија. И тука пак како симптом на таа болест, драг читателу, сега се наметнуваат бугарските пасоши и македонските бугаропасошисти што се (над 150.000) катастрофичен број за македонската идентитетска судбина.
Тоа е тоа, и покрај тоа што привидно можеме да бидеме спокојни во однос на високата бројка на бугаропасошисти кај нас, кои сепак (тука сум груб) имаат проблем со идентитетот и, во крајна инстанца, не знаат ни кои се ни што се. Всушност не знаат од кај доаѓаат ни кај одат.
А можеби и Пол Гоген во таа смисла за освестување на универзалниот човек и ја насликал на Тахитите својата слика „Од кај сме, кои сме и каде одиме“, која секој Македонец треба да ја стави заедно со знамето од Кутлеш во својот дом за самоосвестување. Одговорот на нашите бугаропасошисти е: одиме во Европа, ама парадоксално во неа тие се помножени со нула. Така, иако нулата, која е најгенијалното откритие на Индусите (некои мислат на Арапите), е најзначајната математичка шифра без која модерната математика од антиката наваму и не би можела да постои. Да. Но нулата со која Бугарите ги означија нашите бугаропасошисти го означува нашето поништување, ништото кое не е будистичко како космичка хармонија и енергија, туку едноставно смрт со распаѓање, таква каква што неа, за жал, ја сфаќа трауматичната западна цивилизација во која за сметка на материјалниот исчезна духовниот човек.
Така, драг читателу. А сега да го изведеме на осветлена висорамнина проблемот со оваа идентитетска типично македонска рашомонијада. А за тоа ќе се послужиме со архетипската слика на гумното како слика на едно племе или заедница, во основа архаична, типична за магиската култура. Гумното, кое всушност веќе со модерната земјоделска технологија исчезна од нашата свест. Тоа е сликата на вравот со житни снопја за вршење на чија средина има стожер за кој се врзани со јаже коњите што вршат. Јас сум селско дете и сето тоа е длабоко врежано во мојата детска свест. Тоа е сликата што посебно во митологијата на Индусите го симболизира вечното враќање на времето на сликите од нашето минато, оживувајќи ги и не дозволувајќи тие да исчезнат во непостоење. Во заборав. Филозофската религија што од европските мислители посебно ги маѓепса Шопенхауер и Ниче.
Гумното. Тоа е архетипска слика на храм. А храмот, пак, според сите параметри на психоанализата, посебно онаа на Јунг, е слика на битието во која на средина е курдисан бог како наш психички епицентар. Во него кај Индусите се вкрстуваат во златен и математички пресек линиите на Атман и Брахман, на земното и небесното. Но да се вратиме конкретно на гумното, кое сепак не го одделуваме од неговата архаична митска слика на аналогиите. Неговиот краен резултат е овршеното жито, кое по аналогија го симболизира племето, родот. Да. Но работата не е завршена. Златните житни зрна, кои во нашиот случај со бугаропасошизмот ја симболизираат есенцијата на националното битие, треба, од насобраниот куп, да се одвојат (одвеат) од плевата и каколот, важен обреден антрополошки чин. Да. И тоа по симболошка, архетипска аналогија е одвојување на здравото од болното, на семето што ќе роди златен род од она што е гнило и ќе изгние во браздата ако се посее во неа.
Тоа е тоа, драг читателу, а имаме проверени информации дека каколот што го одвојува ветерот на Светиот Дух од здравото житно зрно во нашиот град е присутен и во нашите владини структури на претходната, ама и на оваа власт. А тие не се егзистенцијалисти (да страдаат за леб), туку евротуристи, заедно и со нивните деца. Тоа е тажната македонска вистина на македонскиот бугаропасошизам и македонските бугаропасошисти, кои се натоварени според своја согласност со најсрамниот товар за една индивидуа што за тој пасош потпишува еден срамен документ на бугарската хиена. Таа што ги понижува и ликвидира целокупното твое достоинство и самопочит (ако воопшто и си ги имал), а тоа е потпишувањето на документот во кој не само што се декларираш ти како Бугарин или Татаротуркмен (сеедно) туку потпишуваш истовремено и дека и твоите родители, предци и прапредци се тоа, без да имаат можност да реагираат на твоето богохулство од гробовите во кои легнале и кои, најпосле, се света шифра на македонскиот идентитет. Е, тоа е веќе непростлив грев, драг читателу, пред својот род, пред себе и пред бог. Затоа никаков мотив на егзистенција тука не важи за изговор. Бескрајно тажно и срамно, но здравото житно зрно на гумното на родот е одвоено од каколот и плевата и тоа е важно. Ослободено е битието од траума. Nocturno. De profundis. Memento mori.