Додека ние тука се занимаваме со тоа како ДУИ, по Хамлет, откри дека нешто е гнило во државата Данска, дали е подобро Таче да меша сендвич со мортадела и сок од боровинка или да им тверка на Бугарите, кои, патем, тука имале некој културен соработник на Гебелс, кој се дере по телевизии и секогаш се фаќа за пиштол кога ќе слушне за македонска нација, додека нашата новинарска ресавска школа којзнае по кој пат откри дека Русија ја губи војната, а мене ме мрзи да ги потсетувам како излегоа смешни изигрувајќи Мерлинки по нападот врз Кримскиот мост, додека некој лик ни објави дека тетовирал иницијали З.З. на срцето, па ние сега мора да си ја маваме главата дали мислел на Зинедин Зидан или Зона Замфирова, во светот се случуваат небитни работи.
Обединети нации. Русија поднесе резолуција за борба против глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и други практики што придонесуваат за ескалација на современите облици на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција. ЗА резолуцијата гласаа 105 држави. ПРОТИВ се изјаснија 52, а 15 кажаа дека се ВОЗДРЖАНИ. Оттука, имам една добра и многу лоши вести.
Обединетите нации ја усвоија резолуцијата на Русија. Тоа ги обврзува државите да преземат мерки против сите појави на нацизам и неговите изопачени форми. Нормално, ако зборот на ОН нешто тежи. Ние знаеме дека не е така. Никој веќе, како што вели баба ми, не ги става на газот. За тоа сами се виновни. Оти и самите понекогаш глорифицираат нацизам. Како нацизмот на Европската Унија изразен преку Лисабонската декларација. Сепак, ова гласање покажа дека две третини од планетата Земја се антинацисти. Тоа е добрата вест.
Одиме со лоши вести. Третина од планетата нема проблем да глорифицира нацизам. Тој дел од светот е познат како родител на колонијализам, империјализам, робовладетелството, расизам, шовинизам, нацизам, фашизам и комунизам. Името му е Запад, факинг Запад. По форма, вообразен и самобендисан во својот елитизам, ама во суштина, геноциден, расистички и, во последно време, доста нацистички расположен. Сеедно што глуми отвореност, цивилизираност и се расфрла со вредности.
Западни вредности. Музеи полни грабежи. Граници отворени за мигранти зашто треба евтина работна сила. Човекови права како совршена пералница за пари. Лицемерна промоција на антирасизам преку клечење на стадиони за да се прикрие изопачената алчност спроведена низ африканскиот континент, затоа што дијамантите се вечни. Убиство на милиони Ирачани, Либијци, Сиријци и Авганистанци за да им се украдат нафта и опиум. Ќе се наречеше геноцид ако го спроведеа Руси или Кинези.
Западот е геноциден. За сè се виновни велосипедистите и Евреите. Зошто велосипедистите? Позната анегдота од времето на германскиот нацизам. Наместо Евреи, ставете Руси и нацизмот останува нацизам, а на Запад ништо ново. Германските нацисти го забранија Ремарк. Денес, Полјаците, како дел од западната антируска расистичка хистерија, го забранија Роцер Вотерс. Украина бара да се забранат делата на Достоевски, Толстој, Гогољ. Која е разликата? Некогаш Евреите, Словените и Ромите низ Европа беа транспортирани во конц-логори и завршуваа во гасни комори. Денес западната изопачена моќ спроведува идентитетски геноцид врз македонскиот народ. Ни се забрануваат идентитет, јазик, историја. Не сме тргнати накај гасни комори, ама и Германците прво почнаа со забрани.
Русјаков, твојава политичка некоректност ќе заврши како мелено месо во нашата кансел-култура.
Западот измисли политичка коректност и кансел-култура, алатки преку кои ти порачуваат дека имаш право само на нивно мислење. Птицата е слободна, напиша Елон Маск откако го купи „Твитер“, ама некојси таму бирократски шраф од Брисел, не се ни потрудив да му го запомнам името, врати дека птицата во ЕУ ќе лета само по нивните правила. Не ме интересира тепачката меѓу елитите, ама не слушав вакви коментари кога „Твитер“ и „Фејсбук“ го цензурираа Доналд Трамп. Ете ви ги западните тоталитарни умови и нивната лицемерна смрдеа за која пишуваа Земјатин, Хаксли и Орвел.
Русјаков, а бе, доста јадеш гомна против западните вредности, што не кажеш нешто за диктаторите Путин и Си Џинпинг?
Чудно, ама Едвард Сноуден побегна во Русија, а Џулијан Асанж скапува во затвор среде Британија. Јас ниту живеам во Русија, ниту творам во Кина. Околу мене е новиот западен тоталитаризам, зачинет со глорификација на нацизмот и неговите изопачени форми. Оние што се гадат од моиве ставови и секако би ми забраниле да пишувам или би ме пикнале в затвор, таму некаде во својата плиткост (не можам да кажам, длабоко во себе) се обични мали нацисти, кои залудно се доживуваат како цивилизирани величини.
Ама мора да пишувам. Уметник сум, чувствувам одговорност. Македонија, сега окупирана, е мој дом. Тука, среде Запад, а не во Русија или Кина, ми го одзедоа правото да бидам Македонец, насила го сменија името на мојата татковина во Нордистан и, патем, под диктат на Рајхстагот во Брисел, мора да ги прифатам сите нацистички барања на Грција и Бугарија како услов за да им се напикам во тоа забеганиот елитистички клуб. Уште ми доаѓа онаа фројлан од ЕУ, на која Путин изгледа ѝ го украл демократскиот чип од главата, па ми прави генетски инженеринг среде собрание. Додуша ѝ се може, додека тукашни чипирани послушници паѓаат во несвест по западни бирократи, макар тие ширеле нацизам и варваризам.
Овој Нордистан, а некогаш Македонија (од Лисабонската декларација наваму, силувана од западната наци-елита, политичките квислинзи тука и нивната интелектуалната бижутерија), исто така, гласаше против резолуцијата за борба против глорификацијата на нацизмот. Не се зачудив.
Нордистан е зомбифициран наци-камп. Во него се слават цар Борис Трети и Џемо Хаса. Зоки и Таче се Цветковиќ и Мачек. На Македонците им е забрането основното човеково право на самоидентификација. Преку историски комисии Нордистан цензурира историски вистини. Забранува книги, филмови, серии. Апси уметници. По затвори скапуваат невини луѓе осудени на драконски казни во монтирани политички процеси. Власта и опозицијата шират антируска хистерија, русофобијата полека добива расистичка димензија. Нордистан е совршен пример за глорификација на нацизмот. Затоа така и гласаше. А нордистанските медиуми се толку слободоумни што ниту еден не ја пренесе оваа вест.