Иако не се сметам за националист, решив да напишам една колумна што некои домашни инструирани промотори на европеизмот и заевизмот може да ја оценат како националистичка, зашто во нивната перцепција дури и одбраната на националните интереси на македонскиот народ се става во графата национализам. А национализмот, нели, е опиум за народот. Опиум политички, се разбира, не е тоа онаа дрога што Зоран Заев ја пропагираше како блескав просперитет за државата. Во оваа колумна во главните улоги се измешани Македонци, Албанци, Бугари и други артисти вклучени во големата куклена претстава за можно македонско-бугарско помирување.
Според најновиот репертоарски распоред и владиниот кастинг, клучните сцени во расплетот на драмата треба да ги одиграат тројца мажи и една дама. Мажите Албанци, дамата Македонка. Бујар Османи, Артан Груби и Јетон Шакири се мажите, Бисера Костадиновска-Стојчевска е дамата. Османи како режисер, а Груби (штета што е Груби, а не е Артан Фини), Шакири и Костадиновска-Стојчевска како актери од трупата наречена Четврта меѓувладина работна група, која во фокусот на преговорите со Бугарија ги има културата, образованието, науката, туризмот, младите.
Како релативно млади, со не долго политичко искуство, а на високи функции, привлекуваат внимание нивните образовни и работни биографии. Не е на одвишок накратко да ги наведеме, за да се види подобро кои се одбраните репрезентативци што ќе го играат четвртото полувреме во неизвесниот натпревар со Бугарија. Министерот Османи завршил Медицински факултет во Скопје, докторирал тука, специјалист хирург. Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, дипломиран новинар на Правни факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, „лепи дечко“ што докторира на Факултетот за социјални и политички науки при Државниот универзитет во Тирана, на тема „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко-општествени промени“. Од познавачи на состојбите во партијата ДУИ, каде што Артан зазема високи функции, може да се чуе дека ако Али Ахмети ги држи клучевите од џенетот (рајот), во џебот на Груби се од џенемот (пеколот).
Стружанецот Јетон Шаќири, министер за образование и наука, дипломирал на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово, магистрирал во Струга, а на Универзитетот во Тирана ја одбранил докторската дисертација, насловена „Банкарскиот надзор и предизвиците од спроведување на Базел II и Базел III во Република Македонија (Анализа според поуките од финансиската криза од 2008-2009 година)“. На горното трио му се приклучува госпоѓата Бисера Костадиновска-Стојчевска, чија биографија сѐ уште не е објавена на сајтот на Министерството, е професорка на Педагошката академија во Битола, поранешна пратеничка со скафандер, а сега министерка за култура и потпретседателка на СДСМ. Одличен стручен и естетски декор во преговарачкиот квартет и потврда за еднаква национална и родова застапеност
Значи, горенаброените ќе ги водат клучните, вистинските разговори за оспорениот идентитет на македонскиот народ, за автентичноста на неговата историја, јазик и писмо. Таму каде што е епицентарот на судирот. Во нивни домен ќе бидат расправите за Гоце Делчев и за другите историски личности. Тие ќе дебатираат за учебниците, за научните и ненаучните гледања. Тие ќе треба да им плеснат в лице на Румен Радев и на Кирил Петков дека македонскиот народ не е вештачка творба на Коминтерната и измислица на Тито, не е создаден во 1944 година.
Оваа екипа сигурно нема да биде замена за македонскиот дел од Заедничката комисија за историски и образовни прашања, која од македонска страна ја води кандидираниот академик Драган Георгиев. Но нормална е претпоставката дека, освен министерството на Бујар, групата на Артан, како владино официјално тело, ќе биде со поголеми ингеренции и ќе може да диктира, да одредува и да наредува. Можни се тука и непредвидливи внатрешни спорови, не ќе може да тече сѐ мазно како што ќе тече во трите други работни групи, кои третираат прашања во кои речиси ништо не е спорно, односно сѐ може брзо да се договори, а бавно да се реализира.
Во дел од македонската јавност (кај Македонците националисти) рие црвот зошто решавањето на националното прашање на македонскиот народ, тоа неугаснато балканско буре барут, им е дадено во рацете на албанските владини кадри што преовладуваат во тој систем. Никола Димитров исклучен, Груби вклучен. Плус, како што се слуша, Албанка идна амбасадорка во Софија. Треба да си баба Ванѓа да погодиш дали овие решенија се случајни или намерни.
Има две спротивставени мислења. Според едното, ваквиот распоред се оценува како македонска национална катастрофа, неспособност на македонските кадри уплашени што може да се случи со нивната кариера. Сомневањата одат дотаму што се смета дека ова е намера албанските политички претставници да ја преземат одговорноста за неповолните решенија за Македонија, а македонските да избегнат од одговорноста и од можните обвинувања за национално предавство. Не е за верување, но има логика, особено ако се регистрираат понижувачките постапки на дел од А-тимот на Владата, поранешна и сегашна.
Кон ова мислење се додава сѐ поочигледното однесување на министерот Османи. Низ велемајсторски изложената реторика, несекојдневна за доктор, специјалист хирург, редовно се труди да го избегнува користењето на термините македонски народ и Македонци. Османи зборува за народи, за држави и за граѓани. Излегува дека не е национален, туку интернационален министер. Поточно, повеќе ги застапува интернационалните одошто интересите на Македонците во Македонија (Северна). Претерувањата одат дотаму што во кулоарите на самото министерство го озборуваат дека повеќе е загрижен за политиките на Косово и за приемот на Албанија во ЕУ, одошто за приемот на Македонија. Всушност, и интенциите и постапките на неговата партија ДУИ ги поткрепуваат тие кулоарски шаради.
Другите погледи ја вртат сликата наопаку. Според нив, одлично, дури и мудро им е префрлена топката на албанските кадри во Владата. Овој дел од дружината мисли и се надева дека Албанците, ДУИ пред сѐ, ќе се борат за националните интереси на Македонците во спорот со Бугарија исто како што се борат за остварување на своите национални интереси во Македонија.
Како што се изборија за својата историја, за својот јазик, за застапеноста во институциите, со иста жар ќе влезат во заедничка борба со Македонците, за овие вторите да си ги зачуваат својата историја, својот јазик, своето писмо, својот национален идентитет. Од нив се очекува да бидат најголемиот сојузник.
Како што живо и здраво се интересираат за судбината на своите сонародници на Косово, така ќе ги поддржат правата на македонското малцинство во Бугарија и нивните човечки права. Очекувањата во оваа смисла би биле логични, ако однапред не се песимистички, како што би биле очекувањата дека бисти со ликот на Гоце Делчев ќе има на плоштадите во Тетово, Кичево или во Струга, како македонски градови. Нормално би било ваквите идеи да бидат поддржани од Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и од другите конститутивни и неконститутивни етнички заедници во Република Македонија, пардон Северна.